Во својот роман, Господинов го опишува минатото како „тиранин што тргнал да го освојува светот“, додавајќи дека „најопасно е кога сведочиме на идеолошка злоупотреба на минатото“! Колку точно и колку соодветно на актуелните релации меѓу двете земји, а сепак суптилно кажано и без никаква намера да провоцира, онака како што само вистинските уметници (писатели) знаат да го направат тоа. И во едно од интервјуата Господинов проговори за актуелните случувања на политички план меѓу Македонија и Бугарија и порача дека политичарите треба да се огледаат на дијалогот во уметноста, каде што е најважна категоријата човек…
„Одете во минатото, но оставете ја вратата отворена за да не заглавите таму“, порача писателот Георги Господинов на неодамнешната промоција на неговиот најнов роман „Засолниште во времето“, во салата на киното „Фросина“ во МКЦ, исполнета до последното место со вљубеници во неговото безвременско пишување, какви што ги има во огромен број меѓу македонската читателска публика. Тој е најпреведуваниот и најчитан бугарски писател кај нас, и покрај тоа што доаѓа од една, условно кажано, не многу пријателски настроена земја, барем кога станува збор за државната политика што ја спроведува спрема Македонија, особено засилена последниве неколку години. Неговата порака уште погласно одекна во една ваква вжештена атмосфера, а присуството на многубројната публика само покажа колку уметноста е посилна од политиката и колку паметните поединци не дозволуваат да подлегнат на политичката пропаганда.
Во својот роман, Господинов го опишува минатото како „тиранин што тргнал да го освојува светот“, додавајќи дека „најопасно е кога сведочиме на идеолошка злоупотреба на минатото“! Колку точно и колку соодветно на актуелните релации меѓу двете земји, а сепак суптилно кажано и без никаква намера да провоцира, онака како што само вистинските уметници (писатели) знаат да го направат тоа. И во едно од интервјуата Господинов проговори за актуелните случувања на политички план меѓу Македонија и Бугарија и порача дека политичарите треба да се огледаат на дијалогот во уметноста, каде што е најважна категоријата човек…
Утре, 8 декември, Македонија го чествува Св. Климент Охридски, најистакнатиот ученик на солунските браќа Св. Кирил и Методиј и учесник во извршувањето на познатата Моравска мисија, основач на познатата Охридска книжевна школа, која е наречена уште и прв словенски универзитет, каде што се образовале над 3.500 ученици. Паралелно со црковната и со педагошката дејност се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишува авторството на опширните житија на Св. Кирил и Методиј, познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа… И уште една историска личност што е предмет на раздор меѓу двете земји, поточно фигура околу која бугарската политика продолжува со својата националистичка и квазиисториска реторика, во смисла на тоа дека Свети Климент Охридски проповедал на старобугарски јазик, дека е еден од најзначајните автори што пишува на старобугарски јазик, дека е Бугарин роден во југозападниот дел на Македонија… Искажувања што како антиисториски се отфрлаат од светската наука.
Сѐ уште е неизвесно дали Македонија и Бугарија на 8 декември за првпат заеднички ќе го чествуваат делото на Свети Климент Охридски како обврска од вториот билатерален протокол за спроведување на Договорот за добрососедство, дали и овој светителски заштитник на македонскиот народ ќе биде точка на судир, ама научен факт е дека духовната и книжевната дејност на Св. Климент Охридски се одвивала на просторот на Македонија и неговиот култ се развивал и се афирмирал во Охридскиот духовен и книжевен центар во Македонија и, што е најважно, неговиот култ во народните легенди и преданија се задржал само меѓу македонското христијанско население. Сепак, најважно од сѐ, во овој момент, е да се навратиме на зборовите на Господинов: „Толку сме блиски, што имаме само два начина: или да се мразиме или да се сакаме. Ајде да го избереме второто“, порака што има моќ да допре само до умните луѓе што мислат со своја глава, луѓе со какви што беше преполна киносалата „Фросина“ во МКЦ, глетка што најпреведуваниот бугарски писател и еден од најчитаните и најпопуларни во Европа, Георги Господинов, ја искоментира само со два збора: „Има надеж“.