Германскиот и американскиот пример за одбрана на националните интереси по секоја цена треба да бидат лекција и за Македонија, за тоа како треба да се однесуваме за заштита на нацијата, идентитетот, јазикот, историјата и на културата, кои секогаш мора да бидат во фокусот на секоја влада и на институциите, со цел да се
обезбедат нивна иднина и одржливост. Домашните носители на највисоки функции очигледно ја следат ситуацијата и брзо ги усвојуваат овие лекции, за што претставуваат потврда и последните изјави со кои се порачува дека веќе нема прифаќање ултиматуми, како и оти никој не треба да нѐ уценува за да правиме национални отстапки
Националните интереси се над сѐ и во борбата за нивно зачувување е дозволено сѐ. Ова е поука што може да се извлече од цврстата определба на германскиот канцелар Олаф Шолц да ги стави германските национални интереси пред оние на Европската Унија, кога ја брани германската банка Комерцбанк од непријателското преземање од страна на италијанската Уникредит и на тој начин директно ги подрива паневропските соништа.
Во борбата за Комерцбанк се дозволени сите средства, констатира европското издание на магазинот „Политико“, пишувајќи за жестоката реакција на Шолц, која открива колку се чувствителни и заштитнички настроени националните влади во врска со контролата на нивните домашни финансиски сектори. Политичари и економисти од другите членки на ЕУ веќе долго време ја обвинуваат Германија дека им дава приоритет на сопствените интереси на штета на единствениот европски пазар. Многумина ја окарактеризираа германската власт како негативец за време на кризата со ковид-19 и на енергетскиот шок поврзан со војната во Украина од 2022 година, кога протекционистичкиот инстинкт на официјален Берлин беше масовно да ја субвенционира домашната индустрија без оглед на штетата на внатрешниот европски пазар, особено во помалите земји на ЕУ.
Германскиот канцелар Шолц очигледно се оглуши на долгогодишните европски апели за создавање банкарска унија и унија на пазари на капитал, кои добија на итност откако врвниот италијански економист Марио Драги откри колку ЕУ заостанува зад САД и Кина. Личи дека таквите амбиции за подлабока интеграција во рамките на ЕУ, како и досега, ќе останат празни разговори што веќе одат во ветер, како што забележуваат и светските медиуми.
И Америка, слично како и Германија, ги става своите интереси на прво место, што е општо познато. Тоа го докажа и кога во екот на најголемите воени судири во Украина, при заговарање и спроведување на досега најширок обем на санкции спрема Русија, увозот на руска нафта во САД достигна рекордно ниво, иако Американците на своите европски сојузници им наметнаа ограничувања за набавка на руската нафта и гас. Со тоа американската администрација уште еднаш покажа дека интересот за својата економија и граѓани е неприкосновен, без разлика какви кризи се случуваат во светот. Американците никогаш не ја испуштаат од фокусот грижата за економијата и нацијата, и таа за нив е приоритет над приоритетите.
„Нова Македонија“ во повеќе наврати укажа дека улогата на челните луѓе на државата е секогаш и секаде да ги бранат националните и граѓанските интереси по секоја цена, дури и тогаш кога работите на прв поглед изгледаат невозможно и неостварливо, при соочувањето со големи предизвици и наметнати уценувања однадвор, што задираат токму во националните интереси. Тоа значи дека постојано мора да се бараат решенија и начини како државата да биде добитник во секоја ситуација, наместо да се форсира дефетистичкиот пристап дека работите се такви какви што се и оти никој не може да ги промени. Вистински лидери се токму оние што имаат јасна визија кога станува збор за интересите на државата. А една стамена, мудра, чесна, вредна и патриотски настроена личност секогаш ќе знае каква политика да води во меѓународни рамки, особено ако утврди дека надворешната политика се движи во погрешна насока и прави непоправлива штета на националните интереси.
Германскиот и американскиот пример за одбрана на националните интереси по секоја цена треба да бидат лекција и за Македонија, за тоа како треба да се однесуваме за заштита на нацијата, идентитетот, јазикот, историјата и на културата, кои секогаш мора да бидат во фокусот на секоја влада и институциите, со цел да се обезбедат нивна иднина и одржливост. Домашните носители на највисоки функции очигледно ја следат ситуацијата и брзо ги усвојуваат овие лекции, за што потврда претставуваат и последните изјави со кои се порачува дека веќе нема прифаќање ултиматуми, како и оти никој не треба да нѐ уценува за да правиме национални отстапки.