За претстојната зима со стратегија за штурецот

Додека Европа „на големо“ се подготвува за енергетската криза и објавува конкретни мерки за претстојната зима, Македонија сѐ уште е „длабоко заспана“ среде лето, кога станува збор за енергетскиот сектор и барањето решенија и излезни стратегии како да се помине зимата. Или како во басната за штурецот и мравките, додека сите земји макотрпно како мравки работат и се подготвуваат како полесно да се справат со претстојната енергетска криза, нашите надлежни институции засега само безгрижно си свиркаат, залегнати во длабока ладовина

Енергетската криза во светот и во Македонија не стивнува. Цените на енергентите (гас, нафта, јаглен) и на електричната енергија (на берзите) се високи, со тенденција и за понатамошно поскапување. За алармантноста на состојбата потврда се и укажувањата дека состојбите со енергијата наесен може да бидат катастрофални, дури и да нема доволно енергија за греење на домовите. Земјите од Европската Унија веќе донесоа и законски одредби со кои се предвидува за 15 отсто намалена потрошувачка на гасот за побезбедна зима. Додека европските држави „на големо“ се подготвуваат за енергетската криза и објавуваат конкретни мерки, кај нас досега нема ниту една мерка за справување со енергетската криза, експертите алармираат дека веќе многу се доцни и дека проблемите со струјата се во сенка, а сѐ друго е побитно. Иако беше најавено дека ќе биде прогласена кризна состојба во август, сепак, владината седница на која треба да се донесе не е закажана. На Македонија итно ѝ треба кризен план, за да не се доведеме до рестрикции на струја оваа зима.
Европската комисија со планот „Заштедете го гасот за побезбедна зима“, кој предвидува намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто во периодот од 1 август годинава до 31 март 2023 година, ги принудува граѓаните да штедат на гас, поради соочување со опасност од натамошно намалување на протокот на гас од Русија. Меѓу другото, германскиот парламент пред извесен период одобри план за штедење на струјата, со кој ги намали осветлувањето, ладењето и греењето, а германската влада ги повика граѓаните да штедат поради претстојниот недостиг од гас. Австрија, пак, препорача граѓаните да се тушираат, наместо да се капат, за да заштедат енергија, бидејќи пресметале дека за полна када се потребни од 80 до 150 литри топла вода, а за туширање до 50 литри. Повици за штедење беа упатени во повеќе европски држави, како Франција и Словенија, која го воведе првото од четирите нивоа на предупредувања поради можни тешкотии во снабдувањето со природен гас. Некои од државите побараа индустриските капацитети да ја намалат употребата на гас, а од бизнис-секторот да го пратат секој оној што може да работи од дома.

Температурите на клима-уредите за ладење и за греење се ограничени. Кризниот план предвидува и во сите институции, канцеларии, излози и на спомениците осветлувањето да се исклучува по 22 часот. Европа веќе ја комплетира листата со мерки за справување со проблемите со струја и гас, зимава ниту една зграда и деловен простор нема да можат да се загреваат на повеќе до 19 степени, но и разладувањето да не биде повеќе од 25 степени, фабриките треба да ги намалат потребите од гас, да се префрлат на обновливи извори, домаќинствата да ја редуцираат потрошувачката. Но прашањето е што прави Македонија за да ги заштити граѓаните од можни рестрикции и справување со енергетската криза. На земјава итно ѝ треба план за штедење енергија во услови на криза со конкретни мерки, кои ќе ги подобрат состојбите во увознозависниот енергетски сектор. Мерките за штедење за следната сезона требаше да се донесат уште на почетокот на годинава, а не сѐ уште да немаме никаков план.
Минатата година, летото, се појавија предупредувања дека ќе дојде до енергетска криза во светски размери. Непoсредно пред почетокот на грејната сезона (во октомври) почна и енергетската криза, најмногу со покачување на цената на електричната енергија, но и на сите видови горива, а особено на природниот гас. Војната во Украина, која почна во февруари 2022 година, уште повеќе ја усложни енергетската криза.
Во минатите децении македонските влади донесоа неколку стратегии за енергетски развој, но предвидените планови не се реализираа, останаа на хартија. Во моментов државата и надлежните институции во енергетскиот сектор не реагираат соодветно и при најавите и при почетокот на енергетската криза.

Повеќегодишното недоволно инвестирање за одржување на енергетските објекти и неинвестирање за изградба на нови, доаѓа на наплата и се манифестира со намалено домашно производство на електрична енергија. Тоа, пак, резултира со исклучително голема чувствителност и зависност на енергетскиот сектор во земјата од турбуленциите во енергетиката во меѓународни рамки. А, наедно, немаме разработени решенија.
Енергетичарите велат дека извесно ублажување на сегашнава енергетска состојба може да се постигне ако поголемо внимание се посвети на примена на мерки за енергетска ефикасност, бидејќи може да се сфати како најевтино гориво.
Македонија треба да ги прифати мерките што доаѓаат од земјите од ЕУ, сугестии за штедење со намалување на температурата на воздухот во просториите во грејната сезона и со покачување на температурата при ладење на воздухот во летниот период.
Во грејната сезона се препорачуваат температура од 20 степени и влажност од 50 отсто, за летната сезона се препорачуваат температура од 27 (или 26) степени и влажност од 50 отсто во сите домови и деловни простории. При овие услови се обезбедува удобност со помала потрошувачка на енергија. За простории со посебна намена (болници, бањи и сл.) се земаат нешто повисоки температури во грејната сезона.
Еден од најевтините начини за заштеда на потрошувачката на струја е и преку замена на електричните светилки со лед-светилки, кои трошат помалку. Најголема заштеда може да се постигне со мерките за енергетска ефикасност, подобрување на фасадата или замена на прозорците со понови и подобри изолатори, квалитетна изолација на покривите.

Во делот на енергетскиот сектор кај нас, наедно треба сериозно да се поработи и на неколку клучни прашања за кои и не моравме да чекаме да настапат вакви кризни ситуации: подобро одржување на базните објекти за генерирање електрична енергија и подобрување на условите за нивна работа, работа на изградба на нови (термо- и хидро-) енергетски објекти, вложување за подобрување на енергетската ефикасност во сите сектори, мудро поголемо вклучување на обновливите извори на енергија во системот, преку методи со кои ефектите би ги почувствувале најголем дел од населението, подобрување на преносната и дистрибутивната мрежа, подобро поврзување со соседните електроенергетски системи и редица други работи.
Состојбите со енергијата наесен и во зима може да бидат катастрофални, дури и да нема доволно енергија за греење на домовите, затоа властите треба сите сили да ги насочат кон преземање разни можни мерки за пребродување на очекуваниот недостиг од енергија.