Во полза на својата штета

Македонија во последните години се чини како да не отстапува од „политичката танцова кореографија“ по рабовите на своите национални интереси. Со секој нов соседски договор, Македонија како да го зголемува ризик-факторот за заштита и одржување на сопствените национални интереси. Најнов пример по договорот со Грција, поради кој го сменивме нашето уставно име и договорот со Бугарија, која за возврат нѐ блокира на патот кон ЕУ, е договорот со Косово, кој предвидува косовската војска да влегува и да излегува од Македонија кога сака. Има ли друга држава во светот што дозволува и прави вакви и слични отстапки?!

 

Наивноста, претставена дури и како џентлменство, речиси веќе и да не се споменува како препорачана карактерна вредност ниту во популарните прирачници за личен развој, кои нудат совети како да се успее во животот и во светот, прекуноќ. Всушност, главната цел и смисла на постоење на таквата советодавна литература е токму градењето лична самодоверба преку „лекување“ на наивноста кај луѓето што сметаат дека не се снаоѓаат најдобро во средината и општеството на кои им припаѓаат. Во политиката и дипломатијата, џентлменството и љубезноста одамна исчезнале дури и како привидна форма на комуникација и однесување, под притисок на убиствената динамика на меѓународните односи за наметнување (од страна на големите играчи) на сопствените интереси. Зашто нели, една од најупотребуваните девизи за односите во политиката е: нема вечни пријателства и нема вечни непријателства, има само вечни интереси. Со така воспоставени практики на функционирање во политиката – наивноста се изедначува со несериозност, незрелост, па и негрижа за сопствените државни и национални интереси. Секако, тоа не значи дека грижата за сопствените државни и национални интереси треба да ги исклучи соработката и комуникацијата на одредена земја на меѓународен план, а пред сѐ со соседите. Предизвикот во градењето на меѓународните позиции на секоја држава е да го сведе на минимум ризикот од штетни, да не речеме наивни потези, кои имаат потенцијал да ги загрозат базичните национални интереси.

Македонија во последните четири години се чини како да не отстапува од „политичката танцова кореографија“ по рабовите на своите национални интереси, со сѐ поголем ризик тие да се претопат во желбите и аспирациите на соседите и на штета на нашите национални интереси. Или што би рекле некои, се влечат потези во полза на својата штета. Колекцијата на договори со соседите, (Бугарија и Грција), со кои наводно требаше да се отворат македонските перспективи за евроатлантско и европско интегрирање, од пред некој ден е збогатена со единаесет договори и меморандуми потпишани во Скопје, на првата заедничка седница на владите на Македонија и на Косово. Договорите на кои се обврзаа министритe од повеќе ресори во двете влади, се однесуваат главно на инфраструктурно поврзување што ќе ја подобри економската соработка и комуникација. Потпишани се и програми што опфаќаат соработка на меѓугранични проекти со поддршка на ИПА-програмите на ЕУ, како и договори за соработка во енергетиката, туризмот, културата и унапредување на заедничките иницијативи во иновациите и технолошкиот развој. Доминантна тема во разговорите на двајцата премиери била европската перспектива на двете земји и на целиот Западен Балкан, а во нивниот разговор биле опфатени и теми за потребите на македонските и на косовските граѓани. Во голема мера и на прв поглед, договорите изгледаат како да се од заеднички интерес на обете страни, но сепак контроверзна задршка во македонската јавност предизвика изјавата на косовскиот премиер Албин Курти дека „најважна и посебна е спогодбата СОФА, која го регулира статусот на силите на безбедноста на Косово, да им се овозможува влез и излез, привремен престој и минување низ (транзит) територијата на Македонија“.
Задршката и резервираноста кај македонската јавност, во однос на овој договор за „влез и излез, привремен престој и минување“ на косовската војска низ (транзит) територијата на Македонија“, во најголема мера е предизвикана од претходните искуства и нерасчистени упади на вооружени сили од косовска територија во минатото, за кои постои уверување во Македонија дека беа фактор во воениот конфликт во 2001 година во земјава.

Потоа се случија уште неколку упади и напади на вооружени групи од косовска територија во Македонија, од кои некои добија и судски епилог. Воопшто, можноста за влегување на воено-безбедносни сили од друга држава, колку и да е тоа регулирано со меѓународни договори, предизвикува сомничавост кај јавноста во однос на ризикот од некои скриени намери и субверзивни дејства. Особено, доколку постои и претходно проблематично искуство. Со таква предисторија во меѓусебните односи на две земји, секоја општествена јавност би била сомничава, па така и македонската. Од друга страна, косовскиот премиер Албин Курти воопшто не придонесе за намалување на впечатокот на контроверзност на ваквиот договор, со воздржаноста да ги испорача осудените виновници за масакрот на пет невини жртви кај Смилковско Езеро во Македонија, кои со години се заштитени токму од страна на Косово. Притоа, Курти имплицитно искажа сомневање во праведноста на македонскиот правосуден систем.
Целиот тој контекст остава аргументиран јавен простор во Македонија за резервираност во однос на искреноста во соседските договори со Косово, па и за преиспитување на ризикот во однос на безбедноста на македонската територија. Со договорите со Бугарија и со Грција, со промената на Уставот и уставното име на државата, веќе е отворена Пандорината кутија за преиспитување и обиди за предефинирање на македонскиот национален идентитет.

Притоа, иако беше ветувано (и од соседите и од ЕУ), со тие договори досега Македонија не напредуваше значително во остварувањето на својата стратегиска цел – членството во ЕУ. Дури, соседите со кои беа потпишани договорите, дискретно (Грција), па и отворено (Бугарија) се закануваат дека бескомпромисно ќе бараат исполнување на наведените обврски, но и нема да се воздржуваат и од нови побарувања, токму врз основа на договорите. Македонија наивно се стави во позиција на исполнувач на туѓи барања и уцени и преку договорите, речиси без можност истото тоа да го побара од другата страна и да бара исполнување на нивните ветувања. Со секој соседски договор, Македонија како да го зголемува ризик-факторот за одржување на сопствените национални интереси.