За едните шампањско, за другите балканска жолта

Без разлика колку политичарите ќе го пакуваат тоа во убава обланда, по сѐ изгледа дека кон некои земји, а меѓу нив е и Македонија, се испраќа порака да не се надеваат премногу на брзо влегување во ЕУ, туку да се занимаваат со дружбата во ЕПЗ. Така ќе бидеме во европското друштво, ама тоа нема да биде „кремот“. Тоа ќе биде друштвото од шанкот, кое само ќе гледа како изгледа седенката во сепареата, ама нема да има можност во блиска иднина да се вклучи во тамошните теревенки, да се послужиме со разбирливиот балкански јазик, да го заборавиме на час финиот „еуропски“. Е па, драги мои, ако е така, си имаме ние свои фини занимации и на шанкот, нема проблем

Пред два дена во Прага се реализира идејата на францускиот претседател Емануел Макрон, првпат изнесена во мај годинава – се одржа првиот самит на Европската политичка заедница, со учество на 44 земји. Таму беа високите претставници на земјите-членки на ЕУ, како и уште 17 лидери на држави „соседи“, како што милозливо сакаат да нѐ нарекуваат – меѓу нив и земјите од Западен Балкан, а се разбира и на Македонија.

Според првичните извештаи, самиот Макрон бил задоволен од основачкиот состанок на ЕПЗ, иако на многумина не им е докрај јасно што всушност претставува и ќе претставува оваа заедница. Зад ѕидините на прашкиот замок се дискутирало за многу крупни и важни прашања, а соопштено е дека учесниците се согласиле дека таквиот начин на средби и разговори за проблемите и соседската соработка, без агенда и без формални заклучоци на крајот, им одговара и дека самитите ќе продолжат така и во иднина.

Тоа е официјалниот дел, но за многумина на овие балкански простори, сликата на која се гледаат српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, седнати на скалите за време на паузата од самитот, како да ги отсликува на најдобар начин атмосферата и значењето на прашката дружба. Барем во однос на нас и Србија. За другите, самите нека си извлекуваат заклучоци.

Да не бидеме докрај песимисти, да се надеваме дека сепак ќе произлезе нешто корисно од овој самит во однос на Македонија, иако ние веќе сме навикнати од секој ваков собир да се враќаме дома со лоши вести или уште полоши одлуки. Овој пат барем немаше нешто такво, што е доволна доза за некаков оптимизам.

Иако мали се шансите за реален оптимизам, бидејќи уште пред самото почнување на овој состанок се кршеа копјата за тоа дали е ова состанок за формирање некаква европска втора лига, поточно давање утешна награда за оние што (барем во скоро време, а можеби и засекогаш) ќе останат надвор од Европската Унија или е нешто навистина продуктивно и позитивно.

Се разбира, прерано е за некакви посериозни заклучоци, иако добрите познавачи на состојбите веќе ги поврзуваат фактите, зборовите и сигналите, па можат да се создаваат првите заклучоци. Она што е најважно за нас е правилно да се протолкуваат пораките како онаа на Марк Руте, премиерот на Холандија, кој рече дека „станува збор за процес што е одвоен од проширувањето… Државите што сакаат да станат дел од ЕУ мислат дека ова е алтернатива, а всушност не е. Ова е платформа, база во која европските лидери ќе разговараат за главните прашања“.

Преведено на уште поедноставен јазик, без разлика колку политичарите ќе го пакуваат тоа во убава обланда, по сѐ изгледа дека кон некои земји, а меѓу нив е и Македонија, се испраќа порака да не се надеваат премногу на брзо влегување во ЕУ, туку да се занимаваат со дружбата во ЕПЗ. Така ќе бидеме во европското друштво, ама тоа нема да биде „кремот“. Тоа ќе биде друштвото од шанкот, кое само ќе гледа како изгледа седенката во сепареата, ама нема да има можност во блиска иднина да се вклучи во тамошните теревенки, да се послужиме со разбирливиот балкански јазик, да го заборавиме на час финиот „еуропски“.

Во Прага тоа се обиде убаво да го објасни албанскиот премиер Еди Рама, кој рече: „Европската политичка заедница е добар формат, но не треба да влијае врз пристапувањето кон ЕУ“, но прашање е колку фините европски уши се подготвени да слушаат такви зборови.

Е па, драги мои, ако е така, си имаме ние свои фини занимации и на шанкот, нема проблем. Учени сме ние да дремеме во балканскава крчма, ќе почекаме. Ама да знаете, ако седнеме на шанкот, не нѐ станувате оттаму, па кај и да е, еден ден ќе дојдеме таму кај што сте вие сега.

Но, ете, помина и таа прашка дружба, видовме колку е часот, па време е да се свртиме кон нашите реални проблеми. Кога е веќе сѐ поизвесно дека проширување на ЕУ нема да има во блиска иднина, не мислите ли дека треба малку да прикочиме во однос на отстапките кон Бугарија, пред сѐ. Па, белки имаме и ние некаква дипломатија што ќе знае добро да ја изменаџира целава ситуација, да не се истрчуваме секогаш ние први, туку да причекаме да видиме што добиваме, а што губиме. Па, ако веќе нешто губиме, барем да добиеме нешто од другата страна како реципроцитет. Нели е тоа едно од основните правила во дипломатијата – реципроцитетот, де.

Знам, ќе скокнат сега експертите, со надолго и нашироко толкување на нашиот и на бугарскиот устав, па дека ситуацијата е таква каква што е, дека е дојдено до „земи или остави“… Нормално, не велам дека не е. Но само додавам дека вештината на дипломатијата е да извози слалом меѓу поставените пречки и со успех да стигне на целта. Кажано на едноставен јазик, ако се разбираме.

Е сега, додека се вози тој слалом, со помал или поголем успех, имаме сосема доволно време да се свртиме кон домашните проблеми со полн капацитет. Првиот чекор е направен. Каква-таква средба на највисоко ниво меѓу власта и опозицијата е направена. Средбата Ковачевски – Мицковски дава мал оптимизам дека е можно и кај нас да се започне сериозен дијалог за решавање на најгорливите проблеми.
И решавањето на најтешките проблеми почнува со првиот чекор.