Валтер од Сараево во европскиот тунел на небитноста

  • Сараевското сафари, кое сега некој пак го актуализира, не е единствено. Имаше и косовско сафари, за кое е снимен и значаен документарец, снајперистите имаа пет минути слава и на киевски „Мајдан“, некои велат и за време на „Окупирај го Волстрит“… Наместо да ги повикуваме кучињата на војната, ние повикуваме на мир, да се искористи сега големата можност
  • Во европскиот тунел на небитноста, Македонија се наоѓа географски. Но наметнувајќи го поизразено својот суверенизам, може да се најде во многу поповолна позиција отколку да биде светското чергиче на кое сите ќе си ги бришат чевлите. Навиките тешко се менуваат, но дојде времето да нѐ гледаат во поинакво светло. Некој би рекол – да се одважиме, и како нација и како држава. И да, не сакаме мирис на барут! Не сакаме нови снајперски улици!

Кина, цивилизација што континуирано постои со пишана историја шест милениуми, може да создаде една мисла што преведена оди вака: „Вистината кога-тогаш ќе исплива, макар и како леш“. Кина, како што истакна и нејзиниот претседател Си Џинпинг, „има време“. Ние што го мериме времето со западни часовници немаме толку време. Ние никогаш немаме време да подзастанаме, да се подзамислиме каде сме, кај сме кинисале, едноставно мораме да брзаме. Имаме и наметнати рокови, а тоа е веќе психолошка состојба на притисок. Од брзање гледаме, ама не можеме да видиме. Од брзање не го препознаваме светот, тој ни бега од под нозе. Виртуелен потрес под нозете, несигурност и страв. Часовникот ни отчукувал. Жално, ама некој тајно ни ги брои и деновите. На земјава нема казна за таквите лицемери, Господ за нив смислил своја, во својот свет.
Затоа и сега кога се вратија информациите за „снајперската авенија“ во Сараево (препрочитајте ја неодамнешната прекрасна колумна на нашиот новинар Сотир Ристо), за тоа балканско сафари на живи луѓе, на дечиња, на девојки што требало да бидат запросени, а станале цел на некои сафари-ѕверови – велам зарем не е предоцна?! Кого денес ќе стигнат правдата и казната во Европа за тоа што пред 30 години се правело низ Сараево? Не знам. А се снимија и филмови, се напишаа книги, документарци, некои добија награди, дека некој организирал сафари за да им угоди на мрсните мозочни гадови со снајпери да гаѓаат и да убиваат цивили во Сараево, градот што Валтер (алијас Тито) го одбранил од нацистите. Се чини, а има сѐ повеќе докази, дека мисијата не била успешно завршена со чистењето на нацизмот во Европа. Нацистички мозоци успешно вирееле, па дури и имале пари да платат за да убиваат деца.
Сараевското сафари не е единственото. Сега Италија ќе истражува кој го организирал тоа во Милано или во Трст. Нека истражуваат. Истражуваа и во Белгија за тоа како нивни војници мировници почнале нагло да се разболуваат од канцер кога се вратиле од Косово. Па како? А што е со цивилното население таму? Се сеќавам на едно мое интервју со еден Германец, кој беше де факто во улогата на Понтиј Пилат во Косово. Тој на прашањето – зошто не ги интегрираат Ромите, Ашкалите и Египјаните, кои се во Македонија, ми кажа дека не било безбедно да се вратат во нивните домови од каде што биле протерани. Зошто? Имало преголемо загадување. Но и затоа што косовските Албанци не го дозволувале тоа. Досието за преголемото загадување со осиромашен ураниум на овие простори, за тој нуклеарен отпад оставен од НАТО, никогаш не е докрај расчистено. Се знае, но и не се знае. Се бројат мртвите, но во која графа ги ставаме?

Не знам дали сте слушнале за „косовското сафари“. Има еден извонредно добар документарен филм, чија светска промоција ја гледав во САД. Дојде и Мартин Скорсезе и тогаш кажа дека документарниот филм е основата на кинематографијата. Без документ нема филм. Тој го кажа тоа. Филмот за кој сакам да ви обрнам внимание се вика „Бруклинската врска“ (The Brooklyn Connection, 2005), во кој како актер се појавува Ричард Холбрук, познат и како „булдожер-дипломат“. Доаѓаше и во Скопје да булдожира, и тоа успешно. Централна фигура е извесниот Флоријан Красниќи по потекло од Косово, кој работејќи на отстранување азбест од њујоршките покриви добро се нафатирал. Според документарецот (сценарио Стејси Саливен), тој собрал околу 30 милиони долари за да ѝ помогне на КЛА во борбата за ослободување. Влегува Флоријан во една продавница за оружје во Бруклин и од продавачот бара најсовремени снајпери. Продавачот со насмевка го прашува „за каде ти се овие јаки пушки“. „Одиме на сафари ќе убиваме слонови“, му вели косовскиот Американец. „Африка, каде“?, прашува продавачот. „Не, на Балканот, во Косово“, му одговара. „Зарем таму има слонови“, се чуди продавачот, кому најважни му се парите. Како тие пушки ќе дојдат до Косово е големото прашање. Сценариото вели легално. Зарем е можно? Знаеме дека не беше сѐ легално, но и знаеме дека авиони со знакот на Црвениот крст слетуваа во Тирана, можеби и во Скопје, во Приштина и носеа оружје. Снајпери „црни стрели“. Пушки за едно ново сафари. Тие се користеа во 2001 година и против Македонија, а Македонија беше под воено ембарго. Снајпери се користеа и кога имаше протести во киевски „Мајдан“. Велат дека снајпери гаѓале и за време на протестите „Окупирај го Волстрит“, но за тоа имам и резерви.
Којзнае колку невини глави се продупчени со снајперски куршуми? Којзнае уште колку сафаристи се во редот и чекаат на зелено светло за да отидат во ново сафари, да гаѓаат, да си ја задоволат страста да убиваат. Припадници на една одметната цивилизација на ѕверови.

Овие мали парчиња, кои понекогаш ме прогонуваат, како и сликите на жените што протестираа пред Судот на правдата во Хаг со кои имав можност да разговарам, додека им се судеше на Караџиќ, Младиќ и многу други воени злосторници, ме потсетуваат на темата војна или мир. Сега кога мирот во Украина се наѕира, кога има можност да престанат воените дејствија и да почне обновата на разурнатото, некои уште сакаат војна. Тие што сега се оставени во самракот на новата цивилизација, сакаат да војуваат против Русија, користејќи туѓо топовско месо за кое немаат ни совест, ни чувство, туку само нејасна стратегија водена од инстинктот за војување. Па дури и европските зелени повикуваат на војна. Има ли логика да повикуваш на стриктно почитување на Парискиот договор за климата, а во исто време да повикуваш на војна. Знаеме дека војните се едни од најголемите загадувачи. Овде значи нема здрава логика, нема здрава политика, туку само страст за одмазда. А тоа не е добро и затоа, како што истакнуваат и бриселските медиумски мегафони, Европа е оставена во темница. Во тунелот на небитноста и од неа зависи како ќе излезе од тој идентитетски јазол.
Македонија, сакале или не, географски е во тој тунел. Но наметнувајќи го поизразено својот суверенизам, може да се најде во многу поповолна позиција отколку да биде светското чергиче на кое сите ќе си ги бришат чевлите. Навиките тешко се менуваат, но дојде времето да нѐ гледаат во поинакво светло. Некој би рекол – да се одважиме, и како нација и како држава. И да, не сакаме мирис на барут! Не сакаме нови снајперски улици!