Досегашните промени на македонскиот устав доведоа до неповрзаност и нејасност, бидејќи Македонија денес истовремено е конципирана и како граѓанска и како (непрепознатливо) национална држава, концепти што сами по себе донекаде и си противречат. Во тој контекст во членот 8 од Уставот се наведува дека темелни вредности се основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како и слободното изразување и правичната застапеност на граѓаните што им припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа. Кога внимателно се анализира овој дел од македонскиот устав, устанвноправните експерти толкуваат дека тоа го нарушува нормалното функционирање на Македонија како држава бидејќи се прави обид за обединување граѓански и етнички концепти, при што сликовито опишуваат дека „вода и масло не се мешаат“…
Во совремието е неизбежно свечено одбележување на некој важен настан или датум, а Македонија како држава или општество не треба да биде исклучок. Денес се одбележуваат 32 години од свеченото прогласување на Уставот на Република Македонија, на 17 ноември 1991 година, откако претходно беше усвоен од македонското собрание. Но во нашето општество е веќе вообичаено да се забораваат суштински сврзнички нешта, како што е прогласувањето на македонскиот устав.
Но зошто е суштествен секој устав, вклучувајќи го и Уставот на Република Македонија? Уставот е основен закон на една нација, во него се опишуваат овластувањата и ограничувањата на власта, како и правата и должностите на граѓаните. Во англосаксонската традиција уставот е суштински документ што ја оцртува рамката за управување со државата и нуди истовремена „заштита од тиранија и злоупотреба на моќта“. Историски гледано, конституционализмот во Европа и во светот започнува со Големата повелба за слободите од 1215 година, кога англискиот крал Јован Безземниот се согласува дека и монархот е предмет на законот, односно дека монархот не е над законот и законот треба да важи еднакво за сите. Во идните векови неколку европски држави создадоа свои устави, честопати инспирирајќи се од Големата повелба за слободите, а концептот за уставотворноста дополнително се разви со француското собрание што беше основано во 1302 година, со што започна да се оформува принципот на народен суверенитет, односно дека народот е извор на политичката моќ.
Според англосаксонската традиција, развојот и појавата на уставот се важни затоа што ги поставил принципите на народен суверенитет, владеење на правото и ограничена влада (контрола на владата), како и воспоставување на принципот дека народот го има главниот збор за тоа како да се управува со државата или нацијата. Во согласност со таа традиција, политичката моќ треба да се дели меѓу различните групи во општеството, но тоа не значи дека етничката или религиската компонента треба да биде мерило за стекнувања одредени права. Затоа во германскиот устав се наведува дека „германскиот народ, во практикувањето на својата конститутивна моќ, го усвои овој основен закон“, или швајцарскиот закон во кој се наведува: „Ние, швајцарскиот народ и кантоните, внимавајќи на нашата одговорност кон создавањето, во обновувањето на нашиот сојуз за зајакнување на слободата и демократијата, независноста и мирот во солидарност и отвореност кон светот, решивме, со заемно почитување и признавање, да ја живееме нашата различност во единство“.
Во секој современ устав има државотворен сврзнички елемент и затоа во Уставот на Република Македонија од 1991 година се наведува: „Тргнувајќи од историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање своја држава, а посебно од државноправните традиции на Крушевската Република и историските одлуки на АСНОМ и уставноправниот континуитет на македонската држава како суверена република во Федеративна Југославија, од слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија на референдумот од 8 септември 1991 година, како и од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија“.
Но во изминативе години постојано се појавуваа мотиви да се менува Уставот на Република Македонија, кои доведоа до противречности и го усложнија функционирањето на македонската државата. Зошто? Досегашните промени на македонскиот устав доведоа до неповрзаност и нејасност, бидејќи Македонија денес истовремено се дефинира како граѓанска, национална и етничка држава, концепти што сами по себе си противречат. Во тој контекст, во членот 8 од Уставот се наведува дека темелни вредности се основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како и слободното изразување и правична застапеност на граѓаните што им припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.
Кога внимателно се анализира овој дел од македонскиот устав, експертите заклучуваат дека го нарушува нормалното функционирање на Македонија како држава бидејќи се прави обид за обединување граѓански и етнички концепти, кои сами по себе си противречат. Зошто од денешна перспектива внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, на начинот на кој се инсистира, може дополнително да го трауматизира македонското општество? Досега неколкупати во бугарските медиуми можевме да слушнеме дека со внесувањето на Бугарите во македонскиот устав ќе им се даде институционална заштита на Бугарите, рамноправност со другите националности, Бугарите ќе можат да држат позиции по квота, да учат бугарски јазик, да организираат бесплатни културни настани, да можат да земаат функции во полицијата и војската. Но, дали и досега за малцинствата не било така во Македонија? Па, токму правата на малцинствата кај нас од релевантни европски институции се оценети како – највисоки!
Но, во ситуација кога официјална Софија ги негира македонските национални особености – јазик, историја, обичаи, култура итн., дали не е апсурдно вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав, при што преку македонскиот буџет во иднина ќе финансираме активности што ќе бидат насочени против македонските национални особености?!
Уставот на Република Македонија, кој беше свечено прогласен на 20 ноември 1991 година, има суштествено значење затоа што потврди дека Македонија произлегува од државноправните традиции на Крушевската Република и историските одлуки на АСНОМ, а обезбеди и целосна граѓанска рамноправност за сите, без разлика на етничката или религиската припадност. Но денес македонскиот народ како да го губи својот суверенитет и извор на политичката моќ, бидејќи македонски устав е толку дополнуван, менуван и реобликуван и над сѐ непочитуван, што со право може да се каже дека со еден таков пакет на дезавуирање на Уставот, веќе и самиот го нарушува нормалното функционирање на македонската држава.