Иноваторите го движат светот напред, истото тоа се случува и во спортот, кој во целата своја историја не мирува и покажува дека има огромен простор за новитети, за промени, за измислување нешта за победа, а показател доаѓа од два спорта деновиве, примери што, и покрај сета технолошка инвазија, ја покажуваат суштината на спортот – со иновација до победа. Секако, покрај новитетите за примена на спортското поле, паралелно во светот трае технолошкиот напредок покрај терените, кој неизоставно наоѓа допирни точки со спортот, а сега актуелен е пробивот на вештачката интелигенција за создавање предности во играта. Сепак, се чини дека по сѐ спортот ќе остане сложена интеракција на играчите на теренот, нивната и иновативноста на тренерите, кои ќе имаат сѐ поголема помош од технологијата во креирањето на патеките кон успехот. Технологија, несомнено, е одлична алатка, но таа автоматски не создава шампиони, туку може да им помогне на талентите, со помош на инвентивните, да станат ѕвезди
За неколку години, фудбалските тренери можеби ќе користат вештачка интелигенција како помошник. Ова е една од претпоставките на упатените во фудбалот и во развојот на вештачка интелигенција, тема сѐ повеќе актуелна во светот, но и во спортот. Вештачката интелигенција направи значителен напредок во различни индустрии, а спортот не е исклучок.
Иноваторите го движат светот напред, а истото тоа се случува и во спортот, со иновации во тренинзите, техниките, тактиките, исхраната, санирањето повреди… сѐ со цел да се унапреди играта, да се изненади ривалот. Ако ги немало тие што размислувале поинаку од другите, поинаку од стандардните форми, денес веројатно ќе имавме здодевен, предвидлив спорт. Меѓу иновациите во играта познати во овој период, како можеби најсвежи, се, на пример, во фудбалот играње со т.н. лажна деветка, играта „седум против шест“ во ракометот, бекови да играат како центри, центри како плејмејкери во кошарката… И во минатото спортските мислители што го менувале спортот носеле еволуција, денес секојдневни и лесно воочливи, како, на пример, во тенисот сервисот преку глава, во кошарката скок-шутот, во одбојката сервисот со забивање, во фудбалот голмани што се и одбранбени фудбалери, во атлетиката различни начини за повисоко, подалеку и побрзо, во ракометот голманската пеперутка, во скијачките скокови незаменливиот В-стил итн.
За тоа дека спортот, како и во целата своја историја, не мирува и покажува дека уште има огромен простор за новитети, за промени, за измислување нешта за победа, показател доаѓа од два спорта деновиве. Така, на пример, новиот светски рекордер во фрлање ѓуле до новите далечини стигнува и со иновирање нова техника за чекорење при залетот и за исфрлање на ѓулето. Анализите на фудбалската сезона во можеби најсилната лига во Европа, таа во Англија, пак, детектираа и неочекувани тренерски иновации со поместувања на позиции на фудбалерите на теренот. Сѐ со идеја за добивање милиметри предност во однос на ривалите. Овие примери, и покрај сета технолошка инвазија, ја покажуваат суштината на спортот – со иновација до победа.
Секако, покрај новитетите за примена на спортското поле, паралелно во светот трае технолошкиот напредок покрај терените, кој неизоставно наоѓа допирни точки со спортот. Иако се чини дека технологијата како сега да се испреплетува со спортот, таа е присутна повеќе од еден век (на пример, фотофинишот за одредување победник во некоја трка првпат е употребен во 1912 година). Од пред неколку години, присутни се разни помагала, системи око соколово, кои, на пример, донесоа во тенисот и мечеви без линиски судии, во фудбалот се користат полуавтоматизиран систем за одредување офсајд и системот ВАР.
Сега, пак, актуелен е пробивот на вештачката интелигенција во многу сфери, а и во спортот, за создавање предности во играта, од спречување повреди и оптимизација на перформансите, до анализа на играта, и таа го револуционизира начинот на кој спортистите тренираат, се натпреваруваат и закрепнуваат. Многу врвни клубови имаат научници и аналитичари што работат на перформансите на играчите, технологијата се користи за ангажирање играчи, за тренинг, исхрана и анализа на натпревари, според некои претпоставки, вештачката интелигенција може да препорача и, на пример, оптимални тренинзи пред мечевите, таа да детектира разни предности и слабости на ривалите историски, но и за време на натпревари…, а упатените велат дека за 10 години, тренерите би можеле да имаат вештачка интелигенција како помошник.
Сепак, се чини дека по сѐ спортот ќе остане сложена интеракција на играчите на теренот, нивната и иновативноста на тренерите, кои ќе имаат сѐ поголема помош од технологијата во креирањето на патеките кон успехот. Технологија, несомнено, е одлична алатка, им помага на спортистот, тренерот, тимот, клубот…, но таа автоматски не создава шампиони, туку може да им помогне на талентите, со помош на инвентивните, да станат ѕвезди.
Сите овие и многу други технолошки новитети веројатно ќе донесат пофер спорт, израмнето поле за натпревар, а ќе го одземат имањето алиби за пораз, по што ќе остане само фактот дека неуспехот на теренот е само поради „своите“. А токму со играњето по чисти правила и со експресни и прецизни судиски одлуки, ќе се врати спортот на почетоците, па на површина неизбежно пак ќе бидат иновативните, а победата и понатаму ќе ја носи тој со повеќе имагинација и идеја.