Време за кулирање

Уште со првите сончеви зраци наутро својата песна ја почнуваат жетварките, цел божји ден, дури до доцна навечер некаде по 22 часот, кога конечно стивнуваат испраќајќи порака дека жегата малку попушта и може да се здивне.
Ако некогаш силните горештини фаќаа од Петровден кога почнуваше жетвата, сега тие топлотни бранови во земјава се случуваат буквално од крајот на мај и без прекин држат цело лето. Ќе каже некој дека и порано било жешко и тоа е точно, но разликата е во тоа што порано температурите над 35 степени беа во циклуси, односно ќе зажеже здраво пет-шест дена, па потоа ќе заврне, ќе дувне некое ветре и ќе ги врати оние пријатни 32-33 степени. Така се туркаа летата. Сега траењето на овие топлотни бранови со екстремно високи температури се продолжи, па наместо недела-две, траат и по цел месец без паузи, со што сериозно влијаат врз здравјето на луѓето.
А и како нема да влијаат кога градовите се натрупаа со згради на сметка на зеленилото, едноставно повеќе нема воздух бидејќи бетонот и асфалтот дополнително ја зголемуваат температурата на воздухот, а граѓаните сѐ почесто имаат здравствени проблеми, особено кога ќе фатат големите горештини. Не е воопшто за чудење зошто и телефоните на итната медицинска помош постојано ѕвонат, крвниот притисок оди горе-долу, тахикардиите се зачестени, вртоглавиците и зашеметеноста ги има и кај здравите, а за хронично болните ваквите турбулентни периоди се да се биде или не.
Веќе на сите им е јасно дека времето повеќе не е исто, а она што е уште пострашно, тоа е дека состојбите одат само на полошо. Деновиве читам дека Турција се подготвува за температура над 45 степени, Европа тешко се справува и со температури околу 35 степени, така што кога се работи за виша сила, тогаш и како индивидуи, но и како општества треба да почнеме да се приспособуваме на новите состојби.
Тоа би значело доследно почитување на препораките што постојано во пресрет на топлотните бранови ни ги упатуваат здравствените работници и кои доколку се применуваат, тогаш притисокот врз здравствениот систем во летниот период би бил многу помал.
Прво, во услови кога температурите надминуваат 35 степени и кога УВ-зрачењето е исклучително високо, клучно е секој да се тргне од отворен простор барем во најударните термини, од 11 до 18 часот. Не верувам дека толку животозагрижувачки се две кила патлиџани или три кила краставици од пазарите, за да шетаат пензионерите по горештините и во 12 и во 13 и во 14 часот. Некои и на велосипед. Ги наредиле ќесињата по рачките и среде пладне веслаат по градската жега, други ги молкнат количките на две тркалца, како надвор да не е 40 степени.
Пензионерите се една приказна, а градежните работници друга. Поим за летна горештина кај нас стана армирач со бакарен тен, искачен на некој објект како ги позема долгите арматури додека наоколу асфалтот се топи. Не се криви луѓето, мора да работат и по такви услови оти претприемачите се безмилосни, нив ги интересира само профитот, не здравјето на работниците.

Тука се и хронично болните, трудниците, кои дури и по најголемите горештини мора да одат на некој преглед оти џабе закажале уште во февруари, кога слободен термин имало во јули или август. И ајде, по сета горештина мора да се влечат по болници…
За пратениците е лесно, во Собранието е убаво разладено, се ашкаат везден по тоа долгите ходници, си пијуцкаат кафе во бифето, ги паркирале возилата веднаш во тревникот до собраниската зграда и не зависат од градскиот превоз. Плус сега од август ќе си заминат на едномесечен одмор, а со нивните плати лесно се одбираат дестинации за одмор каде што е многу попријатно од овдешните горештини.
Сепак, крајно време е да се прекине со игнорантскиот однос кон она што се нарекуваат препораки за заштита од горештините и како општество да почнеме да функционираме во согласност со новите предизвици. Се работи за здравјето на секој од нас. Голем број научни студии покажуваат дека температурите на Балканот ќе продолжат да се зголемуваат од лето на лето, така што потребно е да се изгради една нова рутина по која ќе функционираме за да можеме да ги преживуваме полесно сѐ понеподносливите летни горештини.
Имено, постарата генерација треба да сфати дека нема повеќе 40 години и дневните потреби да ги адаптира во согласност со новите состојби. Пазарењето да се одвива порано, да се избегнува излегување по 11 часот, а горештините да се минуваат во сенка, да се разладуваат со лимонада, ладна лубеница или динче, грозје, времето да го минуваат во решавање крстозбор, играње карти, шах или табла со соседот и без непотребни политички дискусии заради помалку нервоза. Сето тоа додека на радио оди фина македонска музика, како лек за душата. Слика од едно фино минато време додека градовите не беа урбанистички осакатени.

За хронично болните, државата треба да најде начин како нивните прегледи, терапии и слично да ги спроведе во периоди кога горештините се најмали и да не ги изложува на дополнителни здравствени ризици што ги носи топлото време.
И за градежниците треба да се најде решение, па наместо во најголемата жега да стојат на отворено, можеби треба да работат во смени, кога горештините ќе попуштат. Има рефлектори, па и за бетонот е подобро кога температурите се пониски. Клучно за сите е да се избегне директното изложување на сонце, да се седи во соодветно разладени простории, но никако премногу разладени, да се пие доволно течност, да не се употребуваат алкохол, тешка и мрсна храна, едноставно сите малку да кулираме ако ни е важно здравјето. Надлежните досега требаше да имаат изработено стратегија за функционирање на целото општество во услови на временски непогоди или да се донесат протоколи (колку ова со протоколиве да ни звучи одбивно), според кои, ќе се одреди функционирањето во услови на големи горештини во лето, како и во услови на екстремно загаден воздух во зима. Сето тоа е важно од една страна да се зачувува здравјето на граѓаните, но од друга страна животот нормално да функционира и во екстремни ситуации. Кога веќе еднаш ќе се воспостави таков систем, тогаш македонското општество многу полесно ќе се справува со предизвиците што ги носат сѐ позачестените временски непогоди. За тоа веќе мораме да бидеме подготвени.