Засега, нема повратен одговор од парламентот и од извршната власт, дали и кога би се седнало на заедничка маса со стопанствениците за постигнување на толку неопходниот национален економски договор. Како и во досегашниот тридецениски период се забележува отсуството на волја за воспоставување реален и содржаен политичко-економски дијалог меѓу носителите на законодавната и извршната власт од една страна и претставниците на бизнис-заедницата, кои треба да бидат главните носители на забрзаниот економски раст на Македонија
Вниманието на домашната јавност деновиве повторно е насочено кон најавите за можна средба и разговори меѓу власта и опозицијата во однос на европската иднина на земјата и иницијативите за уставноправни интервенции. И овој пат, поводот за ново меѓупартиско усогласување на ставовите се однесуваа на лицитирања со крупни политички прашања, кои задираат во уставниот поредок и карактерот на државата.
Речиси истовремено, една друга иницијатива за постигнување широк партиски и национален консензус, која беше испратена минатата недела, помина речиси незабележана кај „лидерите“ на најголемите партии, иако во јавноста и медиумите беше мошне застапена.
Имено, барањето што беше проследено до парламентарните служби од страна на најголемата стопанска и бизнис-асоцијација во земјата, кое може да се препознае и како „крик заради постигнување договор за спас на македонската економија“, доби минорен одглас во партиско-политичките кругови и остана речиси со незабележителен одглас и одговор. Од политичките водства изостанаа вообичаените фрази за „подготвеност“ за постигнување национално единство и за „желбата“ да се спаси и да се крене на нозе домашната економија.
А што беше тоа што беше побарано од страна на асоцијацијата на стопанствениците, а кое беше ставено на маргините на секојдневните агенди на политичките лидери?
За тие што не ја следат економската проблематика, едно потсетување. Стопанска комора на Македонија побара поддршка од сите парламентарни партии за исполнување на економската програма во која се содржани повеќе решенија за проблемите со кои се соочува бизнис-заедницата, а наедно ќе овозможат брз економски развој на земјата. За таа цел до парламентарните групи ќе биде доставена декларацијата што беше донесена во Стопанската комора на 14 јули 2022 година. Овој документ, кој треба да биде основа за постигнување на долгоспоменуваниот „Рамковен договор за економијата“, го потпишаа над 300 компании-членки, МАНУ, сите државни универзитети и сите релевантни бизнис-асоцијации.
Потребно е само да биде прифатена и потпишана и од парламентарните партии што имаат свои пратенички групи во Собранието. Пораката што е испратена од најголемата бизнис-асоцијација во Македонија се однесува на тоа да се прекине досегашната пракса за изнесување констатации за состојбите во економијата и да се донесат конкретни решенија. Наедно се бара и одговорност и за државата, за да се задржат младите, а да се разбудат сите субјекти во борбата против инфлацијата.
Засега, нема никаков повратен одговор од парламентот и од извршната власт, дали и кога би се седнало на заедничка маса за постигнување на толку неопходниот национален економски договор. Како и во досегашниот тридецениски период се забележува отсуството на волја за воспоставување реален и содржаен политичко-економски дијалог меѓу носителите на законодавната и извршната власт од една страна и претставниците на бизнис-заедницата, кои треба да бидат главните носители на забрзаниот економски раст на Македонија. Постигнувањето општ економски договор треба да се случи сега и без дополнително одложувања. Причините за тоа се многу, а некои од нив наведе и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој изнесе и реални бројки за тоа дека од осамостојувањето на земјата пред 31 година, македонската економија остварила раст на бруто-домашниот производ од 1,7 отсто. Јавниот долг се зголемил од 23 отсто во 2008 година на 57,5 отсто во првиот квартал годинава. Тоа се само главните „маркери“ во кои се наоѓа нашата економија во овој момент. Состојбата во другите економски области не е многу поповолна, а може да се прикаже и преку намалувањето на индустриското производство, падот на производството и откупот на земјоделските култури, недостигот од квалификувана домашна работна сила, несоодветното образование, нефункционирањето на правната држава, непочитувањето на пазарните законитости, политизацијата и доминацијата на партиските над државните интереси.
Пораката што деновиве е испратена од најголемата бизнис-асоцијација во Македонија се однесува на тоа да се прекине досегашната пракса за изнесување само констатации за состојбите во економијата и да се донесат конкретни решенија што ќе овозможат здрава, силна и брзорастечка економија. Наедно се бара и одговорност од надлежните институции и органи за да се задржат младите и да се разбудат сите субјекти во борбата против инфлацијата. Зарем е толку тешко да се направи ова?!
Наместо изнаоѓање решенија за овие многубројни економски приоритети, кои треба да претставуваат највисок национален интерес, носителите на економските политики повторно најавуваа стручни дебати за носење нова национална развојна стратегија во земјава. Според објаснувањата, таа треба да го даде одговорот на сите предизвици, а тоа е да има јасна визија за земјата за наредните 20 години! Иста таква стратегија беше изработена и во минатото, но очигледно не ги даде и вистинските решенија за излез од долгорочната транзиција на македонската економија.
Една од суштинските работи што бара итно мобилизирање на сите капацитети во земјата е како да се задржи последниот и најважен развоен ресурс за Македонија, а тоа е спречување на одливот на младите работници. Податоците од реномирани меѓународни финансиски институции покажуваат дека регионот и нашата земја се соочуваат со економска катастрофа прикажана преку драстично намалување на работоспособното население. Очекувањата на Светската банка се дека во следните две и пол декади ќе се намали на 60 отсто. Или, во моментов, секој петти граѓанин роден во регионот живее во странство, додека секој трети размислува да се исели. Ова е темата за која треба да се разговара меѓу лидерите на партиите. Но има ли некој сериозно да го разбере тоа!? И конечно, од празни политички зборови и фрази да се премине и на конкретни мерки што ќе придонесат за спас на македонската економија и поголема благосостојба на граѓаните. Политичарите мора да сфатат дека токму растот на македонската економија е и најбрзиот пат до ЕУ. Со создавање услови за здрава, силна и брзорастечка економија ќе се намали и одливот на работници во странство, ќе се зголеми животниот стандард и државата ќе се издигне на едно повисоко ниво во регионот и пошироко.