САД со инаугурацијата на Доналд Трамп го добија 47-от претседател, со надеж дека ќе ги придвижи работите на подобро, кои и во најголемата светска сила одамна чкрипат.
На крилјата на неговото мото дека ќе ја направи Америка повторно голема, Трамп освои убедлива победа пред својата противкандидатка Камала Харис, резултат што малку кој го очекуваше на еден месец пред изборите.
Сепак се покажа дека Американците повеќе сакаат средена и економски силна Америка наместо живот базиран врз хипотеки, печатење долари без реално покритие и дување на економскиот балон до недоглед, сѐ до оној момент кога тој ќе пукне и ќе ги однесе работите во неповрат. Економската криза во 2008 година го потврди токму тоа, дека САД се економски ранливи и дека Американците постојано живеат некаков лажен стандард и американски сон, кој очигледно постои само во холивудските филмови. Дури и тие полека почнаа да се откажуваат од таквиот сон, па се свртеа кон апокалиптични теми како граѓанска војна, вонземјанска инвазија, живот во виртуелни светови…
Но маските паднаа и Трамп, колку некому и да не му се допаѓа како личност, отворено го кажа она што го знаеја сите, но не се осмелуваа да го изустат јавно, дека Америка е внатрешно скапана и дека оди во пропаст ако во брзо време не се залечи. Затоа Трамп освои убедливо многу гласови, бидејќи побара мандат и уште една шанса да им се посвети на Америка и на проблемите на обичните Американци, наместо да троши енергија и средства на работи што уште повеќе ги ослабуваат САД.
Но, нејсе, останува времето да покаже дали новиот американски претседател ќе се држи до она што го ветува, а дека постојат големи шанси за тоа, може да се види и од турбуленциите на светската политичка сцена. Почнаа да паѓаат влади, премиери и други функционери низ светот, бизнисмените, пејачите, актерите прекуноќ ја сменија својата перцепција за новиот американски претседател, свесни дека нема да има продолжување на американските политики од типот „како досега“. И како што велат, „ако не можеш да го победиш, придружи му се“, така сите одеднаш почнаа да гледаат во Трамп нов американски спасител.
Несомнено светот е во исчекување на еден голем ресет, а примирјето во Газа, веќе извесните мировни преговори во Украина, тактизирањето на Гренланд дали да се приклучи кон САД, но и подготвеноста на Данска да разговара за цената, сето тоа говори дека на сцената се одвива голема геостратегиска прераспределба, па во тие услови најпаметно е дома да се збијат редовите и да се средат состојбите, за да може ваквите нови предизвици да бидат пречекани подготвено. До вчера никој не знаеше дека на Гренланд имало 50 илјади автохтони жители, но сега и тие се здружиле и сакаат да знаат што е најдобро за нив, настрана од она што го мисли Данска.
Тоа го прават и добар дел земји членки на Европската Унија. Една по една почнуваат да тераат некакви индивидуални политики, свесни дека заедничката европска политика води кон еден голем амбис откако Европа ги напушти сопствените принципи. Словачкиот вицепремиер Тибор Гашпар неодамна отворено проговори за можноста Словачка да ги напушти ЕУ и НАТО, а во негова одбрана застана и премиерот Фицо, со зборовите дека Словачка мора да биде подготвена за различни сценарија во следниот период. На инаугурацијата на Трамп се најде италијанската премиерка Џорџа Мелони, една од ретките европски политичари што доби официјална покана за овој настан. Таа упорно ги турка политиките што се во интерес на Италијанската Република бидејќи сака просперитет на својата држава и својот народ, а Трамп токму тоа го препозна кај неа и поканата е признание за она што го прави таа. Истото тоа го прави и унгарскиот премиер Виктор Орбан, но го прават и Австрија, Грција, Франција и други европски земји. Велика Британија претходно го направи, со брегзитот. Сите тие ги ставаат во преден план сопствените интереси, а потоа размислуваат како ќе се вклопи тоа во рамките на ЕУ.
Деновиве и македонскиот премиер Мицкоски е во САД на инаугурацијата на американскиот претседател, што на некој начин говори за блиските врски изградени меѓу двете држави и сојузништвото што се негува веќе три и кусур децении.
САД се стратегиски сојузник на Македонија, а новата американска администрација веќе го одреди курсот кон кој ќе се движи во следниот период. Имајќи ги предвид блиските релации на македонските власти со дел од блиските соработници на Трамп, ова е добра можност некои од американските политики што значат средување на состојбите дома да се пресликаат и тука. САД се веќе активно вклучени во борбата со корупцијата во земјава преку нивните црни листи, но уште пополезни би биле американските искуства во делот на владеењето на правото, во економијата, но и во надворешната политика, особено во делот на обезбедување поддршка за прашања важни за македонските евроинтеграции.
Во услови кога Бугарија конечно доби редовна влада, сега е време САД да бидат тие што непристрасно ќе дејствуваат во насока на наоѓање решение за надминување на бугарската блокада бидејќи се покажа дека ЕУ е целосно пристрасна, некредибилна, односно повеќе дејствува како гласноговорник преку кој Бугарија ги испорачува своите билатерални барања кон Македонија, отколку како некаков медијатор.
Кога некој упорно повторува дека уставните измени мора да се направат, без малку да се замисли дека вакви какви што се бараат не се одобрени од македонските граѓани, тоа говори за ултиматум. Токму така, ЕУ настапува ултимативно. Затоа САД се тука важни, бидејќи не се ЕУ и можат да посредуваат за решение што ќе го зајакне сојузништвото тука, на Балканот, наместо да се внесуваат раздор и несогласувања меѓу државите.
Како и да е, светот се наоѓа пред динамични процеси, така што Македонија треба да дејствува според она што зависи исклучиво од неа и од капацитетите со кои располага. Затоа треба да се интензивира борбата со криминалот и корупцијата, јавноста постојано да притиска судството и обвинителството да почнат да работат, политиката да се тргне од институциите, да се расчисти со приказните за дестабилизации и нечии етнички маргинализации, за да може оваа држава да зачекори напред. Да ги убедиме нашинците што отвориле свои бизниси во странство да префрлат дел од производството тука и така да ја заживееме економијата. Ако Трамп решил тоа да го прави со Америка, па можеме и ние со ова мало парче земја во срцето на Балканот. Не треба да измислуваме топла вода, туку само да гледаме што прават поискусните. До толку можеме, и ние да си ја направиме Македонија пристојна.