Зошто треба да се негува традицијата на асномските вредности

Како општество мора постојано да се потсетуваме на минатото, затоа што минатото вели дека темелите на современата македонска држава беа поставени на 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“, кога со работа започна Првото заседание на АСНОМ. Тогаш беа донесени голем број историски одлуки, но беа поставени и одредени политичко-општествени вредности, кои беа главниот компас по кој се движеа идните македонски генерации. Тогаш беа поставени асномските вредности врз кои беше изградена современата македонска држава

Секое современо општество, нација или држава негуваат одредени свои вредности, одредена традиција и поддржуваат одреден континуитет затоа што секоја заедница мора да има вредносен компас, насока или траса по која ќе се движат сегашните, но и идните генерации.
Американското општество внимателно се грижи за вредностите што произлегуваат од Декларацијата за независност, а не случајно во темелите на современата француска држава се наоѓаат принципите за еднаквост на граѓаните пред законите и суверенитетот на нацијата, кои се прогласени од Француската револуција. Всушност, денешните западни институции се темелат врз овие вредности и затоа познатиот политиколог Семјуел Хантингтон вели дека треба да се бранат воспоставените институции.
Каде сме ние во оваа приказна како општество и нација? Современата македонска држава не беше создадена со референдумот за независност од 8 септември 1991 година, всушност референдумот беше светол ореол на вековниот сон за македонска слобода. Како општество мора постојано да се потсетуваме на минатото, затоа што минатото вели дека темелите на современата македонска држава беа поставени на 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“ кога со работа започна Првото заседание на АСНОМ. Тогаш беа донесени голем број историски одлуки, но беа поставени и одредени политичко-општествени вредности, кои беа главниот компас по кој се движеа идните македонски генерации. Тогаш беа поставени асномските вредности врз кои беше изградена современата македонска држава.
Но кои се асномските вредности? Од денешна перспектива кога многумина повикуваат за слободно и правично општество, како да забораваат дека токму АСНОМ ја донесе Декларацијата за основните права на граѓанинот во која се вели: „Сите граѓани на… македонската држава се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи (на) нивната народност, пол, раса и вероисповеданије. На националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот. На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповеданието и слободата на савеста.

На сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на дружението. Изборното право на демократска Македонија го вршат избирачите со тајно гласуване на основание на општото, еднаквото, непосредното и личното изборно право.“ Многумина автори спомената декларација ја споредуваат со француската Декларација за правата на човекот (1789) или американската Декларација за независност, а Волф Ошлис, политички научник и експерт за Источна Европа, истакна дека со АСНОМ – Македонија му покажа на целиот свет колку е способна за самобитна политика, ефикасна заштита и одбрана, мирен соживот, мудра култура и европска соработкa.

Но доколку внимателно се анализира, АСНОМ има уште поголемо значење доколку се земе предвид дека државата што произлезе од асномските вредности имаше атрибути на правна држава, меритократија, функционално здравство, развиено и напредно образование, видлива борба против корупцијата итн. Следствено, асномска Македонија не беше само слободарска држава, туку нешто повеќе, а ова е особено видливо во активностите на сорбонскиот правник Владимир Полежиновски и Петре Пирузе–Мајски, кои се втемелувачи на современото македонско правосудство, но и на македонската државност. Затоа асномските вредности треба да ги разбираме како државотворни вредности, бидејќи врз нивна основа беа изградени сите современи македонски државни институции.
Во изминативе триесет години како да ги заборавивме асномските вредности, како да го пресековме континуитет од АСНОМ. Како нација, општество и држава должни сме да ја негуваме традицијата на овие вредности, затоа што секое општество негува одредени политички вредности што се патока за сегашните, но и за идните генерации. Мора да ги негуваме асномските вредности затоа што тие се државотворни, односно во правец на зацврстување на македонската држава и нејзините институции, а без институциите нема правна држава и владеење на правото.