Како еден ист говор, иста порака, иста мантра за односот на ЕУ кон Македонија да се рециклира повторно и повторно. И така со години и децении. Сменете знаме, сменете име, сменете устав, сменете идентитет, сменете историја… Нема што да мислите и одлучувате со своја глава, треба само да прифатите сѐ што ќе ви каже и наложи Брисел (или Софија сега) и толку. Но тоа не е ниту суштината на ЕУ, ниту суштината на демократијата. Токму ваквиот европски приод е анти ЕУ и ги урива темелите на кои почива самата Унија. Може ли Македонија да се одбрани себеси (а со тоа да ги одбрани и ЕУ и нејзините вредности), покажувајќи им двојка на европските тројки
Нова тура европски дипломати вчера беа во Македонија. Овој пат на гости ни дојдоа Лоранс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција, Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Германија, и министерот за Европската Унија на Полска, Шимон Шинковски вел Сенк. Претходно тука беа и министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и на Словачка. Кој е следен не се знае во моментов, но сосема извесно до крајот на летово низ Македонија ќе прошета целата Европска Унија, па и пошироко.
Интересно, сите доаѓаат во тројки. Веројатно и ова е некоја нова методологија, стратегија или можеби само симболика на Брисел. Но симболика за што? Симболика или европско „свето тројство“ за спас или за ужас.
Зашто филозофски тријадата може да се поврзе со минатото, сегашноста и иднината, или со раѓањето, животот и смртта, почетокот, средината и крајот. Религиски е познато Светото Тројство – за Отецот, Синот и Светиот Дух, поврзаноста меѓу срцето, умот и телото, но тријадата во себе носи и друга димензија, како на пример за мотивот, планот и очекуваниот резултат итн. Што од сето ова има на ум Брисел?
Но настрана различните толкувања и значење на тријадите, да се вратиме на реалните случувања и состојби во Македонија.
Факт е дека среде лето нашата татковина стана најатрактивна дестинација за европските дипломати, кои сепак не доаѓаат тука да се разладат туку дополнително да ја вжештат и онака наелектризираната политичка атмосфера.
Македонија како добар домаќин, се разбира, отсекогаш имала и има отворена врата за сите добронамерници. Во таа насока добредојдени се сите пријатели и гости, од каде и да доаѓаат. Но во секоја средена, организирана, нормална држава, институција, па дури и на плажа или на базен, постои таканаречен домашен куќен ред или, со други зборови, правила на однесување што треба да ги почитуваат сите и за чие прекршување се предвидени одредени мерки.
Но дали министерските тројки што сега доаѓаат од Европа се придржуваат до ова свето тројство или начело на примерно однесување и пред сѐ почит кон домаќинот или кон нас се однесуваат крајно неевропски, антидемократски, да не речам и антицивилизациски?
Од она што барем досега имавме можност да го чуеме, европските мисионери практикуваат, во најмала рака, еден непочитувачки и крајно нефер однос кон Македонија како нивен домаќин.
Дури и нивните мисии на убедување, по самата своја суштина и карактер се антиевропски, антидемократски и антицивилизациски. Еве и зошто.
Европската Унија важи за сојуз на демократски држави, каде што на пиедестал на нејзините вредности се токму различноста на мислења и можноста за широка дебата. За сѐ и сешто. Всушност, и паролата на ЕУ е „Обединети во различноста“. Но тоа што важи за ЕУ и вредностите на кои се темели Унијата, за жал не важи за Македонија.
Тоа може да се прочита и од пораките што сега ни ги упатуваат овие европски тројки, кои отворено и без двоумење ни се закануваат со изолација, исклучување, задоцнување во евроинтеграциите, само ако не биде по нивно. Уште недојдени, а веќе на сите во Македонија им е познато што ќе ни кажат. Пак ќе бараат нешто да смениме или од нешто да се откажеме.
Како еден ист говор, иста порака, иста мантра да се рециклира повторно и повторно. И така со години и децении.
Сменете знаме, сменете име, сменете устав, сменете идентитет, сменете историја… Во духот на европските трендови недостига уште да ни порачаат да смениме пол или, како што велат, чувство на припадност и да станеме нешто недефинирано, за наводно да се доближиме до ЕУ?!
Можеби и до тоа ќе дојде во некое скоро време. Ако еднаш не им се каже доста беше. Доста беше со условувања и диктати кон Македонија, без притоа другата страна да не исполни ништо. Доста ни се празни ветувања и празни муабети.
Или користејќи ја токму нивната симболика на бројките – мудро да ги откачиме, односно да им дадеме двојка на европските тројки. И сето тоа во името на демократијата и европските вредности. Давањето македонска двојка на европските тројки е само мал демократски дострел што земјата може и треба да го манифестира.
Зашто бранејќи се на ваков начин од натрапници и диктати, Македонија практично ја брани ЕУ од ерозија и подривање на сопствените вредности и принципи. Точно е дека од ЕУ има многу што да се научи и корисни и добредојдени се сите европски совети и укажувања. Но проблем е што секој наш обид за широка јавна и стручна дебата, сослушување и уважување на сите конструктивни мислења за најважните идентитетски прашања што ја засегаат нашата држава, почна да се третира како ерес од страна на Унијата. Нема што ние да мислиме и одлучуваме со своја глава.
Треба само да прифатиме сѐ што ќе ни каже и наложи Брисел или Софија и толку. Но тоа не е ниту суштината на ЕУ, ниту суштината на демократијата. Токму ваквиот европски приод е анти ЕУ и ги урива темелите на кои почива самата Унија.
Истовремено веќе станува крајно иритирачки и навредливо некој постојано да ви доаѓа однадвор и да ве третира како незрело и недораснато дете, постојано укажувајќи што треба да направите со вашиот идентитет. Токму поради ваквиот однос последните години постојано паѓа довербата во ЕУ и во нејзините институции, секаде во регионот, вклучувајќи ја и Македонија.
Да се потсетиме дека македонските граѓани на референдум јасно ставија до знаење што мислат за Преспанскиот договор. И сега, преку многубројните анкети, мнозинството граѓани се против внесување на Бугарите во Уставот по пат на диктати и условувања. Но емисарите од ЕУ изгледа не сакаат да го чујат тоа, ниту пак да го разберат. Тие продолжуваат со својата добропозната лебедова песна кон Македонија. Затоа треба некој да ги предупреди да ја сменат плочата. И во иднина да покажат минимум почит кон Македонија, како независна и суверена држава, и кон македонскиот народ, како носечки столб на државноста и сувереноста. Патем, кога ЕУ и нејзините дипломати ќе почнат повеќе да ги почитуваат независноста и суверенитетот на државата, како и посебноста и мудроста на вековниот македонски народ, тоа ќе биде и првиот вистински исчекор на Брисел во вистинската насока. На заемно задоволство и во име на евроинтеграциите.