Билатералните договори на Македонија со ЕУ-соседите (Бугарија и Грција), ни теориски ни практично, не можат и не смеат да бидат пример за разрешување меѓународни спорови, ниту од регионален карактер. Наместо да бидат основа за принципиелно добрососедство и регионална соработка, Преспанскиот договор и „добрососедскиот“ со Бугарија само го дозаплеткаа балканскиот јазол со политички „визии“ и аспирации од 19 век
„Да, да, Јоханес Хан се викаше тој еврокомесарот што кажа дека на ’балкански начин‘ може да се обезбедат гласовите што недостигаа до двотретинско мнозинство за усвојување на Преспанскиот договор во Собранието“ – се сети некој во едно „неформално“ новинарско друштво на името на еврофункционерот речиси по половина час и неколку други „апсолвирани“ теми, од првично поставеното реторичко прашање. „Тешкотиите“ да се потсетиме на името на човекот, кој пред пет години го споменувавме и пишувавме според условен рефлекс, наведува на неколку симптоми, од кои првиот е веројатно сомнеж во меморискиот капацитет и брзината на „враќање на мозокот“ на учесниците во неформалното новинарско друштво. Но од друга страна се чини дека поверојатен е оној феномен на (не)квалитетно искористени „пет минути слава“ на политичарите. Ликот и делото на Јоханес Хан и неговата улога во наметнувањето на Преспанскиот договор за Македонија не оставаат многу аргументи, кај најголем дел од македонска јавност, за сеќавање по добро (и воопшто потреба за сеќавање) на некогашниот комесар за проширување на Европската Унија.
Но, сепак, се чини дека Јоханес Хан, сега во улога на комесар за буџет и администрација на ЕУ (и таа функција му е веќе техничка, по изборите во ЕУ изминатиот викенд), решил повторно да настапи во својата стара улога на бранител на Преспанскиот договор. Па, од таа позиција ги повикува сите вклучени, меѓу кои и новата влада на Македонија, да се придржуваат до Преспанскиот договор (?!). Изразувајќи загриженост за „случајот Македонија“, Хан дури го наведува Преспанскиот договор како клучен за „европската перспектива на секоја земја“, со кој Македонија може да им помогне и на соседните земји, „на пример на разговорите меѓу Србија и Косово, кои треба повторно да се активираат со новата комисија“.
Мошне индикативно е што поранешниот еврокомесар за проширување е конкретно загрижен за придржувањето до Преспанскиот договор од страна на Македонија, додека се чини малкуте (неспроведени) обврските на Грција во однос на истиот договор се релативизирани од Хан во општиот повик спрема „сите вклучени“. Што се однесува до препораката, Преспанскиот договор да биде пример за разговорите меѓу Србија и Косово, се чини дека долгогодишниот еврофункционер не е свесен (или сака да се прикаже како таков) дека не само Грција туку и Европската Унија не си ги исполни своите ветувања и обврски спрема Македонија поврзани со спогодбата, па воопшто не е релевантен модел за билатерален договор што би предизвикал почит кај соседните земји во регионот. Напротив, и во Србија и во Косово, „решението“ со Преспанскиот договор предизвикува реакции на сомнеж и недоверба спрема Европската Унија, со очигледниот аргумент дека „Македонија го смени и името на државата, но ЕУ не го одржа ветувањето за евроинтеграции на брза лента“. Уште повеќе, што по спроведувањето на Преспанскиот договор, Македонија и понатаму е жртва на нова серија вета и уцени за почеток на преговорите од други земји членки на Европската Унија, како Франција и Бугарија, а и Грција е во засилена кампања за воскреснување на примирените вето-практики.
Додека Хан се обидува селективно да ја реафирмира асиметричноста на Преспанскиот договор, од Советот на Европа е упатена уште една опомена до Бугарија, до 15 јуни да даде конечен одговор за тоа што ќе преземе во врска со пресудите на Судот за човекови права за регистрација на здруженијата на Македонците во оваа земја. И во случајот со билатералните односи на Македонија со Бугарија, поврзани со уште еден соседски договор, декларативно наречен за „пријателство и соработка“, Европската Унија се обидува да си ги „измие рацете“ од одговорност во врска со почитување на принципот на меѓународното право за реципроцитет меѓу суверени држави за еднакво почитување на правата на малцинствата. Со конструираната преговарачка рамка на ЕУ за Македонија, наречена „француски предлог“, Унијата како услов за почеток на преговорите поставува еднострана уцена за измени на македонскиот устав и додавање на Бугарите како малцинство во Македонија, повикувајќи се на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Притоа 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права за Бугарија, во интерес на македонското малцинство во таа земја, мошне (не)елегантно и неправно се игнорираат.
Билатералните договори на Македонија со ЕУ-соседите (Бугарија и Грција), ни теориски ни практично, не можат и не смеат да бидат пример за разрешување меѓународни спорови, ниту од регионален карактер. Наместо да бидат основа за принципиелно добрососедство и регионална соработка, Преспанскиот договор и „добрососедскиот“ со Бугарија само го дозаплеткаа балканскиот јазол со политички „визии“ и аспирации од 19 век.
Нивната деградирачка асиметричност ги квалификува овие договори како непристојна и дерогирачка навреда за принципите на меѓународното право, а инсистирањето на еврофункционерите (бивши, сегашни и идни) на билатерални договори како Преспанскиот и тој на Македонија со Бугарија, ги квалификува за кандидати за брз заборав на нивните „пет минути“ политичка слава. Упорното замижување, пак, на Европската Унија на погазувањето на нејзините основачки акти од своите земји членки и „инвентивноста“ во изговорите за неисполнување на ветувањата се чини и неа самата ја носи во криза со која сѐ потешко (ќе) се справува. Резултатите од неодамнешните европски избори навестуваат сериозни предизвици за соочување на Европската Унија со своите досегашни (не)принципиелности!