Ретко кој може да остане мирен по сликите што се редат како на филмска лента. И не, нема да пишувам за политиката, тоа нека го расправаат другите, јас би сакал да го насочам погледот кон некои други слики од нашето секојдневие, кои во трката за консумирање нови партиски соопштенија, како да ги заобиколуваме иако се тука околу нас и ни го загорчуваат животот
Пензионерските денови течат и постојано носат нови изненадувања. За жал, не секогаш пријатни. Се редат слики што навистина знаат да го расипат денот на еден просечен граѓанин, не мора задолжително да биде пензионер. Ретко кој може да остане мирен по сликите што се редат како на филмска лента. И не, нема да пишувам за политиката, тоа нека го расправаат другите, јас би сакал да го насочам погледот кон некои други слики од нашето секојдневие, кои во трката за консумирање нови партиски соопштенија, како да ги заобиколуваме иако се тука околу нас и ни го загорчуваат животот.
Па така, деновиве не стигнав ни да се израдувам на новата урбана опрема, поточно на новопоставените канти за отпадоци во современ дизајн, кога вчераутро – шок. Некој локален Брус Ли го испробувал својот удар со нога и успеал сериозно да ги оштети, односно да ги деформира кантите, кои навистина изгледаа светски. Интересно изработената конструкција со симпатично прикачената канта, која безмалку личеше на некое уметничко дело, со прекрасен дизајн, сега тотално деформирана личи на жална врба. И што правиме сега? Ништо, повторно некој друг ќе биде виновен дека немаме доволно канти, контејнери, депонии… Заборавајќи дека сѐ почнува од нас и од личниот пример.
А зборувајќи за депониите, некои наши сограѓани очигледно зеле на своја рака да им помогнат на комуналците и да им ја олеснат работата. Па така, некои наши сограѓани, на пример дел од оние што живеат крај течението на Треска, пред да се влее во Вардар, комплетно го имаат опсипано брегот со смет, па се создава слика дека реката протекува низ некоја џиновска депонија. Интересно е дека никој ништо не презема против таквиот вандалски чин, па по нивниот пример се поведуваат и некои од жителите на Злокуќани, на кои Вардар им служи како џиновски контејнер. Очигледно сите овие наши сограѓани се сожалиле на вработените во „Комунална хигиена“, па решиле да им помогнат, да им олеснат и да преземат дел од нивната работа.
На моменти, гледајќи ги овие наши сограѓани како безмилосно го исфрлаат отпадот во невините речни води, си помислувам да ги снимам со телефонот, да се обидам да ги „направам славни“, како што велат младите денес, но од друга страна се повлекувам. Зошто јас да им ја одземам работата на комуналните инспектори, ако веќе ги плаќаме дотичните господа за нешто да поработат, а од друга страна не сум сигурен дека моите нозе имаат доволна брзина за да избегнам непријатна средба во четири очи со нашите сограѓани, кои, ете, се вложуваат максимално да им помагаат на комуналците со тоа што сметот, отпадот и сѐ што не им треба ги испорачуваат директно во речните води.
Затоа решив да се држам малку подалеку од реките, за да не се нервирам дополнително и да не дојдам во искушение сепак да направам некоја фотографија или, пак, да изреагирам вербално на некоја ситуација. И само што тргнав кон големиот трговски центар во Карпош, господинот пред мене реши да го прочисти своето грло доволно темелно што од неговиот напор остана доволно одвратна трага на тротоарот. И тоа како да не беше доволно, следуваше темелно прочистување на носните канали, па сликата на тротоарот стана уште побогата.
Мене ми беше веќе сосема доволно за еден ден и тргнав по познатата патека кон дома. Но, и тука изненадување. Се разбира, повторно непријатно. Контејнерите веднаш до автобуската станица полуполни (или полупразни, зависи како гледате на работите), а околу нив купишта вреќи и картонски кутии. Некои наши соседи очигледно имаат проблем да го погодат отворот на контејнерот, па се решаваат да ги остават своите отпадоци во околината на контејнерот. Тој феномен никогаш не ми бил јасен, некој да се покрене оддома, да го влече ќесето со смет до контејнер и, наместо да го уфрли внатре, да го остави на тротоарот или во тревникот.
Нормално, по сето ова, што му преостанува на еден обичен граѓанин, а пред сѐ пензионер, кој не мора секој ден да оди на работа? Да се затвори дома и да излегува само на најкратката патека до локалното гранапче или аптека. За повеќе нема потреба ако не сака да се изложува на непотребни нервози на кои не може да влијае и да ги смени на подобро.
Освен во случај како мојот, кога овој пензионер може јавно да ги изнесе своите согледувања во надеж дека барем малку ќе придонесе за будење на свеста и промена на поведението на нашите сограѓани. Да тргнеме секој до себе, за да не дозволиме непријатните слики да станат наше секојдневие.