Настрана шлаканицата за која јавноста сѐ уште нагаѓа дали била реален излив на бес или само одглумен маркетиншки трик, и годинава најмалку се зборуваше за филмовите, кои беа комплетно засенети од политичките изјави и општествено релевантните говори. Премногу симболика, изразена преку евтини шеги, најчесто знае да нанесе повеќе штета отколку да придонесе кон надминување на неправдите или стереотипите. Дури и да ги засили. Тоа, впрочем, и не е примарната цел на оваа награда, како ни на која било друга што би требало да се доделува за творечки и уметнички влог
Шлаканицата што Вил Смит му ја залепи на водителот на церемонијата не смени ништо битно во општиот впечаток дека доделувањето на „најпрестижната“ филмска награда „оскар“ одамна е само евтина парада на која се зборува за сѐ освен за филмот. Добропознато е дека оваа награда отсекогаш повеќе била резултат на влијание, моќ, спогодба, кампања и лобирање, политичка коректност, повеќе отколку потврда на квалитетот на филмовите. Последниве години тоа не само што се потврдува туку и станува доминантен факт.
На најголемата ноќ во Холивуд, која ја следат милиони луѓе во светот, се доделуваат златните статуетки што се синоним за гламур, пари, слава и престиж. Церемонијата на доделување на статуетката на црно метално постолје, висока 34 сантиметри и тешка околу четири килограми, отсекогаш повеќе била своевидна екстраваганција, на која е поважно кој прошетал по црвениот килим отколку кој за што е награден. Сепак, во некои изминати децении наградата била каков-таков показател за достигнувањата во филмската индустрија, не секогаш праведно доделена и не секогаш за најквалитетните остварувања, ама барем таму „се зборувало за филмот“. Во Холивуд сѐ помалку е така.
Во фокусот се теми што немаат врска со филмот, еднаш тоа е военото присуство на САД во оддалечените делови на светот, другпат политиката на актуелниот американски претседател, така беше во 2017-та со Трамп, третпат дискриминацијата на Афроамериканците, па доминантноста на мажите, па сексуалните скандали (оној со Харви Вајнстин)…
Годинава во фокусот беа Украина, квир-популацијата, лицата со попреченост… Вистинско „шоу и прослава“ на диверзитетот! Ариана де Босе стана првата квир обоена жена што ја доби наградата за споредна женска улога, по што одржа страстен говор, не за својата улога во филмот за кој беше наградена, мјузиклот „Приказна од западната страна“, туку за прифаќањето на нејзиниот идентитет. Трој Коцур (награден за филмот „Кода“) е првиот глув маж што ја освоил наградата на Американската академија, па ѝ ја посвети наградата на заедницата на лица со оштетен слух. Џејн Кемпион, пак, стана третата жена што освоила „оскар“ за режија… Вака некако сумирани, беа објавени годинашните победници во светските медиуми. Без детали околу нивните достигнувања во филмот, без осврт кон филмовите за кои се наградени, само со по една непотребно залепена етикета.
Оттука, настрана шлаканицата за која јавноста сѐ уште нагаѓа дали била реален излив на бес или само одглумен маркетиншки трик, и годинава најмалку се зборуваше за филмовите, кои беа комплетно засенети од политичките изјави и општествено релевантните говори. Сцената на која требаше да се доделуваат филмски награди се претвори во место за политички коментари и општествен ангажман, па и изјавите што би требало да бидат добронамерни и да се некаков симбол на солидарност, сѐ помалку успеваат да ја постигнат дури и таквата цел. Премногу симболика, изразена преку евтини шеги, најчесто знае да нанесе повеќе штета отколку да придонесе кон наминување на неправдите или стереотипите. Дури и да ги засили. Тоа, впрочем, и не е примарната цел на оваа награда, како ни на која било друга што се доделува за творечки и уметнички влог. Политичката коректност треба да биде последна во низата критериуми за успешноста и квалитетот на еден филм. Затоа што кога се работи за уметност, таа е нерелевантна.
Оттука, ни зборува ли воопшто нешто „оскарот“ за квалитетот на филмовите и на кинематографијата воопшто? Дури ни тоа. Не треба да заборавиме дека „оскарот“ во најголем дел се доделува за филмови од англиското говорно подрачје, а сите други се занемаруваат, со исклучок на категоријата за најдобар странски филм, во која се натпреваруваат само пет остварувања, кои практично го претставуваат остатокот од целиот свет, што е апсурдно. Особено ако се има предвид дека многу национални кинематографии што не се, условно кажано, „западни“, па сѐ помалку и европски, одамна предничат во седмата уметност со својата уникатност и квалитет.