Македонските власти и бирократите од Брисел деновиве ги усогласуваат календарите за почетокот на скринингот на македонското законодавство, што е прв и основен чекор пред условениот почеток на преговорите за членство во Европската Унија, најавен за нешто помалку од една година. Објавувањето на официјалниот старт на процесот се очекува за десетина дена, кога еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ќе допатува во Скопје.
Инаку, скринингот е процес на скенирање на законодавството на земјата-кандидат и проценување на степенот на подготвеност и усогласеност на нејзиното со европското законодавство, во жаргонот на ЕУ попознато како „аки коминотер“, инаку мошне жива материја, со која, и по евентуално постигнување на полноправното членство, секогаш ќе биде потребно усогласување.
Скринингот, пак, е техничка работа, во која бирократите од Европската комисија на своите колеги од Македонија ќе им ги објаснат законските решенија на ЕУ за секое од 35-те поглавја, додека македонската страна треба да го презентира степенот на усогласеност на домашното законодавство, напредокот и она што останува да се направи.
Иако тоа, како што веќе е речено, е техничка работа, станува збор за детален процес, во кој кандидатите се подготвуваат за преговорите со ЕУ, кои, пак, според последните искуства, можат да бидат навистина макотрпни и долготрајни.
Самиот скрининг, како вовед во преговорите, обично трае околу една година и доколку коректно се спроведе, може да претставува солидна база на информации, врз чија основа земјите-членки на ЕУ потоа ќе ги носат своите одлуки во процесот на преговори со кандидатот за зачленување. Поглавјата за кои се преговара всушност се делови од јавните политики на државите, од животната средина, образованието и културата, преку статистиката, социјалната политика и вработувањата, до даноците, енергетиката, правосудството и надворешната и безбедносната политика.
Во текот на овој процес, Европската комисија, како што е најавено, планира да се фокусира пред сѐ на поглавјата 23 и 24, односно на правосудството и основните права и на прашањата од областа на правдата, слободата и безбедноста. Тоа се и првите поглавја, кои, во согласност со новиот пристап на ЕУ кон земјите-кандидати, ќе бидат отворени в година, во ова време. Освен тоа, започнувањето на скринингот со овие две поглавја е од голема важност и во однос на условите што ѝ беа поставени на Македонија за добивање на датумот на преговори, односно реформи во разузнавачките служби и борба против корупцијата и криминалот. Наедно, двете поглавја се покажаа и како најтешки за повеќето понови кандидати за членство во Унијата. Имено, поглавјето 23 опфаќа реформа на правосудството, антикорупциска политика, основни права и правата на државјаните на ЕУ, додека поглавјето 24 се однесува на прашањата за миграции, азил, контрола на надворешните граници, визна политика, полициска и царинска соработка…
Без да навлегуваме во претпоставки што точно ќе им биде презентирано на гостите од Брисел, само еден површен преглед на информациите што секојдневно се објавуваат не само од наведените области туку и од јавниот, односно државниот сектор во целина, е обесхрабрувачки. А ако воопшто и можат да се поправат нештата, тоа, секако, ќе биде навистина долготраен процес.
Притоа, нормативниот дел воопшто не е проблем, законите можат и да се напишат и да се препишат, но нивното неспроведување е она што веќе се потврди како заеднички деноминатор за сите неправди, дискриминации, пропусти и, воопшто, за селективната правда.
Не дека на државата ѝ недостигаат закони, има и премногу. Ѝ недостига закон за спроведување на законите со кој би се сосекле и техничките и политичките корени на овој проблем.
Но да почнеме од почеток. Во одредени периоди од плуралниот систем во земјава се случуваше вистинска хиперпродукција на законите, како резултат на одредени состојби во чие расчленување сега веќе и нема потреба да се навлегува. Она што е потребно е да се потсети дека тие беа носени во итни постапки, при што самите процедури неретко беа оспорувани. Уште побитно е да се потсети оти тие не беа следени со донесувањата или измени на неопходните подзаконски акти, така што останаа неприменливи, а со нивното донесување автоматски беа ставени надвор од сила претходните законски решенија за соодветните области. Од другата страна, законите што беа применливи најчесто не беа проследувани со извештаи за ефектите од нивното донесување, така што остана непознато дали тие се добри или лоши.
А кога оваа ефективност не се мери, законодавството и принципот на владеење на правото секогаш лесно можат да се релативизираат, што не е добро ниту за оние што ги носат и спроведуваат законите ниту за оние врз чиј ’рбет тие се прекршуваат. Не попусто се вели дека процесот на донесување закони е многу скап, а процесот на донесување „лоши“ закони и нивни измени е уште поскап. Притоа, воопшто и не се најважни парите што се трошат за подготовката и за донесувањето на таквите закони. Многу поважни се штетите што државата и општеството ги имаат од нивната примена, а тие се болестите со веќе пандемиски размери, какви што се непотизмот, поткупот и корупцијата, проследени со ексклузивност, априорност и недоследност од една страна, и чувството на материјална обесправеност, социјална исклученост и нееднаквост по сите основи. Впрочем, статистиките за криминалот, корупцијата, сиромаштијата, здравствената состојба на населението, иселувањето… потврдуваат колку е голем расчекорот помеѓу постојната регулатива и реалноста.
И ако се раководиме од медицинската терминологија во која скринингот подразбира примена на различни тестови за рано откривање на болеста, во моментот кога симптомите сѐ уште не се присутни, се плашам дека за Македонија примената на овој дијагностички метод е непотребно губење време. Симптомите одамна се и присутни и видливи, на државата ѝ треба итно лекување, пред сѐ од непочитување на законите и на процедурите за нивно донесување. И тоа не само за да се одоброволат бирократите во Брисел туку пред сѐ конечно да почне да се лекува организмот, кој неоправдано долго беше оставен во студена чекалница, додека истите тие бирократи низ сопствените правни лавиринти ја влечкаа благородната идеја за обединета Европа.