Пратениците во македонското собрание пред некој ден ги изгласаа измените на Изборниот законик со кој им се овозможи на сите граѓани што немаат нови документи со името „северна“ да можат да гласаат на претстојните претседателски, односно парламентарни избори.
Стануваше збор за сериозна бројка од околу 100 илјади луѓе што токму поради институционалното потфрлање останаа без валидни документи, со што во еден момент беше загрозено и нивното уставно право да избираат и да бидат избрани или, народски кажано, да гласаат.
И откако стана јасно дека 100 илјади луѓе можеби нема да можат да гласаат, сето тоа надградено со несериозните изјави на премиерот на техничката влада дека можело за месец-два да се извадат нови документи, ама луѓето „спиеле“ дома и не поднесувале барања, пратениците по итна постапка одржаа седница и ги изгласаа измените.
Слично нешто направија и пред извесно време, за да ја продолжат важноста на возачките дозволи оти постоеше опасност и тие да станат невалидни.
Чудно и дури несвојствено за македонскиот парламент да се види таква кохезија и експедитивност, само за да им се излезе во пресрет на граѓаните. Којзнае дали ќе беше така ако не наближуваа избори и ако сега сите не сакаат да им се додворат на гласачите.
Сепак, еве, да бидеме позитивни и да помислиме дека сакале да им учинат на граѓаните. Што говори сето тоа? Говори дека кога постои меѓупартиски консензус за прашањата важни за граѓаните, тогаш резултатите се видливи буквално прекуноќ. Се изгласаа измените во Законот за сообраќај, следниот ден веќе немаше проблем со дозволите. Сега се изгласаа измените во Изборниот законик, во април нема да има проблем за гласањето.
Што ли ќе се случеше ако имаше ваква сплотеност и договор пред потпишувањето на Договорот со Бугарија или, пак, на Преспанската спогодба, или за францускиот предлог, до кој веројатно немаше ни да дојде ако претходно не се потпишеше фамозниот Договор за пријателство и соработка со Бугарија, кој всушност е спротивно на сето она што го означува неговото име.
Убаво кажал нашиот народ, слогата куќа гради, а неслогата ја урива. Така е и со нашава Македонија. Неслогата и недоговарањето за клучните работи ја уриваат оваа македонска куќа, веќе ги поткопа темелите и прашање на време е кога таа ќе падне ако не се преземе итна санација.
Ако седнеа сите партии во земјава на маса и навреме увидеа што е наш национален интерес и што се вистинските потреби на граѓаните, тогаш, си ја земам сета слобода да кажам, Македонија ќе беше членка на ЕУ најрано во 2004 година, со Словенија, а најдоцна во 2013 година, заедно со Хрватска.
Сето тоа ќе беше остварливо ако партиите постигнеа вистински консензус да го решат проблемот со името навреме, без ерга омнес, ако паралелно воспоставеа вистинско владеење на правото без мешање на политиката во правосудството, ако борбата со корупцијата се водеше неселективно, ако се креираа развојни економски политики, се градеше инфраструктура, се инвестираше во нови енергетски капацитети, во здравствен систем, во образование…
Сите овие работи се прават со консензус, со заеднички договор. Таму каде што една влада ќе застане, другата да продолжи. Секако, сите тие имаат, ако воопшто имаат, некакви идеолошки матрици и легитимно е да туркаат такви политики кога се на власт, но кога станува збор за стратегиските работи, тука не смее да има никакви отстапувања.
За да се случи такво нешто, потребни се и сериозни политичари лидери, кои ќе знаат да ги вложат сопствениот капацитет и кредибилитет кога станува збор за сите општествени процеси. Но и пошироко, кои ќе се борат за остварување на националните интереси во меѓународни рамки.
За вистинските лидери нема ниту една изгубена битка, нема помирување со работите дека така требало да биде, немало сила што нешто ќе сменела и поради тоа мора сѐ да прифатиме, макар и кога е на наша штета. Тоа не се лидерски изјави, туку изјави што ги даваат дефетисти што уживаат во функцијата само поради привилегиите што таа им ги пружа. Затоа веќе луѓето не гледаат лидери, туку обични „вршители на должност“, колку да се каже дека државата има претседател или премиер.
За оној што знае и сака, нема пречки. Тој ќе се бори, ќе копа, ќе работи до последен момент да ја постигне целта, колку и да изгледа недофатливо. Не можело да се внесат Македонците во бугарскиот устав? Зошто? Што е тој поинаков од нашиот највисок правен акт? Или не можела да се смени преговарачката рамка? Сѐ тече, сѐ се менува, но зависи од оние што знаат како да ги направат промените.
Затоа е потребно заедништво. Повеќе глави попаметно размислуваат, а тоа се виде кога од неколку страни стигнаа разни идеи како да се продолжи важноста на личните карти. Еден предложил вака, друг така, трет на некој поинаков начин и се реши работата на задоволство на сите. Така треба да биде за сите работи во оваа држава, да се држиме заедно, да му дадеме простор на квалитетот, на идеите, на луѓето што се храбри да кажат „ова не е добро за мојот народ и не го прифаќам“.
Работите тргнаа во таа насока и сѐ повеќе експерти, луѓе со знаење што беа потиснати и маргинализирани, почнуваат да стануваат гласни, да го креваат својот глас. Енергетичарите бараат земјата да стане енергетски независна, градежниците бараат тие да ја градат инфраструктурата, стопанството бара простор да дише, судството знае дека е време да ја офира политиката, сите се согласни дека треба да се започне со решителна борба со корупцијата и криминалот. Се чувствуваат нови ветришта, постои некоја нова заедничка енергија со која ќе ја обновиме нашата македонска куќа, под чиј покрив сложно и убаво ќе живеат сите.