Тие очиња никогаш повеќе нема да му се насмеат на новиот ден

Се сеќавам на изјава на еден наш врвен хирург, кој еднаш кажа дека кога дете ќе им почине во болница, тој ден во болничките коридори владее невидена тага. Зошто дозволивме да починат двете близначиња? Сега се води истрага, но таа е предоцна, постмортем, за близначињата. Шокантната вест е дека некој во таа болница каде што предвреме на овој суров свет дошле близначињата, со тежина под два килограма, дозволил мајката да решава дека може да излезе од болницата и да замине дома. Како тоа мајката решила?! Па, за животот и добросостојбата на новороденчињата треба да решаваат стручните лица… Близначињата од овој свет ги испративме во ковчежиња. Со обдукција. Постмортем

Ова е уште еден случај за да нѐ потсети на нашата совест, но и негрижа и отсуство на навремена реакција на институциите. Уште еден црн бисер што ни покажува дека можеме да бидеме уште полоши, дека нашето пропаѓање во одредени сфери нема дно. Дека некој упорно копа под дното и нѐ влече надолу. Па, зошто, зошто?
Веста за двете починати близначиња во прилепското село Славеј е премногу тажна за да се прими со некаква смиреност, па и разумност. Зошто дозволивме тие две близначиња, кои едвај прогледале и уште не загугале, ниту се насмевнале на родителското „ѕеее“, не ги дочекале ни првите млечни запчиња, да ги испратиме од овој свет во ковчежиња. Со обдукција. Постмортем.
Барајќи ги одговорите зошто или кој е виновен за нивната смрт, пред да се прашаме има ли лекарска грешка или грешка во цел еден систем каков што е здравствениот поврзан со социјалниот, прашувам: Имаме ли ние воопшто соодветна грижа за децата? Имаме ли? Од домот, па во јаслите, градинките (таму каде што ги имаме, а ги немаме доволно) до училиштата, специјализираните институции? Прашувам: Имаме ли љубов, вистинска љубов за нашите деца? Ова е вистинското прашање, а за лекарска грешка премногу е рано да се зборува, таа е последица на еден синџир системски слабости, но и неодговорност. Лоши навики и непочитување на сѐ што е договорено и е ставено на хартија како закон.
Но сакам да кажам нешто за односот кон децата. Пред десетина години запознав една брачна двојка од една западна земја. Познанството го зацврстивме на часови по библиски студии, а тоа значеше дружење и дома. Еден ден ми ја соопштија за нив најважната вест – дека од македонската држава добиле дозвола да посвојат две деца, на некоја преттинејџерска возраст. Беа пресреќни. Многу сакаме деца! Многу! Така ми рекоа. Трајче стана Трејси, а Јован го прекрстија во Џон (имињата се измислени), добија нови идентитети, нови пасоши, ќе учат нов јазик и многу сакам да верувам дека ќе бидат среќни. Македонија, според мене, извезе два деца без око да ѝ трепне. И не се само тие што заминале како посвоенчиња во странска земја, ги има многу, многу повеќе и ова е една табу-тема за нашето општество. Звучи неверојатно, но растеме во една матрица, која, гледајте чудо, постоеше и во социјализмот, дека не е проблем децата да му ги дадеме некому во странство, оти ќе им било подобро таму некаде во белиот свет. Таа матрица постои и сега, па дури и на сопствените деца им велиме – оди негде надвор и уживај во животот. И таа матрица се прекршува секаде, а гледаме некогаш има и фатален крај. Затоа што децата во Македонија не ни се најбитното нешто. Простете, но таков е мојот впечаток. И ако не се помрднеме од оваа точка сега и одма, ќе биде уште полошо. Ќе дојде ден кога нашите деца насилно ќе тргнат против нас родителите и ќе се чудиме зошто се такви. Такви се зашто од отсуство на внимание прават и ќе прават сѐ за да бидат видливи. Највидливи се кога се деструктивни.

