ЕК е свесна дека ваквите нефункционални алатки ќе направат од Македонија проблематичен кандидат за членство бидејќи во институциите нема реален човечки потенцијал со вистинско знаење што ќе може да ги спроведе бараните реформи, туку обични партиски послушници од кои повеќето ниту се стручни, а уште помалку способни да се носат со предизвиците на преговорите со Унијата. Од тие причини „балансерот“, „бадентерот“, „правичната застапеност“ и другите рамковни термини треба да заминат во историјата, отстапувајќи им го местото на мерит-системот, стручноста, способноста, квалитетот, експедитивноста, без оглед на етничката припадност на луѓето. Етничките приказни за нечија маргинализација одамна завршија бидејќи она што сега се случува е мајоризација на малцинството врз мнозинството
Следниот петок ќе биде првиот тест до каде стигнала работата со уставните измени, поточно дали ќе ги биде или ќе се изнајде некое ново соломонско решение од страна на собранискиот спикер од типот „да се ниша бродот, демек се движи некаде“, како впрочем сè друго во оваа земја.
Седницата за уставни измени е закажана, а она што е извесно и со голема веројатност дека ќе се случи е дека пратениците само ќе се произнесат околу дневниот ред, за што е потребно просто мнозинство, а понатамошната расправа околу потребата за уставни измени веројатно ќе биде одложена на неодредено, поточно додека не се обезбеди потребното двотретинско мнозинство, за што засега нема расположение кај опозицијата. Беа поставени многу последни рокови до кога треба да започне процедурата за уставни измени, за на крајот министерот Османи да каже дека нема рокови, односно дека измените можат да се направат додека трае мандатот на ова Собрание или можеби и воопшто да не се направат…
А токму ваква отрезнувачка порака неодамна ни испрати Брисел, објавувајќи го нацрт-извештајот од скрининг-процесот на првиот кластер, „Фундаментални вредности“, можеби најважниот кластер во целиот преговарачки процес.
Она што прецизно го констатирале европските бирократи е дека земјава е „умерено подготвена“ за преговори со ЕУ. Да бидеме начисто, ова е од чиста куртоазија бидејќи со реален речник кажано, земјава „не е подготвена“ да преговара со ЕУ сè додека има екстремно висок степен на корупција, нефункционален правен систем, партизирана администрација и институции, лоши развојни политики и уште редица негативни работи на кои крајот не им се гледа.
Но генезата на сите овие состојби мора да се бара во фалично инсталираните решенија, кои можеби пред 20 и повеќе години некому му изгледале добри како излезно решение од воениот конфликт во 2001 година, но повеќе од јасно е дека таквите наметнати квазирешенија произведоа толку нуспојави што целосно ја контаминираа македонската држава, почнувајќи од нејзините фундаменти.
Сега Европа почнува јасно да го согледува тоа и очигледно дека и самата е свесна дека не може во недоглед да поддржува решенија што се спротивни на сите можни европски практики и веќе не сака да толерира правно неиздржани аномалии донесени само од привремен карактер, чие време помина многу одамна и кои сега претставуваат само обичен тег околу вратот на Македонија што ја влече државата сè подлабоко кон дното.
Во најновиот нацрт-извештај на Европската комисија од скринингот за првиот кластер, „Фундаментални вредности“, се наведува дека т.н. „балансер“, алатката за човечки ресурси што го одредува процентот на застапеност на вработени во јавниот сектор од секоја етничка група, повеќе не ги исполнува целите и нема потреба да се применува. Истото тоа се однесува и на носењето одлуки со помош на таканареченото „Бадентерово мнозинство“, кое е ексклузивна алатка што функционира исклучиво според потребите на албанската малцинска заедница и на ниту една друга.
ЕК е свесна дека ваквите нефункционални алатки ќе направат од Македонија проблематичен кандидат за членство бидејќи во институциите нема реален човечки потенцијал со вистинско знаење што ќе може да ги спроведе бараните реформи, туку обични партиски послушници од кои повеќето ниту се стручни, а уште помалку способни да се носат со предизвиците на преговорите со Унијата. Од тие причини „балансерот“, „бадентерот“, „правичната застапеност“ и другите рамковни термини треба да заминат во историјата, отстапувајќи им го местото на мерит-системот, стручноста, способноста, квалитетот, експедитивноста, без оглед на етничката припадност на луѓето. Етничките приказни за нечија маргинализација одамна завршија бидејќи она што сега се случува е мајоризација на едно малцинство врз мнозинскиот народ.
Она што ЕК јасно го констатира во скрининг-извештајот е дека, всушност, рамковниот договор одамна ја изгуби употребната вредност, ја заврши својата работа поради која беше потпишан пред 22 години и неговото место е во историјата, без оглед кој како ќе ја чита. Актуелните времиња бараат одговорни и способни луѓе што ќе работат во интерес на својата држава и на сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност.
Очигледно скринингот на ЕК со кој се скенираат фундаментите на државата покажа сериозни пукнатини во темелите бидејќи не може по некаков етнички клуч да се пополнуваат институциите, не може по клуч да се воспоставува втор официјален јазик на територијата на целата држава, не може по клуч Албанците да уживаат привилегии на втор конститутивен народ иако се малцинство, како и другите малцинства, намерно работејќи на промена на унитарниот карактер на Македонија како држава на македонскиот народ.
Посветеноста кон европската агенда во пракса значи работење на она што го налагаат европските принципи, поточно воспоставување здрав систем и држава на здрави темели, а не држава што сè уште функционира врз анахрони амандмани донесени во време кога требало да имаат само краткорочна употребна вредност, односно најмногу до пет години од завршувањето на воениот конфликт во 2001 година.
Рамковниот договор и сите негови нуспроизводи се надмината работа, ЕУ го кажа тоа и јасно ни го порача, така што сега земјава мора да се подготви за пострамковен ресет во сите области ако сакаме да ја биде. Сега е потребен нов пристап, без резолуции, манифести, документи и други пишани и непишани заложби, кои досега никој не ги почитуваше. Потребни се радикални општествени промени, вклучувајќи политички промени што ќе подразбираат консолидација во македонскиот политички кампус во насока на подобра заштита на националните интереси и заедничка работа во насока на враќање на државотворниот статус на македонскиот народ, почнувајќи од неговото почесно место во Уставот. Понатаму, очајно се потребни и длабоки радикални промени на економските политики, коренити промени на образовните политики, промени во здравствените политики, кои се катастрофални. Сите овие зафати мора да се одвиваат истовремено бидејќи процесите функционираат како врзани садови и мора да се средуваат сите состојби паралелно ако сакаме да изградиме здрав систем. За градење на едно здраво демократско општество е потребно државата да стои на цврсти здрави темели, а не на санирани темели од пред 22 години само колку да не се урне куќата. Но секоја санација е привремено решение, сè додека не се изградат цврсти темели врз кои ќе почива европска Македонија. За да се случи такво нешто, она што било во минатото, треба да остане таму, а иднината да се гради врз силата на новите генерации, кои ја гледаат Македонија како модерна европска држава, а не како заложник стиснат во хегемонистичките канџи на соседните држави.