Ова ќе биде единствената кампања досега во која политичките партии треба и мора да имаат не само иста, туку и заедничка цел – целава ситуација да се надмине со што помалку човечки загуби и материјални штети. Секое и најмало отстапување од тоа би требало автоматски засекогаш да ги елиминира од политичката сцена. Се разбира дека решенијата што притоа ќе ги нудат, веројатно, често ќе бидат различни, но не смее да се остави ниту најмал простор за сомневање оти тие нема да тежнеат кон поставената цел. Битката, според последниве прогнози, ќе трае можеби и подолго отколку што се очекуваше во прв момент и ќе се разгори во вистинска војна, така што веројатно нема ни да издржат сите докрај, што само ќе покаже оти некои политички субјекти воопшто и не биле дораснати за некакви посериозни потфати
Само пуста среќа, досега, ја чуваше земјава од поголем број заразени од коронавирусот, иако бројот на новозаразените во изминативе денови навестува помалку поволен развој на ситуацијата. Но колку и да звучи можеби грдо, тоа би била само логична последица на сето она што (не) беше сторено во изминативе децении во областите на здравството, образованието, правосудството…
Самоуверениот професионален настап на министерот за здравство Венко Филипче, кој засега остава мошне позитивен впечаток во јавноста, не може да ги покрие слабостите на здравствениот систем. Тој и во редовни услови функционираше како антисистем, што, впрочем, најдобро се покажа во текот на минатогодишната епидемија од мали сипаници. Причина за тоа е што јавното здравство со години систематски беше осакатувано заради форсирање некои приватни проекти. Исто како и образованието, чие долгогодишно занемарување резултира со неспособноста, во овие околности, да се почне онлајн-наставата и со тоа не само да се спречи губењето на часови туку и да се намали можноста децата и младите, поради неангажираноста, да шетаат околу и да ја шират заразата. Резултат на лошата образовна политика конечно се гледа и во неспособноста на врвните правни експерти да ја дефинираат актуелнава состојба во земјава.
Колапсот на правосудството и внимателно негуваната култура на неказнивост, пак, ги продуцираа сите овие ликови, кои по престојот во жариштата на вирусот или по директен контакт со заразените, по враќањето во земјава се кријат од надлежните и одбегнуваат да се самоизолираат и тестираат. А, како што ќе се влошува состојбата, тоа веројатно ќе резултира и со нови форми на прекршувања на законите, и тоа не само во делот на заштитата на јавното здравје.
Но, за почеток, да се потсетиме како се исподавија бугарските туристи само на неколку десетици метри од брегот на Охридско Езеро, дека само во еден летен, пороен дожд, смртно настрадаа над 20 луѓе, дека голем број повредени во несреќата на автобусот кај Ласкарци починаа на патот до болниците… Анализите на сите овие, но и на други слични ситуации, покажаа оти, со негрижата и јавашлакот, долго време беа создавани услови тие да се случат, но и дека реакциите во моментите кога тие се случувале, од разни причини, најблаго речено, не биле баш најсоодветни.
Она што досега е направено како што треба и што прилега во оваа, можеби, најдраматична ситуација во поновата историја на земјава, но и глобално, е тоа што изборите се одложени. Ќе беше навистина несериозно ако партите, колку и да беше неповолно тоа и за нив, и понатаму инсистираа да се одржат изборите. Тие, по сопствена „заслуга“ и без пандемијата, ќе имаа проблеми со одѕивот. Но „благодарение“ и на пандемијата, сега добија шанса да водат вистински кампањи, и тоа не со зборови туку со дела.
Она што е направено досега како што треба и што прилега во оваа, можеби, најдраматична ситуација во поновата историја на земјава, но и глобално, е тоа што изборите се одложени. Ќе беше навистина несериозно ако партиите, колку и да беше тоа неповолно и за нив, и понатаму инсистираа да се одржат изборите. Тие, по сопствена „заслуга“ и без пандемијата, ќе имаа проблеми со одѕивот. Но „благодарение“ и на пандемијата, сега добија шанса да водат вистински кампањи, и тоа не со зборови, туку со дела
И самиот збор кампања, впрочем, значи воен поход, битка, а не празна реторика, со каква што вообичаено партиите настапуваа пред секои избори, како и поголемиот дел од времето помеѓу изборите. Освен тоа, ова ќе биде единствената кампања досега во која политичките партии треба и мора да имаат не само иста туку и заедничка цел – целава ситуација да се надмине со што помалку човечки загуби и материјални штети. Секое и најмало отстапување од тоа би требало автоматски засекогаш да ги елиминира од политичката сцена. Се разбира дека решенијата што притоа ќе ги нудат, веројатно, често ќе бидат различни, но не смее да се остави ниту најмал простор за сомневање оти тие нема да тежнеат кон поставената цел. Битката, според последниве прогнози, ќе трае можеби и подолго отколку што се очекуваше во прв момент и ќе се разгори во вистинска војна, така што веројатно нема ни да издржат сите докрај, што само ќе покаже оти некои политички субјекти воопшто и не биле дораснати за некакви посериозни потфати.
Конечно, како и во сите општествени сфери, потребно е прочистување и на политичката сцена. Тоа, впрочем, е и еден од неопходните услови за ослободување на целокупниот јавен простор од штетните елементи, за негова деконтаминација, но не со лукче, оцетче и други прирачни дезинфециенси, кои, се разбира, во одредени ситуации, сепак, не се за потценување, туку со посилни антивирусни средства, какви што се компетентност, професионализам, одговорност, добронамерност, интегритет, ефикасност, ефективност… Сите тие и уште некои се одлики на добри лидери, какви што, да се надеваме, барем во помал број, виреат на оваа почва, и кои, покрај наведените особини, уште се и доволно храбри и смели да го преземат дежурството над судбината на граѓаните и на државата. Конечно, на актуелнава ситуација не мора да се гледа како на нужност, туку како на предизвик и инспирација дури и со сите хипотеки на постконфликтното, долго време заглавено во транзиција, силно корумпирано и длабоко поделено општество.