Не сакам да кажам дека сме целосно пропаднати, не, но имаме големи дупки во системите, а за жал и несоодветен кадар, необучен, немотивиран, некаде и сериозно недисциплиниран до степен на распиштоленост. Се сеќавам на изјава на еден наш врвен хирург, кој еднаш кажа дека кога дете ќе им почине во болница, тој ден во болничките коридори владее невидена тага, а тишината зборува најгласно за тоа што тие го чувствуваат во нивните срца и души.
Зошто дозволивме да починат двете близначиња? Сега се води истрага, но таа е предоцна, постмортем, за близначињата. Шокантната вест е дека некој во таа болница каде што предвреме на овој суров свет дошле близначињата, со тежина под два килограма, дозволил мајката да решава дека може да излезе од болницата и да замине дома. Како тоа мајката решила?! Па, за животот и добросостојбата на новороденчињата решаваат стручните лица, неонаталците (кои едвај да ги имаме на ниво на цела држава), а не мајката, која веројатно не ни знаела што треба да прави. Бебињата морале да ги испуштат од болница здрави и зајакнати, способни да цицаат или да се прихрануваат. И сега уште едно прашање: Дали ова барање потпис од мајката е според протоколот или некому така му текнало? Прашувам зашто знам дека имаме проблеми и со протоколите, кои се несоодветни за времето во кое живееме, за потребите и за новите сознанија. Каде е таткото во оваа тажна и мрачна животна приказна? Каде е Центарот за социјална грижа? Што е со акушерките, бабиците, имало ли патронажна служба? Добила ли таа родилка каква било помош или поддршка од општеството?
На сите овие прашања во изминативе години се правени обемни и длабински анализи, а нѐ скенирале и од Европската Унија. Здравствениот систем ни е лош. Во последниот извештај на ЕК се наведува: „Опсегот на здравствените услуги и нивната достапност, особено на специјализираните медицински услуги, и нивната географска дистрибуција се несоодветни. Нема доволно специјалисти, а соодносот на медицински сестри на 100.000 жители е под просекот на ЕУ. Медицинскиот персонал продолжува да си заминува од јавниот здравствен сектор за да работи во приватниот сектор или да работи во странство. Покривањето трошоци за здравствена грижа од сопствен џеб е на високо ниво, што претставува пречка за еднаков пристап до здравствената заштита“.
И кога ќе се прочита само овој пасус, јасна ни е дијагнозата и јасно ни е зошто Македонија е на европскиот врв по смртност на доенчиња.

Немаме соодветен здравствен систем, а тој што некогаш го имавме го уништуваме полека но сигурно, префрлајќи ги парите и кадрите во приватниот сектор, за кој поголемиот дел од нацијата нема пари. Влезени сме во апсурдна кружница и само ќе ја надградуваме црната статистика. Мораме приватниот сектор да го внесеме во јавниот и да ги нивелираме цените на здравствените услуги. Пример – австралискиот модел.
Една анализа изработена од десетина стручни лица за ризични перинатални периоди укажа дека најголем дел смртни случаи (перинатален морталитет и доенечка смртност) припаѓаат на две категории: здравје на мајката/прематуритет и здравствена заштита и нега на мајката. Следствено на овие наоди, превенцијата од смртните случаи треба да се фокусира на следните аспекти: пристап до здравствени услуги… Една десеттина од бременостите во Македонија поминуваат без ниту една здравствена контрола, што претставува ризик-фактор по здравјето на мајката и новороденчето. Има и еден податок што вџасува, а тој е дека многу од бремените жени не знаат дека пушењето цигари е ризичен фактор за предвремено породување или со фатални последици за плодот. Некој треба да се занимава со едукација на целата територија на државата. Но во извештаите се наведува дека немаме кадар. А, имаме ли волја? Сакаме ли да ја смениме сликата, која е застрашувачка? Или ќе останеме шампиони според смртноста на доенчињата? Затоа како општество треба почесто да си поставуваме вакви прашања, за да најдеме одговори, но и да санкционираме. Имаше ли соодветна истрага, на пример, за периодот од пандемијата кога Македонија повторно беше шампион според смртноста? Зошто тоа беше така? И што е подобро сега – да ги бараме ли само лекарските грешки или ќе ги бараме системските грешки? Кабелот одамна ни е прегорен!
Кога ги бараме одговорите, потсетете се само на последните случки кога ни починаа бебиња или кога ни починаа дечиња што не добија ни соодветна лекарска грижа. Оваа наша болест нема да се реши со аспирин, а некој упорно работата ја тера на таа страна. И тоа не е искрено ниту етички кон сите нас што издвојуваме за солидарниот здравствен фонд за сите да добијат медицинска заштита и грижа. А не добиваат. И некој таму што во болничките менгеле-коридори (простете, но некои така изгледаат) ќе шмркне од кафенцето, ќе вовлече дим цигара и ќе напише – немаше лекарска грешка, работите ќе ги сведе на статистика, на бројчиња ќе го реши проблемот. Какво фајде ако на пример министерот за здравство јавно каже дека е утврдена лекарска грешка, кога знаеме дека шансите такво нешто да се повтори се огромни, оти системот ни е пред распад…
Тие очиња никогаш повеќе нема да му се насмеат на новиот ден. Никогаш.