Дури и најновите изјави на бугарските власти за непостоење македонско малцинство во Бугарија во себе содржат некаков фашистички предзнак на репресија и уништување припадници на друг народ. Тоа не може и не смее да биде лицето на Европа. Напротив. Таквите политики се само срамот на Европа
Животот некогаш знае да биде и суров. Те става пред свршен чин, без можност што било да направиш. На крајот на краиштата сите сме чеда божји и многу работи не зависат од нас, ниту пак можеме на нив да влијаеме. Од лична перспектива, да можам сега да го вратам времето, би посакал само да ја видам уште еднаш мојата сопруга Сузе, која премлада замина од овој свет. И да им се вратат ведрината и насмевката на нашите четири деца. Ова првото е невозможно, додека за второто ќе се борам колку што можам и умеам. Нема човек на планетава што во животот не се соочил со некаква голема болка, загуба, тешкотија, предизвик. Секој може да се скрши, да падне, да се повлече или изолира. Но суштината на животот е одново да станете и да се исправите. Да застанете цврсто на нозе и да продолжите понатаму. Да се борите за своето семејство, за својата компанија, професија, пријателите, соработниците, во интерес на читателите и јавноста, со еден збор, за својата татковина. И на тој начин да се остави некаква трага дека не сте го потрошиле животот безлично и напразно. Таква е оваа професија.
Ќе ми простат читателите, но сметав дека еден ваков вовед беше потребен повеќе како општа порака во овие тешки времиња отколку како некаква лична исповед. Значи заедно продолжуваме понатаму. На оваа страница како и досега ќе ги опсервираме, коментираме, анализираме настаните и појавите што се најактуелни во дадениот момент. Иако авторите се менуваат, тоа секогаш е нашиот став, ставот на „Нова Македонија“. А кога сме кај настаните, последниве денови во државата имаше толку многу актуелни случувања што навистина е тешко што попрво да се одбере. Но да почнеме од најновото. Во Македонија најнова е средбата на претставниците на македонските здруженија од Бугарија со претседателот на државата, што е прва средба од ваков вид што е досега одржана. Самото тоа што е прва ѝ дава посебна тежина, но уште повеќе и во контекст на постојаните негирања и репресии што ги трпат Македонците во Бугарија. Средбата се случува во период кога во Македонија се одржува втората Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, на кој учествуваат над 40 македонисти и слависти од целиот свет. Верувам ќе се согласите дека ова е една прекрасна симболика. Во Македонија се дојдени македонисти од целиот свет, тука се Македонците од Бугарија, сите заедно сплотени околу јазикот, идентитетот, историјата.
Тоа ќе испрати двојна и силна порака пред меѓународната јавност и пред целиот свет дека македонскиот јазик постои и опстојува и надвор од границите на Македонија и истовремено дека Македонците во Бугарија се реалност и претставуваат нераскинлив дел од целокупниот македонски национален идентитет. Ниту македонскиот јазик ниту Македонците не се фикција, измислена творба како што некој сака да прикаже. Тие се видливи, опипливи, може и да се видат и да се чујат. Да се чуе дека македонскиот јазик опстојува со векови и се говори и изучува во целиот свет. Дека постојат македонски лекторати и катедри по македонски јазик во САД, Русија, секаде низ Европа, па дури и во Кина, Кореја итн.
Зарем оваа вистина и реалност може да се премолчат или занемарат. Се разбира НЕ.
Токму одржувањето на Зимската школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (и воопшто 55-годишната традиција на постоењето на Семинарот) претставува силен научен одговор на политичките притисоци за негација на македонскиот јазик од страна на Бугарија. Истовремено учесниците на Семинарот, кој завршува викендов, на најдобар можен начин ја афирмираат веќе докажаната посебност на македонскиот јазик и тие се нашите најголеми амбасадори во светот.
