И додека нашиве политичари се прават „слепи при очи“ и освен евтините приказни за Европа немаат ништо реално да им понудат на своите граѓани, на народот му дојде преку глава од европските неисполнети ветувања, превртливост и лицемерство, па директно го кажа тоа преку последните анкети, кои покажуваат огромен пад на довербата кон ЕУ
Постојат некои работи во животот што не може да се кажат директно, едноставно се непријатни за оној што треба да ги слушне, па затоа најчесто тие се соопштуваат поинаку, во некаква завиткана форма, за да може да се разберат читајќи меѓу редови.
Очигледно домашниве политичари или не знаат или, пак, не сакаат да го читаат меѓу редови она што Европа постојано им го кажува, дека полноправно членство во ЕУ за Македонија е невозможна мисија во следните најмалку 20, па и повеќе години, ако не и воопшто.
Попусто одредени политичари се расфрлаат со прогнози дека земјава ќе стане членка на ЕУ можеби за пет, седум, десет или 15 години, кога бирократите во Брисел добро знаат дека тоа нема да се случи во толку „блиска“ иднина.
Тоа пред извесно време најочигледно можеше да се воочи од самата ЕУ кога не ги покани македонските граѓани и преостанатите од регионот да ги изнесат сопствени визии и идеи за иднината на ЕУ, со што директно порача дека луѓето од овие простори нема што да размислуваат за иднината на Унијата бидејќи нема да бидат дел од неа, па подобро да си размислуваат за сопствената иднина.
Тука не треба никаква умешност за читање меѓу редови оти сè е кажано јасно: сонувајте за ЕУ, а јавето живејте си го на Балканот. Она што сакаше Европа да го направи тука, веќе го оствари, така што Брисел не гледа потреба овие земји да се зачленуваат во Унијата и „да им внесуваат дополнителни проблеми“. Ги распослаа низ Балканот своите мултинационални компании, добија евтина работна сила и остваруваат огромни профити благодарејќи на привилегиите што им ги дава државата, за разлика од домашните компании, кои се оставени на милост и немилост.
И додека нашиве политичари се прават „слепи при очи“ и освен евтините приказни за Европа немаат ништо реално да им понудат на своите граѓани, на народот му дојде преку глава од европските лаги и лицемерство, па директно го кажа тоа преку последните анкети, кои покажуваат огромен пад на довербата кон ЕУ.
Годините уцени, понижувања, себеоткажувања и самоуништувања ја урнисаа сета желба кај Македонците да станат дел од европското семејство, па од речиси 100-отстотна поддршка порано, сега таа се сведе на 50 отсто, а како што тргнала работата за година-две ќе падне и под 30 отсто.
Веќе и со овој процент на доверба кон ЕУ актуелните политичари можеби е време да почнат да го преиспитуваат курсот и да престанат со папагалското повторување дека „ЕУ нема алтернатива“. За сè има алтернатива, само некој треба да е способен да ја најде. Ако Европа ни е потребна за да ги спроведуваме реформите дома, тогаш очигледно сѐ уште не сме зрели како општество. Досега ги донесовме и ги усогласивме повеќето европски закони со домашното законодавство, но проблем е што ниту еден закон не се применува во практиката. Дури и тие што профункционираа европски, експресно беа „македонизирани“. На преостанатите им ставија европско знаменце, па и тие станаа европски. Значи не е проблемот да се европеизира Македонија оти таа де факто со повеќето закони што ги има е европеизирана дури и повеќе од некои членки на ЕУ, туку најголем проблем е како да се европеизираат луѓето што раководат со државата и со институциите. Сите тие политичари и функционери од власта и од опозицијата пред себе секогаш треба да ги имаат големата слика и визија за иднината на државата, наместо како што беше досега да размислуваат и дејствуваат кусогледо и исклучиво во интерес на своите партии.
Со партизирана администрација, институции, судство, образование, здравство, култура, спорт, не може да се европеизира земјата, а уште помалку таа да почне да функционира како нормална држава.
Деновиве момчиња на 18-19 години (можеби и помлади) низ населбите разнесуваат промотивен партиски материјал за локалните избори, уште од млади инволвирани во една машинерија за производство на шарени лаги во кои никој сериозен повеќе не верува. Нормално, оваа држава 30 години креира уште од млади години партиски послушници, кои беспоговорно ќе ги извршуваат задачите дадени од лидерот, така што приказните за „европеизација дома“ веројатно ќе се продаваат само на партиските памфлети. А хартијата трпи сè, па ќе истрпи уште едно празно ветување.
И во ситуација кога ЕУ не нè шиша, а самите не знаеме да се „потшишаме“, прашањето што си го поставува секој граѓанин што искрено си ја сака својата држава е зошто продолжуваме да одиме упорно со главата во ѕид? За какви цели едноставно се самоукинуваме и се претвораме во народ без име, идентитет, без корен и историја?
И наместо слепо да чекориме во провалија, треба уште еднаш добро да ги преиспитаме нашите позиции.
По корпата од ЕУ, треба добро да се осмислат сите идни чекори, кои не смеат на бидат на штета на нашите национални и државни интереси.
На крајот на краиштата дури и утре да станеме членка, чуму ако престанеме да бидеме Македонци?
Нешто за крај. Господа политичари, овој народ е уморен и понижен, а ако тоа не го гледате од зад затемнетите фолии на вашите службени „пасати“ и „мерцедеси“, излезете почесто на улица меѓу обичните луѓе, а не меѓу партиските активисти и поддржувачи. Тие ќе ви кажат што мислат за вашите политики, но и за ЕУ и за Грција и за Бугарија, тие ќе ви кажат вистински, наместо вашите евтини и празни приказни.