Како што наближува почетокот на изборната кампања, така се разгоруваат страстите меѓу политичките ривали, кои не избираат средства и не водат сметка за нивото со кое се пресметуваат со својот политички опонент, иако сите на крајот не забораваат да кажат дека тие се оние што ќе работат за интересите на граѓаните. Сите од уста не ги вадат граѓаните.
Досегашното тридецениско искуство покажа дека штом поминат изборите, на сцена одново стапуваат некои други поважни интереси од граѓанските, а тоа се партиските. Да работеа досега сите како што ветуваа пред избори, немаше овој народ да се најде на сегашново дереџе, едвај да скрпува крај со крај во месецот и сѐ подлабоко да тоне во апатија и безнадежност, барем оние нешто над милион што останаа во земјава. Тие сега и да сакаат да си заминат, не можат оти немаат пасоши. Ете дека можел да се реши проблемот со иселувањето од државата, не им давај пасоши на луѓето и ќе седат тука. Шегата настрана.
Деновиве во Собранието се најде иницијативата за измени на Законот за патни исправи со кој требаше да се продолжи рокот на важност на пасошите со старото уставно име барем до Нова година, за малку да се добие на време и колку-толку граѓани да дојдат до патна исправа. За жал, најголем дел од пратениците од владејачкото мнозинство ја одбија оваа иницијатива со образложение дека така ќе се прекршел меѓународен договор, занемарувајќи го фактот дека тие исто ги прекршуваат меѓународните договори на кои Македонија е потписник, а кои се однесуваат на човековите права, вклучувајќи и на она за правото на слободно движење. Ја прекршија и меѓународната повелба донесена од ОН, во која јасно е наведено дека воени злосторства извршени врз цивили никогаш не застаруваат и не можат да се менуваат со интервенции во внатрешната легислатива. Тоа значи дека четирите хашки случаи не може да се затскриваат со некакво автентично толкување на Законот за амнестија, бидејќи ОН не амнестираат воени злосторства извршени врз цивили.
Муабетот ми е дека пратениците се должни да ги спроведуваат политиките што се во интерес на граѓаните, а не да бидат само слепи послушници на она што им го диктира партиското раководство и да се затскриваат зад некакви меѓународни договори. Ако е поинаку, тогаш зошто сите бараат мандат од граѓаните на избори? Очигледно многумина заборавиле што значи да се биде народен пратеник и зошто воопшто се нарекува така. Народот го испратил него во Собранието за да ги застапува неговите интереси. Истите тие „народни“ пратеници имаа доволно време претходно да го решат проблемот на 650 илјади граѓани без патни исправи затоа што се работи за институционален фелер поради кој луѓето останаа без пасоши, а не затоа што некој се надевал оти ќе се вратело старото име. Сведоци сме дека меѓународното право и меѓународните договори веќе никој не ги ферма ниту три посто, ама само нашиве сега станале доблесни спроведувачи на меѓународното право, заборавајќи дека поради кршењето на меѓународното право врз наш грб земјата најпрво со години чекаше на признавање од тогашната Европска заедница, потоа мораше да се зачлени во ОН под референца, трпеше и блокади и ембарга, не можеше да почне преговори со ЕУ, за на крајот да го смени уставното име и повторно да биде блокирана со барања што се спротивни на меѓународното право и на сите меѓународни договори со кои се обврзале земјите што постојано нѐ блокираат.
Значи сите си ги вртат работите како што ним им одговара, само нашиве ги вртат работите како што на другите им одговара. Феномен, нема што. Да се сакало толку да им се угоди на другите на сопствена штета, навистина е тешко да се разбере, класичен садомазохизам.
Зборот ми е дека нашиве пратеници пред да го притиснат копчето „против“, требаше прво да помислат како им е на оние 1.000, 3.000, 7.000 или 10.000 гласачи што го дале гласот за нив во нивната изборна единица. Пред да стиснат, да се запрашаат дали оние што им го дале мандатот имаат пасоши, сообраќајни, возачки дозволи, можат ли да отидат на одмор летово, дали некој од нив има потреба од медицинска грижа надвор од државата, како воопшто врзуваат крај со крај…
Ако работеа народните канцеларии како што требаше да работат, тогаш секој пратеник ќе можеше од прва рака да дознае како размислуваат тие што гласале за него, што бараат тој како пратеник да преземе, какви закони да предложи, решенија, правилници, за да може да им ја олесни живејачката на оние што го избрале, но и да ја оправда довербата што му ја дале. Тогаш тој пратеник може да излезе на говорница и да каже дека зборува во име на народот.