Што се однесува до претставниците на македонските здруженија во Бугарија, за меѓународната заедница и правдољубивата светска јавност тие уште одамна се видливи, а нивните барања сосема легитимни, за што потврда се дури 17-те пресуди на Меѓународниот суд за правдата во Стразбур. Македонците во Бугарија единствено се невидливи само за властите во Бугарија. Новиот бугарски премиер Кирил Петков вчера уште еднаш повтори дека не постои македонско малцинство во Бугарија и нема да дозволи на таа тема воопшто да се разговара, обраќајќи се пред бугарскиот парламент. Со ваквата своја изјава тој практично ги фрла во вода сите надежи за некаков исчекор и пробив во однос на ова прашање и очекувањата за евентуална промена на бугарската негаторска политика кон Македонија.
Во контекст на бугарската политика кон Македонија, за нотирање се две изјави од највисоки бугарски државни функционери. Додуша и двајцата се сега веќе ексфункционери, но тоа нималку не ја намалува тежината на пораката и искажаните зборови, кои патем не наидоа на осуда ниту во Скопје ниту во Софија. Сепак, високиот бугарски политичар и не помислува дека со изречените зборови се фрла себеси и неговата држава во сопствената длабока стапица
Може ли да му ги отворите очите на некој што постојано замижува и одбива да се соочи со фактите и вистината. И може и мора. Меѓу другото тоа е мисија и задача пред сѐ на матичната татковина, но и на меѓународните институции и правдољубивата јавност. Тоа го очекуваат и Македонците од Бугарија од средбата со македонскиот државен врв. Какви заклучоци ќе произлезат од средбата и колку истите тие ќе се спроведат во иднина, тешко е да се прогнозира, но несомнено ваквите контакти треба да продолжат и да се прошират и интензивираат. Македонија не може и не смее да се откаже од своето ткиво и своите граѓани што живеат во други држави. На тоа ја обврзуваат редица меѓународни документи и правни акти, универзалните вредности вградени во документите на ООН, ЕУ и принципите на меѓународното право за самоопределување и самоименување, како базично човеково право. Тука се и Универзалната декларација за почитување на човековите и малцински права како и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и уште други документи. Преку нив не може да се помине, без разлика какви се изјавите и сигналите од Бугарија.
Во контекст на бугарската политика кон Македонија, за нотирање се уште две изјави деновиве од највисоки бугарски државни функционери. Додуша и двајцата се сега веќе ексфункционери, но тоа нималку не ја намалува тежината на пораката и искажаните зборови, кои патем не наидоа на осуда ниту во Скопје ниту во Софија.
Така, на пример, поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев излезе со теза дека македонските тајни служби биле разгранок на Србите, а Србите разгранок на Русите.
Не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ, заклучува Плевнелиев, и не помислувајќи дека со изречените зборови се фрла себеси и неговата држава во сопствената длабока стапица.
Имено, по оваа негова логика и аналогија со Тито и со Сталин, сосема легитимно се наметнува и дилемата дали на Бугарија ѝ е местото во ЕУ како некогашен соработник и поддржувач на нацизмот, односно прв сојузник на Хитлер и на Мусолини. Ако Росен не сака да ги внесе Тито и Сталин во ЕУ, треба ли Брисел да го исфрли фирерот од ЕУ, како олицетворение на бугарското мрачно минато, но и на сегашната антиевропска и антицивилизациска политика.
Дури и најновите изјави на бугарските власти за непостоење македонско малцинство во Бугарија во себе содржат некаков фашистички предзнак на репресија и уништување на припадници на друг народ. Тоа не може и не смее да биде лицето на Европа.
Напротив. Таквите политики се само срамот на Европа.
Другата изјава на експремиерот Бојко Борисов во однос на Македонија, пак, има некаква поинаква, но чудна симболика. Тој ни порачува дека токму сега било време да го фатиме бикот за рогови и да ги решиме горливите прашања околу историјата и јазикот. Во ред. Ајде стварно да го фатиме бикот за рогови, како што вели Борисов, иако е нејасно кој во приказната е бикот и кому треба да му се набијат рогови?!
Затоа нашата порака и до Борисов и до бугарските власти е наместо за бикот подобро е да се фатат за меѓународното право и историските факти и многу брзо самите ќе увидат дека проблем, всушност, и не постои. Дека се работи за нивна и само нивна историска фикција, измислица во однос на македонскиот идентитет, јазик, историја и национална посебност. Зашто македонскиот народ и македонскиот јазик постоеле и опстојувале долго низ историјата. Така ќе биде и во иднината.