Идеалите и вредностите на Илинден никако не се поразлични од основните светски вредности за слобода, правда, праведност, демократија… Во секој исчекор спрема светот, Македонија треба да биде достојна на својот Илинден!
Не треба да постои никаков простор за сомневање дека Илинден е точката на пресек на македонизмот, како идентитетско постоење на еден народ, како идеја, идеал, како реалност низ историјата, но и извориштето на принципите на македонската државност на кој треба да се потпира и иднината на Македонија. Илинден, секако не е почетокот на македонизмот, а неговата суштина никако не е поврзана со фатализам и крај, туку само со преродба и верба за опстојување на еден народ низ времето и низ секакви искушенија. А искушенијата постојат во секое време и простор, за секој човек, за секој народ, па и за целото човештво, како предизвик да се покаже дека сме достојни да го зачуваме сопственото постоење.
Уште едно илинденско празнување одбележи Македонија, на 2 август 2020 г.: 117 години од Илинденското востание во Крушево 1903 година и 76 години од одржувањето на заседанието на АСНОМ во 1944 година. Иако не беше некој заокружен јубилеј, пораките и потврдувањето на значењето на празникот за Денот на републиката, за Македонија секоја година претставува своевидна лакмус-хартија на која се покажува подготвеноста на современата домашна политичка елита, но и на народот да ги чува и да се придржува кон вредностите на двата Илиндена. Се чини дека особено сега таквите очекувања од пораките беа нагласени, бидејќи Илинден во оваа 2020 година се одбележуваше во услови на светска пандемија на ковид-19, која наметнува ограничувања за масовни прослави и собирања, толку карактеристични за овој празник. Освен тоа, годинашново илинденско празнување се одржа во еден уште поспецифичен политички миг во земјава, на помалку од дваесетина дена по одржувањето на предвремените парламентарни избори, во период на многу политички шпекулации и неизвесност за составот на идната влада. Всушност, денеска, еден ден по илинденското празнување треба да се одржи конститутивната седница на Собранието и да започнат официјалните партиски разговори за коалицирање и формирање влада.
Во таков општествено-политички амбиент, од говорите на политичкиот врв на земјава, (од Пелинце, Скопско кале и Крушево) за Илинден, се слушнаа повици за заедништво и за надминување на поделбите, истакнување на членството во НАТО и плановите за интегрирање во ЕУ, економските предизвици, напорите за правна држава и борбата со пандемијата на ковид-19… Не изостана ни поентата дека Македонија „треба да се гради како граѓанска држава, која ќе биде слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници, едно општество за сите“… Секако, сите тие пораки во говорите на претседателот Пендаровски, техничкиот премиер Спасовски, заменик-спикерот на парламентот Мисовски, па дури и на претседателот на Собранието, Џафери (кој поради здравствени причини упати само писмена порака)…, може да се каже дека се сосема во духот на вредностите на Илинден. Но во јавноста не останаа незабележани внимателноста и напорот во официјалните говори на политичарите дискретно да се избегне споменувањето на именката – Македонија, всушност името на државата.
Очигледно, менувањето на уставното име на државата и понатаму е чувствително политичко прашање, кое може да предизвика поделби во општеството, наспроти апелите во говорите за надминување на поделбите. Но за денот на Илинден чиј основен идеал е токму Македонија, таквата „дискретност“ се чини толку несоодветна и забележлива, што користењето еуфемизми за името на државата се претвори во предизвикувачка „индискреција“. Како контрапункт на таквите обиди за политичка коректност се гласните довикувања од група граѓани „никогаш Северна, само Македонија“, на прославата во Крушево.
Партиските лидери, пак, своите илинденски пораки, повеќе или помалку ги искористија за повторување на своите актуелни политички позиции и амбиции, а значењето на Илинден се чини беше само уште еден повод за редовните вербално-политички престрелки. Некои од лидерите илинденското обраќање го искористија дури и за отворање на интерна партиска „дискусија“, која се претвори во јавна престрелка на социјалните мрежи.
Колку и да е непријатно, не може да се избегне „современата историја“ на инциденти, кои се случувале токму на празнувањата за Илинден, предизвикани од актуелна партиско-политичка нетрпеливост. Таквата „историја“ во јавноста создаде непријатно стрепетење каков вид инцидент би можел да се случи на Илинден. За жал, и ова илинденско празнување не помина без таква инцидентска тензија во Крушево, создадена од физичката пресметка меѓу членови на илинденската коњица од Скопје и жител на градот.
Какви и да се искушенијата на денешницата, политичкиот амбиент на современото општество, амбициите за геополитичко позиционирање на државата, Македонија и нејзините граѓани не смеат да отстапат од вредностите на двата Илиндена за слобода, правда, обединетост, напредок и своја културно-идентитетска посебност во светот. Идеалите и вредностите на Илинден никако не се поразлични од основните светски вредности за слобода, правда, праведност, демократија… Во секој исчекор спрема светот, Македонија треба да биде достојна на својот Илинден!