Знае директорот на навигација дека на крајот сепак ќе му помине муабетот и ќе биде по негово, затоа што оние што треба да пресечат и да донесат конечна одлука нема никогаш да гласаат против коалицискиот договор што на сите нив им овозможува да останат во топлите и длабоки фотелји сѐ додека им се може и додека коалициските комбинации им го дозволуваат тоа. Второ, сосема му е небитно дали и колку таквите негови одлуки се косат со некои европски или светски стандарди и прописи. Затоа што, ако беше така, ако ништо друго, барем за миг ќе го замрзнеше спроведувањето на конкурсот, колку да покаже дека се грижи за она што го зборуваат многумина од вработените, синдикатот, па дури и третиот директор. Но ништо од тоа…
Летај, народе мој. Летај додека можеш. Додека контролата на летање не станала целосно контролирана. Од оние што сметаат дека за нивната работа не треба никаква контрола. Освен онаа што тие самите ја пропишале. Изгледа шашаво? Можеби, ама функционира. Кај нас. Овде.
Легендата вели дека првиот човек на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, бил повикан да даде изјава во полиција, откако директорот на М-НАВ (Македонска навигација), Фахрудин Хамиди, и уште еден од тројцата директори, Хасим Деари, го пријавиле дека чувствуваат безбедносна загрозеност од него.
Па нормално, повикан да даде изјава е човекот што е на чело на телото што инсистира да се спроведуваат законот и прописите, кои не се само наши македонски туку и светски, какви што ги пропишува Европската контрола на летање. Но кој ја прашува Европа, кога ние имаме луѓе што се над законот и над протоколите, а кои инсистираат дека кандидатите што тие намерачиле да ги примат на работа да ги контролираат нашето небо и нашата безбедност и сигурност не треба да ги исполнуваат бараните услови.
Се огласи и Тасевски, кој вели дека можеби директорите виделе закана во неговиот повик објавен на Фејсбук, каде што тој го повикува Обвинителството да почне да чепка за контроверзниот прием на последните кандидати за работни места: петмина инженери и двајца инструктори, но и за сомнителни тендери во М-НАВ, за реновирање гаража итн.
Нормално дека јавноста, навикната да ја бара заднината на она што официјално се кажува, веднаш ќе го впери погледот во последните зборови на првиот синдикалец. И веднаш станува јасно дека со ишкање на мувата од страна на прозваните, не сакајќи се отвораат и други ни малку наивни прашања. Ако има кој да ги отвори и да ги разгледа. Ќе поминат ли и овие „возови“ како и многу други актуелни и некои веќе подзаборавени?
А, веројатно, добро ја знаете предиграта на ваквата типично македонска приказна. Имено, лицата што конкурирале за работа во Македонската навигација, значи крајно осетливо и специјализирано работно место, откако поминале на контроверзните огласи за инженерскиот дел, избегале од тестовите за селекција. Кога ги добиле предвидените прашања, кандидатите едноставно одговориле дека не ги знаат одговорите и си заминале од тестирањето.
Попусти беа укажувањата на инженерите и на инструкторите од комисијата дека им е оневозможено да го проверат предзнаењето на кандидатите пред склучувањето на договорот за вработување, што е обврска според членот 25 став 6 од Законот за работни односи.
Во знак на поддршка на однесувањето на кандидатите, директорот Хамиди се огласи дека не е потребно интервју за вработување инженери во М-НАВ и кандидатите се вработени според закон.
Па нормално, во право е човекот. Малку ли примери виде директорот во кои во земјава се изигруваат и се заобиколуваат законите кај нас, па да не си земе дискреционо право самиот да одлучува што ќе важи, а што нема да важи и во службата што му е доверена да ја раководи. Колку такви „возови“ поминаа без никој да крене глас, не им се знае бројот.
Прво, знае дека на крајот сепак ќе му помине муабетот и ќе биде по негово, затоа што оние што треба да пресечат и да донесат конечна одлука нема никогаш да гласаат против коалицискиот договор што им овозможува да останат во топлите и длабоки фотелји сѐ додека им се може и додека коалициските комбинации им го дозволуваат тоа. Второ, сосема му е небитно дали и колку таквите негови одлуки се косат со некои европски или светски стандарди и прописи. Затоа што, ако беше така, ако ништо друго, барем за миг ќе го замрзнеше спроведувањето на конкурсот, колку да покаже дека се грижи за она што го зборуваат многумина од вработените, синдикатот, па дури и третиот директор, но ништо од тоа.
Би рекле, возовите врват…, но во случајов се работи за авиони, па нека биде – авионите летаат. Ама до кога, господ знае, особено ако европските летачки власти дознаат на кое дереџе се става безбедноста на македонското небо.