Веќе не е мајтап или анегдота дека во некои италијански гратчиња се запишуваат повеќе првачиња од Македонија отколку во нивните родни градови и села. Реалноста ги потисна шегите и потсмевањето. Луѓето без оглед на имотната состојба или нивото на образование ги полнат автобусите што возат во еден правец. Јавна тајна е дека сега и повозрасните заминуваат кон Италија, Швајцарија, Германија, но и во други држави, овој пат за да ги чуваат внучињата, бидејќи таа опција е поевтина отколку да се плаќаат градинките и забавиштата таму. Така барем велат оние што заминуваат, веројатно за да најдат оправдание што и тие, на стари години, се решаваат да го напуштат родното огниште
Политичарите очигледно не читаат вести, односно ги читаат само оние што ги воспеваат. Затоа и не верувам дека ја прочитале алармантната вест што деновиве пристигна од Истокот на земјава, во која се констатирани уште еднаш застрашувачки податоци за масовниот егзодус на млади, работоспособни, перспективни кадри. А и да ја прочитале, најверојатно ја игнорирале, како што вообичаено прават со вестите каде што тие не можат да се вградат.
Инаку овој интересен израз – вградување, го слушнав од некои мои пријатели, бизнисмени. Имаат многу интересно толкување, но за него ќе зборуваме во некоја друга пригода.
Сепак, во овој момент е многу поважна веста. А таа вели дека од истражувањето на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, насловено „Млади, миграции и образование“, спроведено меѓу младите од 13 училишта од 13 града од Источниот, Североисточниот, Југоисточниот и Вардарскиот Регион, 21 отсто рекле дека сакаат да студираат во странство, што во однос на претходното истражување пред пет години, е зголемување 8 отсто. Од 3.500 матуранти пријавени за државна матура, 33 отсто рекле дека не сакаат да продолжат со студии и сакаат да заминат во странство. Професорот Страшко Стојановски, кој го раководеше истражувањето спроведено заедно со студентите, изјавува дека од оние што не би се запишале на универзитет, а тие се околу 30 проценти, средношколци од четврта година, исто така 24 проценти би сакале да се иселат. Привремената миграција за студирање во странство многу лесно преминува и во трајна и ова, како што вели, е сериозен проблем.
И ова истражување е само мал пресек на состојбите со младите во источниот дел, кој и онака рапидно се празни. За комплетната слика треба многу повеќе анализи, снимања на теренот, анкети. Но додека некој од надлежните се сети да ја докомплетира неубавата слика за да се обиде да најде начин да ја разубави барем малку, ние можеме само да ги собираме достапните информации во обид од наш агол да понудиме нешто повеќе.
А тоа што го дознаваме од нашите колеги од теренот, од соговорници што не сакаат многу да зборуваат, од личното искуство, само го комплетира мозаикот што никој не сака да го види со отворени очи.
Веќе не е мајтап или анегдота дека во некои италијански гратчиња се запишуваат повеќе првачиња од Македонија отколку во нивните родни градови и села. Реалноста ги потисна шегите и потсмевањето. Луѓето без оглед на имотната состојба или нивото на образование ги полнат автобусите што возат во еден правец. Јавна тајна е дека сега и повозрасните заминуваат кон Италија, Швајцарија, Германија, но и во други држави, овој пат за да ги чуваат внучињата, бидејќи таа опција е поевтина отколку да се плаќаат градинките и забавиштата таму. Така барем велат оние што заминуваат, веројатно за да најдат оправдание што и тие, на стари години, се решаваат да го напуштат родното огниште.
Но тоа е народот. Отсекогаш е познато дека нашите луѓе се печалбари, дека во потрага по подобри услови за живот и за заработка заминувале таму каде што гледале перспектива. Меѓутоа, ретко кога се случувало како сега да заминуваат цели фамилии, да испустуваат цели региони.
Токму затоа зачудуваат и изненадуваат молкот и оградувањето на политичарите, па дури и на оние што потекнуваат токму од овој регион.
Впрочем, кога последен пат сте виделе некој политичар од власта или од опозицијата да отиде во некој од испустените градови во Источна Македонија и да каже некој добар збор, да донесе некоја инвестиција, со што, ако ништо друго, барем ќе покаже дека некој мисли на овој наш народ. Но нема таков јунак. Сите ги заобиколуваат како таму да владее некоја епидемија на тешка заразна болест и како да е забранет секој пристап.
Токму затоа, кога ќе се обелоденат податоците дека и од оние сѐ помалобројни средношколци што останале овде значителен процент размислуваат за заминување, тогаш што друго да се вклучи освен црвеното светло за аларм.
Црвеното светло што ќе нѐ разбуди од оваа летаргија, од оваа зимска бајка во која сите дремеме, очекувајќи да дојде принцот на бел коњ, да нѐ разбуди и да ни каже дека ние само сонуваме, а дека реалноста не е толку мрачна.
Но животот не е бајка. Принцовите одамна не јаваат бели коњи и ретко каде носат убави вести.