Вака е лесно, партискиот лидер диктира, пратениците послушно ги притискаат копчињата. Тие се само обични партиски пратеници и ништо повеќе. Не говорат во име на народот, или можеби говорат, ама во името на некој друг народ, кој да ти знае?
Не е ниту до меѓународното право, ниту до договорите, не е до ништо, туку до агендата на партијата. И така и ќе остане и во иднина ако не се преземе некаков порадикален чекор, во смисла да може да се одзема пратеничкиот мандат доколку граѓаните што го изгласале кандидатот не се задоволни од тоа како тој ги претставува во законодавниот дом. На тој начин секој пратеник многу подобро ќе размисли дали само послушно ќе го стисне копчето во Собранието по партиски диктат или, пак, ќе се запраша, може ли нешто повеќе да се направи за овие луѓе што ме избрале. Секако дека може и ништо не е во камен изделкано, па така, ниту меѓународните договори.
Ако Преспанската спогодба е меѓународен, но пред сѐ билатерален договор, тогаш можеа истите тие пратеници да седнат и да размислат како да се изнајде некакво техничко решение за да им се излезе во пресрет на граѓаните. Во завршната одредба на Преспанската спогодба, во точката 7, се вели дека спогодбата не ги загрозува правата и должностите кои произлегуваат од билатералните и мултилатералните спогодби кои се веќе во сила, а кои двете Страни ги склучиле со други држави или меѓународни организации. По оваа логика, Македонија со повеќето земји има склучено билатерални договори за пасошите, речиси 140 земи во светот ја признаа под името Република Македонија, така што низ една техникалија сите тие земји можеа да продолжат да ги признаваат патните исправи додека државата не го заврши процесот на промена, ете, нека беа тие фамозни девет месеци до Нова година. Впрочем, во сите стари пасоши има печат дека „се сопственост на Северна Македонија“, така што дали тоа стоело напред на корицата, или внатре, не е греда, одредбата е исполнета. Со печатот документот е променет, во предвидениот рок. ЕУ веќе јасно кажа дека остава секоја земја посебно да одлучи како ќе се однесува со патните исправи оти и ним им е јасно дека институциите потфрлиле, но сепак не сакаат да ги блокираат македонските граѓани како што тоа го прави нивната матична држава. И за Грција има решение, бидејќи ако им е во прилог половина милион Македонци да не одат летово таму на одмор и да истурат милиони евра во грчката економија, тогаш во ред, тие ќе изгубат. Но ако сакаат да ѝ излезат во пресрет на земјава, можат овој преоден период да го бајпасираат така што на граничните премини повторно ќе ги даваат оние листи на лицата што немаат нови пасоши и во нив ќе удираат печат. Ем Грците задоволни ем македонските граѓани нема да бидат затворени принудно. Вин-вин ситуација, така се решаваат техничките проблеми. Токму тоа е задачата на народните избраници, тие да бидат креативни, да изнаоѓаат решенија, да поднесуваат иницијативи, да мобилизираат, да не се откажуваат дури ни тогаш кога изгледа дека е невозможно да се најде решение, наместо да бидат затворени во рамката во која очигледно се наоѓаат.
Ова се времиња во кои само најснаодливите ќе опстојат, така што полтронски политики нема воопшто да ѝ помогнат на државата, уште помалку на граѓаните. Затоа идните народни пратеници што ќе седнат во собраниските клупи да не заборават од каде дошле, за кого дошле и кого го претставуваат таму. Партијата нека ја заборават кога одлучуваат за интересите на државата и на граѓаните, нека се водат првенствено од сопствената свест и совест. Народот ќе знае да ги награди таквите вредности, но и да ги казни како што секогаш досега ги казнувал сите оние што опиени од благодатите на власта заборавиле на сопствениот народ.