Спортот ги бара модалитетите како да продолжи во услови што ги диктира пандемијата, но на сите како да им станува јасно дека ад хок решенијата би можеле да бидат подолготрајни. Она што минатата година стана видливо е дека, порано од најавите и очекувањата, спортот сѐ повеќе се претвора во виртуелен. За тоа, освен коронавирусот, „заслужен“ е постојаниот развој на технологијата, како и „милениумската“ генерација, која сака нешто ново, па нека е тоа и симулирано спортско доживување
Деновиве и „официјално“ се навршува една година од појавата на коронавирусот што од темел го затресе светот, па и светот на спортот. Од ковид-19 умираа(т) луѓе, но „умре“ и спортот каков што го знаевме и го сакавме. Се чини дека барем засега тешко оди враќањето назад, на старо. Пандемијата ги смени нашиот стил и начин на живот, погледот кон светот. За очекување е гледачите, особено оние најзапалени навивачи, полека да се вратат на стадионите и во спортските сали кога ќе заврши корона-кризата, но оние неутралните, кои доаѓаа поради убавината на спортот, фудбалот и атмосферата, веројатно ќе подразмислат за тоа. Од друга страна, сѐ треба да се земе со резерва бидејќи луѓето и во минатото се соочувале со разноразни апокалиптични сценарија и големи војни, па сепак успевале да создаваат можеби не подобар, но секако поинаков свет и спорт.
Првиот удар на ковид-19 врз спортот лани во средината на март беше тоталната забрана за какви било јавни спортски активности и натпреварувања, со оптимистички очекувања дека работите набргу ќе се вратат во нормала. Но откако и по три месеци немаше подобрување на состојбата, спортот, особено, врвниот, бараше и (не)најде солуција. Мораа да се одложат Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио, што е преседан во историјата на олимпизмот бидејки досега имало откажувања на Игрите поради Првата и Втората светска војна, но не и одложувања. Во мирување беа ставени Европското првенство (ЕП) во фудбал, кое лани требаше да се одржи низ континентот, во 12 града, во чест на 60-годишнината од првото, во 1960-та, и јужноамериканската Копа Америка, кои се презакажаа за летово. Други поголеми и позначајни натпреварувања, како Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ), Копа Либертадорес, американските НБА, НХЛ, НФЛ и многубројни други големи и важни натпреварувања, како и националните лиги во речиси сите спортови, излезот го најдоа со доигрување на мечевите на празни трибини, без публика, со играчи затворени во т.н. „безбедносни меури“, со строги медицински протоколи и други безбедносни мерки.
Тоа се покажа како најдобро решение во тие услови и, како што стојат работите во моментов во услови на ширење на нови изменети видови коронавирус, нема реални шанси наскоро стадионите и спортските сали да бидат барем делумно полни. Вакцинирањето во некои земји дава некакви надежи дека колку-толку, ограничена бројка гледачи би можела да се најде на трибините. На тоа се надева и Европската фудбалска унија (УЕФА), која не се откажува од намерата на ЕП летово (од 11 јуни до 11 јули) да има гледачи на стадионите, па и до 30 отсто од капацитетите. Ситуацијата се следи внимателно и наскоро, до почетокот да април, некои работи треба да бидат појасни. Можни се повеќе варијанти, ЕП со и без публика, во сите 12 града, во половината од нив итн. Македонските љубители на фудбалот се во исчекување на тоа дали ќе можат да патуваат во Букурешт или во Амстердам на мечевите на Македонија, која треба да дебитира на финален турнир на едно ЕП.
Слична е ситуацијата и околу Игрите во Токио, во јули и во август. Последните информации од Јапонија се дека на Игрите не ќе можат да присуствуваат посетители од странство, односно ќе има само Јапонци, плус спортистите и официјалните лица. Како ќе изгледа сето тоа останува да се види, но Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и организаторите на Игрите се водат според девизата подобро какви било Игри отколку откажување. Причината, јасно, се огромните инвестиции од околу 15 милијарди долари.
Штетата што ја трпат спортот и спортистите поради пандемијата тешко дека ќе може да се пресмета и допрва ќе се прават билансите. Во пари, загубите се мерат во милијарди долари. Директно инволвираните во спортот и околу него ќе мора да бараат нови начини за преструктурирање бидејќи досегашните начини на работење се минато, полека секнуваат големите пари од ТВ-правата, од спонзорите, од комерцијалните зделки, па и од гледачите. Спортот ги бара модалитетите како да продолжи во услови што ги диктира пандемијата, но на сите како да им станува јасно дека ад хок решенијата би можеле да бидат подолготрајни.
Она што минатата година стана видливо е дека, порано од најавите и очекувањата, спортот сѐ повеќе се претвора во виртуелен.
За тоа, освен коронавирусот, „заслужен“ е постојаниот развој на технологијата, како и „милениумската“ генерација, која сака нешто ново, па нека е тоа и симулирано спортско доживување. Севкупно спортот почна да личи на видеоигра, на електронски спорт. Интернетот нуди неограничени можности и сигурно се размислува како и на кој начин ќе им се понуди спортскиот производ на консументите, кои не ќе можат или нема да сакаат да гледаат натпревари во живо.
Потврда за ова се преносите од празните стадиони на кои нема никој, а ние пред ТВ-екраните слушаме лажни звуци од публиката. Клубовите бараат начини како да ја подобрат таа виртуелност, па пуштаат извици, свирежи. Сето тоа по малку е нереално и не е баш привлечно за гледање, но кога се нема друг избор и тоа е прифатливо, во рамките на „новата реалност“ во која живееме.