Иако, да бидам искрен, не верувам многу во чуда, сепак деновиве кога политичките партии и нивните лидери ги промовираа предизборните програми за парламентарните избори, не знам зошто, но во истиот момент помислив на чудото што деновиве го промовираше Илон Маск. Станува збор за првиот мозочен чип кај човекот, со помош на технологија развиена од компанијата „Неуралинк“, со што милијардерот Маск успеа да го поврзе човечкиот мозок со компјутерите, што би требало во иднина да помогне во справувањето со сложените невролошки состојби.
И кога станува збор за проектите на американскиот милијардер Илон Маск, колку и да не верува човек во чуда, сепак мора да биде искрен и воздржан, затоа што тој своите проекти изработени од неговите стручни тимови ги подготвува студиозно, научно и со години, па и децении, и откако ќе направи „резултатски чуда“, дури тогаш излегува со нив пред јавноста. Колку од нив ќе го издржат напорниот сестран тест на времето, останува да покаже – времето. Но тоа што е важно за него е што тој во своите проекти и чуда што му ги нуди на народот – верува, напорно и посветено работи и, повторно, верува и исклучително неуморно работи! И да, тој вложува главно свои пари, кои ги заработил реализирајќи ги своите проекти! А како е кај нас?!
Еве, речиси во исто време кога Маск излезе пред јавноста со својот најнов изум и проект за вградување мозочен чип кај човекот (не е важно сега дали е во ред проектот на Маск или не, туку зборувам за посветеноста и страста нешто да се направи – како принцип!), македонските политичари, кои одамна ги водат граѓаните на Македонија, како да им имаат вградено чипови, излегоа пред своите членови и симпатизери и народот на Македонија со своите планови и проекти за претстојните парламентарни избори. И како и на сите досегашни избори, од осамостојувањето на Македонија, повторно на народот му се нуди и ветува мед и млеко и дека по изборите Македонија, во најмала рака, ќе биде Шведска на Балканот.
Тие што не боледуваат од деменција и добро ги следат ветувањата на политичарите ќе забележат дека покрај скудниот број нови проекти, на граѓаните во партиските програми сега им се нудат проекти што и претходно им беа ветувани и нудени, но, за жал, и едните и другите не успеаја да ги реализираат во времето на своето владеење. Тука станува збор пред сѐ за проектите за подобро здравство, образование, реформирано правосудство, деполитизирани и силни институции, професионална администрација, чист воздух, инвестиции, грижа за сите категории граѓани, од децата на предучилишна возраст, учениците, студентите, работниците, пензионерите, старите луѓе… На овој план, најблаго речено, паднаа на испит повеќето политички партии, коалиции, а и влади… Впрочем, тие самите постојано го тврдат тоа во нивните јавни полемики, кога „дебатираат“ за тоа кој што направил или не направил за време на нивниот мандат.
Тоа што загрижува е што тие не само што многу малку или речиси воопшто ништо не направија во реализирањето на нивните партиски или коалициони програми, а и владини програми, туку во добар дел многу повеќе ги влошија состојбите, па така, денес имаме полошо здравство, во кое болните се лекуваат со молитви и главно на свој трошок, катастрофално образование, корумпирано судство, од кое се срамат и самите судии и обвинители, многу позагаден воздух, пензионери што пензиите наместо за храна и поспокоен живот ги трошат за купување лекарства, незадоволна младина, која масовно се иселува од државата, раскопани и недовршени автопатишта и патишта…
За да ја добијат довербата на граѓаните на претстојните избори, политичарите и овој пат за парламентарните избори ветуваат сѐ и сешто. Повторно на граѓаните низ програмите им се ветуваат (по)високи плати и пензии, зголемена минимална и просечна плата, субвенции како за земјоделците така и за студентите, малите бизниси, капитални инфраструктурни проекти, експресни патишта, брзи пруги, борба против криминалот и корупцијата, правда за сите, независно судство, создавање услови за домашни и странски инвестиции, изградба на нови детски паркови, градинки, отворени и затворени базени, аквапаркови, нови училишта…
Безмалку сѐ што граѓаните сакаат, а тие со децении не успеале или не успеваат тоа да го реализираат.
Партиите наместо да излезат пред граѓаните со концизни и многу јасни проекти и платформи, тие и натаму, сметајќи на слабото паметење на народот и поделеноста по партиска и етничка природа, излегуваат пред него со програми што личат на докторски дисертации од по неколку стотини страници, препишани една од друга. Во нивните програми повторно се нудат главно старите ислушани приказни без среќен крај.
Интересно е тоа што сите овие стари-нови проекти се нудат со небаре стари кадри, кои веќе биле на власт и имале можност како министри, заменик-министри, пратеници, советници, аналитичари, експерти, консултанти да ги реализираат, и во ситуација на голема презадолженост на државата, која веќе со децении живее од први до први на кредит и нови задолжувања. Некои од нив не само што воопшто не се покажале туку, напротив, ги влошиле состојбите во областите и дејностите со кои раководеле. Како во блиското и далечното минато, така и овој пат шанса да ги реализираат новите проекти добиваат старите кадри, кои освен лојалноста кон својот лидер и партиска припадност, не се покажале баш (пре)многу со својата стручност, ефикасност и реализација.
И сега, кога политичарите и политичките партии си го кажаа своето, на потег се граѓаните, со чиј глас политичарите седнуваат или стануваат од пратеничките и министерските клупи и фотелји.
По 8 мај нема да има време ни за каење ни за пишманење. По тој ден посветеноста кон работата и сесрдниот труд не треба да недостигаат. Затоа што народот е тој што ќе ги ужива благодетите (или ќе си ги трпи последиците од одлуката што ќе ја донесе).
Македонската јавност, која легнува и станува со политика, добро ги знае и едните и другите. И кога биле на власт, и кога биле во опозиција, кога биле во една или друга коалиција. Кај нас политичарите се најпаметни кога се во опозиција. Тогаш тие ги знаат не само сите маки на граѓаните туку имаат решенија за сѐ. Потоа, кога ќе дојдат на власт, забораваат сѐ и, наместо да ги решаваат проблемите на граѓаните и да ги реализираат проектите што им ги понудиле, тие главно се грижат за решавање на своите лични, семејни или партиски интереси и проблеми. И додека нашите политичари размислуваат од денес до утре и за народот мислат само за време на (пред)избори, во светот паметните се занимаваат со барање одговор за изработка на проекти како да ја искористат вештачката интелегенција, како со ставање мозочни чипови на слепите лица да им се овозможи да гледаат…
Во една пригода познатиот професор по право Ѓорге Марјановиќ рече каков народ – таква власт. Сега народот е на потег. Од него зависи каква ќе ни биде власта. Време за поправен нема. А време за напорна работа ќе има, и тоа допрва доаѓа.