За жал, луѓето се покажаа како крајно несовесни потрошувачи на вода. Според одредени истражувања, за производство на само еден хамбургер се трошат неверојатни 2.400 литри вода (тука предвид се земени и сите производи од кои истиот тој се произведува, а за кои е потребна вода)
Водата што денес ја пиеме во една или во друга форма, била на земјата уште во времето кога нејзини единствени жители биле диносаурусите пред стотици милиони години. Според голем број истражувања, количеството на водата на земјата низ годините останало исто, континуирано рециклирајќи се, почнувајќи од атмосферата за да заврши во нашите чаши. Меѓутоа, бројот на жители на земјата низ годините експлозивно порасна, а нивното однесување е сѐ понесовесно и понеодговорно.
Тоа значи дека секоја година, трката за чиста и безбедна вода за пиење, готвење, затоплување, ладење и капење е сѐ посериозна.
Пивката и свежа вода за пиење е многу мал дел од планетата Земја и покрај фактот што дури 70 проценти од површината на нашата планета е вода, само 2,5 проценти од неа е свежа. Преостанатата е во океаните. И во тој случај, од тие 2,5 проценти, нам ни е достапен само еден процент од свежата вода, бидејќи остатокот е заробен во глечерите и снежните полиња. Всушност, само 0,0007 проценти од водата на планетата се достапни за речиси седум милијарди жители.
Зависно од географската положба, климата и многу други фактори, некои региони изобилуваат со свежа и пивка вода, додека други имаат недостиг. Некои и таа што ја имаат е загадена и не е безбедна за консумирање.
За жал, луѓето се покажаа како крајно несовесни потрошувачи на вода. Според одредени истражувања, за производство на само еден хамбургер се трошат неверојатни 2.400 литри вода (тука предвид се земени и сите производи од кои истиот тој се произведува, а за кои е потребна вода).
Според Обединетите нации, потрошувачката и потребата за вода е двојно зголемена во споредба со бројот на жители на планетата во изминатиот век. Се проценува дека до 2025 година, 1,8 билион лица ќе живеат во региони каде што водоснабдувањето ќе почне да претставува сериозен проблем и сето тоа како последица на потрошувачката, растот на бројот на жители, растот на градовите и климатските промени.
Па сега убаво размислете пред да седнете во дворот во ладовина со пуштено црево што ви ги лади нозете на овие временски услови.
Дури и јавното претпријатие „Водовод и канализација“ излезе со голем број апели до жителите на градот рационално да ја користат водата, да не претеруваат со нејзиното недомаќинско трошење.
За жал, секое лето состојбата е иста. Наголемо се купуваат и полнат базени, вода истекува на сите страни, се прскаат со прскалки… базени се полнат на дневна основа, наместо домаќински и економично да ја чуваат и обезбедат водата за во неа да можат да се капат и разладуваат неколку дена. Вака сметката излегува поевтина, бидејќи само се пушта цревото и базенот се полни. Но до кога ќе издржи Рашче?
Дали некој се запрашал што ако изворот престане да ни го дава еликсирот на животот?
Во првите одделенија од основното образование, една од првите работи што се учи е дека за живот, меѓу другото, е потребна и водата. Очигледно ние возрасните заборавивме на тој податок, бидејќи несовесното и нагло зголемување на потрошувачката го покажува тоа.
Според минатогодишните податоци на Еуростат, жителите на земјите од Европската Унија просечно трошат околу 200 литри вода дневно, додека во Македонија просечната потрошувачка достигнува до 323 литри по жител дневно. Само во Скопје во лето секој жител во просек троши околу 500 литри вода.
Годинава, како што летото некако нагло ни дојде, потрошувачката на вода почна да расте уште овој месец, а според некои статистики, вообичаени месеци кога се забележува зголемено трошење на водата се јули и август.
Сите зборуваме за климатските промени, иако сите ние сме причина поради која тие се случуваат. Кога свесно знаеме дека ние сме причината поради која ни се случуваат големи суши и топлотни бранови, а последицата од тоа е недостигот од вода, свесно или не, ние самите придонесуваме за тоа што поскоро да останеме без водата, која можеби нам сега тука не ни е луксуз, но многу лесно би можела да стане.
Сите предвидувања и анализи говорат дека поради влијанието на климатските промени Балканот ќе станува сѐ потопол регион, а тоа значи помалку врнежи, што директно води кон помалку вода во реките, езерата и изворите од каде што се снабдуваме со вода за пиење.
Па следниот пат кога ќе одлучите да се разладувате со црево во двор и во базен, убаво размислете дека децата за кои го полните базенот, во блиска иднина би можеле да останат без вода за пиење. Затоа, пронајдете други интересни и инвентивни начини за разладување. Прво и основно е неизлегувањето на жешково и останувањето дома, со што директната изложеност на сонце ќе биде избегната, а со тоа и потребата за „шлапкање“ во вода.