Најпрагматичниот начин за избегнување на одговорноста, досега се покажало, е нејзиното споделување! А „перспективите“ на широката коалиција оддалеку ја лоцираат и извонредната можност на споделување на политичката одговорност кај сите политички фактори во земјава за спроведување на наметнатите уставни измени, но и сите предизвици што би се активирале со евентуалното отворање на Уставот. Како „колатерална придобивка“ од широката коалиција, секако би било и споделување на одговорноста за (не)справувањето со корупцијата и организираниот криминал
Еуфорија! Големите масовни настани носат еуфорија, без оглед како таа се манифестира. Нова година сѐ уште создава еуфорија во општеството, макар и преку изразено негодување, „мрчење“ – зошто (не) се прават трошоци за нејзин пречек, кога таа се случува на секои 365, евентуално 366 дена… Наближувањето на изборите редовно создава политичка еуфорија, која често ја заматува перцепцијата на реалните состојби и предизвици (обично на победниците)… Заматената нереална перцепција, пак, води до погрешни одлуки на политичките елити, за кои цената најчесто ја плаќаат граѓаните, т.е. општеството, државата! За дејствување под еуфорија на нереални ветувања, според логиката на нештата, секогаш би требало да се понесе одговорност. А тоа е она што (не)вештите политичари сакаат да го избегнат. Најпрагматичниот начин за избегнување на одговорноста, досега се покажало, е нејзиното споделување!
Генералните предизвици со кои се соочува Македонија пред новата 2024 и пред новите изборни циклуси што ја очекуваат во годината што доаѓа, главно се сведуваат на „енигмата“ како да се пробие хроничната блокада на патот за евроинтеграциите и да се пронајде „формулата“ – како со неосквернавен македонски идентитет да се биде дел од ЕУ. Досегашните однадвор понудени, а дома – прифатени решенија, се покажаа како генератор на нови условувања и уцени, со кои се бараат нови отстапки главно од Македонците и од Македонија, во однос на нивната идентитетска дефинираност. Се покажа дека не се од голема корист и укажувањата (дури алармирањата) дека таквите услови и уцени се целосна негација на основните принципи и вредности на Обединетите нации, на Европската Унија, заштитени и поддржани со меѓународното право. Македонија практично беше принудена „билатерално“ да се согласи и да прифати такво кршење на основното човеково право на самоопределување и самоименување, да ги прекрши на своја штета принципите на меѓународното право, а притоа се очекува да ги спроведува и стандардните реформи, неопходни за почеток на преговорите со ЕУ.
Притисокот за спроведување на непринципиелните услови (уставни измени за менување на името на државата со Преспанскиот договор, кои продолжија со барање уставни измени за нереципрочно и несоодветно додавање на Бугарите во македонскиот устав), очекувано, низ годиниве негативно се одрази на спроведувањето на принципиелните критериуми на Европската Унија за реформирање на македонското општество до стандардите за членство во неа.
Додека политичката енергија и капацитети на надворешен план беа насочени на исполнување на непринципиелните барања за Македонија, на внатрешен план корупцијата и организираниот криминал како да ја презедоа „играта“ и ги поставуваат „критериумите и стандардите“ за функционирање на државата. Довербата во институциите, особено на правосудството, е сведена практично на маргинална грешка од 1 до 2 отсто. Состојбите со корупцијата и организираниот криминал во Македонија се до тој степен ескалирани, што од меѓународната заедница веќе се алармира дека расчистувањето со оваа појава е приоритетна задача за напредување во евроинтеграциите. Но непринципиелните услови за уставни измени, иако можеби не се споменуваат, и понатаму остануваат како камен на вратот за македонските евроинтеграции.
Во таков контекст, во македонскиот политички амбиент почнуваат да циркулираат размислувања дека овие два противречни „услова“ за напредување на македонските евроинтеграции можат да се „решат“ со евентуална широка коалиција по изборите, кои треба да се случат во 2024 година. „Перспективите“ на широката коалиција се гледаат пред сѐ во насока на споделување на политичката одговорност кај сите политички фактори во земјава за спроведување на наметнатите уставни измени, но и сите предизвици што би се активирале со евентуалното отворање на Уставот. Како „колатерална придобивка“ од широката коалиција, секако би било и споделување на одговорноста за (не)справувањето со корупцијата и организираниот криминал. Идеите за широка коалиција инстинктивно ги будат сомнежот и прашањата, колку таков политички амбиент на широко споделување на власта (со партии со различни интереси и со личности во нив, со различен степен на сомнежи за коруптивна инволвираност) е поволен за борба против корупцијата.
Според политичките аналитичари и ангажирани активисти – антикорупционери, барањето излез за политичките предизвици на Македонија во споделување на власта во некаква широка коалиција, практично претставува отворена можност – корупцијата и корумпираните непречено да останат на власт. Таквата солуција би била само уште една потврда дека борбата против корупцијата секогаш страдала поради политички пазар. Каква било коалиција, колку и да е широка, не влева оптимизам за борбата против корупцијата, ако актерите во неа немаат принципиелен однос спрема таквата борба, без оглед на политичкиот интерес. Сите претходни искуства укажуваат дека широката коалиција е шанса за избегнување на одговорноста или барем нејзино префрлање на (не)саканиот коалициски партнер. Еуфоријата од лесни решенија нема да ја однесе Македонија далеку на евроинтегративниот пат. За почеток, преземањето одговорност за своите постапки, решенија и одлуки (особено кога се погрешни) е сигнал за политичка зрелост, што толку ѝ е потребна на државата. Избегнувањето на одговорноста и избирање на „пократкиот пат“ до целта се покажа дека нѐ водат во ќор-сокак и нови уцени!