Во 2023 година Македонија треба да покаже државотворен капацитет и политички интегритет, во секој поглед. Да не дозволи веќе никој да ја третира како експериментален глушец. Тоа е сега потребно многу повеќе од кога и да е претходно. Одлуките што е добро, а што не за државата ќе ги носат домашните политичари и македонскиот народ, кој само бара еднаков и рамноправен третман со сите други во европското семејство
Иста приказна секоја година. Како да сме заглавени некаде назад во просторот и времето. Сѐ тече, сѐ се менува, само македонските проблеми и предизвици со години остануваат исти. Еве, помина уште една година, а проблемите пак се тука. Ќе ги пренесеме како наследство и во следната 2023-та. И кога човек добро ќе подразмисли, сфаќа дека нема што ново да се посака во новата година, а да не било веќе кажано и посакано претходно. И тоа не еднаш, туку многупати досега. Почист воздух, здрава животна средина, подобро образование, ефикасни институции, енергична борба против корупцијата, конкурентност на идеи, раст на економијата, политичари во служба на народот а не на партијата, силна дипломатија, македонизам наместо клиентелизам итн.
Сето ова го посакавме и лани и преклани и годината пред неа, и таа претходно… Ништо не се оствари. Во одредени сегменти работите уште повеќе се влошија.
Веројатно 2022-та беше и најтешка година во секој поглед во изминатата декада. Војната што избувна во Украина до темел ја потресе светската економија, а последиците директно ги почувствува и Македонија, преку увезената инфлација, растот на цените на голем број производи, а најмногу на храната и на енергентите. Еден истакнат бизнисмен неодамна порача дека во 2022-та едвај преживеавме, а следната 2023 година или ќе исчекориме напред или целосно ќе потонеме. Во право е. Пред нас е навистина исклучително тешка година. И на поле на политиката, економијата, енергетиката, социјалата, евроинтеграциите, владеењето на правото, буквално во секој поглед. За да не потонеме, потребни ни се исклучително мудри и промислени одлуки во секоја од посочените области. За такво нешто, пак, се потребни исклучително способни кадри, кои ќе знаат да ги влечат вистинските потези. Имаме ли такви кадри?
Воопшто не се сомневам во тоа. Има многу такви меѓу нас, само треба да ги пронајдеме. Едно неодамнешно истражување покажа дека Македонија е меѓу најинтелектуалните балкански држави, со голем број личности со натпросечна интелегенција, евидентирани во клубот „Менса“. Но, за жал, ретко кој слушнал за овие суперинтелигентни Македонци. Ги нема на јавната сцена. Од друга страна, суштината на секоја успешна држава е на значајните и одговорни позиции да се поставуваат најквалитетните и најспособни луѓе. Тие да бидат креатори и носители на политиките, за да одиме напред. Кај нас не е така. Затоа, време е да се смени тоа.
Во новата година да им се даде шанса само на најспособните, најинтелигентните, најконкурентните кадри. Своевремено имаше предлог политичарите да подлежат на алкотест, поради честите меѓусебни расправи, тензии, избувливост и слично. Може и тоа, но народот убаво вели пијаниот ќе се отрезни, но неразумниот не може да се опамети. Затоа, веројатно подобра идеја е политичарите и функционерите да полагаат прво тест за интелегенција и интегритет. Да се види кој колку памет носи, па дури потоа да им се даде некаква функција или позиција.
Неодамна слушнав една зајадлива, но, за жал, вистинита забелешка. Велат имало три вида држави – земји-членки на ЕУ, земји кандидатки за членство и Македонија. Ние не сме ни ваму ни таму, туку издвоени сами, како посебна трета категорија. Некој ќе каже, па и ние сме кандидат за членство, беше одржана првата меѓувладина конференција со ЕУ, почнат е и скрининг-процесот. Да, но тоа сепак не нѐ прави вистински кандидат, како сите други. Зашто за Европската Унија, Македонија отсекогаш е посебен експериментален случај. Така нѐ третираат. Единствено за нас секогаш се измислуваат и наметнуваат нови и нови услови, надвор од востановените Копенхашки критериуми. Без сомнение тој тренд ќе продолжи и во 2023-та. За очекување е и да се интензивира, кога повторно ќе ни доаѓаат голем број странски емисари, порачувајќи ни да го смениме Уставот, да ги внесеме таканаречените Бугари во него итн.
Е, тоа мора да престане. Во 2023 година Македонија треба да покаже државотворен капацитет и политички интегритет, во секој поглед, да не дозволи веќе никој да ја третира како експериментален глушец. Тоа е сега потребно многу повеќе од кога и да е претходно. Јасно и гласно да им каже НЕ на сите обиди за мешање во внатрешните работи, уцени, ултиматуми. Одлуките што е добро, а што не за државата ќе ги носат домашните политичари и македонскиот народ, кој само бара еднаков и рамноправен третман со сите други во европското семејство. Аналогно на тоа, откако Бугарија ќе ги признае посебноста и идентитетот на македонскиот народ и на македонскиот јазик и откако ќе ги спроведе сите досегашни 17 пресуди на Судот во Стразбур, ќе ги признае и ќе им ги даде сите меѓународно загарантирани права на Македонците во Бугарија, дури тогаш може да се разговара за евентуални уставни измени во Македонија. Еве, тоа нека биде македонската црвена линија за 2023 година на планот на меѓународната политика и евроинтеграциите.
Велат христијански било со каква мерка ви мерат, со таква и вие да мерите. Проблемот беше што ние досега како да ги изгубивме и кантарот и осетот за мерка. Дозволивме постојано други да ни мерат и одмеруваат сѐ и сешто Во 2023 година веќе не смее да биде така. Со каква мерка ќе ни мерат, со таква треба и да возвратиме. Ова нека биде и завршната порака во годината што ја испраќаме. А новата да ја дочекаме во добро расположение, со добра мисла и ведар дух. И да ја исполниме со повеќе љубов, верба и среќа.
Затоа, новогодишната колумна ќе ја завршам со стиховите на една наша популарна песна, која вообичаено се емитува на преминот од старата во новата година. Рефренот оди вака:
За многу години,
Македонци, каде и да сте,
за многу години, мој народе на Македонија.
Со љубов сега да наздравиме, љубов голема,
за вечна да ѝ биде среќата на Македонија.
Нека овие стихови ни бидат водич и поттик никогаш да не заборавиме кои сме и од каде сме и никогаш да не се откажеме од тоа што е наше, македонско.
Ви посакувам многу здравје, радост и среќа во новата 2023 година.
aleksandar.d @novamakedonija.com.mk