Ако историјата како наука и учебниците по историја во државите како што се на пример Норвешка или Франција се одликуваат со историографски факти, хронологија, веродостојност или кредибилитет, нештата во македонското општество наскоро нема да бидат баш такви. Тие кај нас ќе бидат поставени врз други принципи. И фактите нема да бидат факти, а силата на аргументите ќе мутира во „аргументи на силата“. И сето тоа поради нашиот „ментор по историја“. Се разбира, на Грција се мисли, а и на Бугарија. И на нивниот Преспански договор односно Договор за „добрососедство“. Следува фалш историја, ретуширана историографија, ревизија на минатото… Како сакате
Историјата е неразделен дел од образованието и образовниот процес затоа што им овозможува на учениците и студентите да согледаат како нивната нација, култура или општество се развивале низ вековите. Истовремено, историското знаење кај децата и младите може да го поттикне и развие чувството на гордост за сопственото наследство, како и подлабоко разбирање на светот и нивното место во него. Историската литература е стара илјадници години и не случајно најстарите цивилизации, како што се Сумер или Стар Египет, го запишуваа историскиот наратив на глинени плочи и папирус. Во Античка Хелада и Стар Рим, историчарите како Херодот или Тит Ливиј ги запишуваа историските настани, а во средниот век се појавија хрониките и биографиите. Ренесансата се одликуваше со зголемен број на историски записи, а просветителството од 18 век воведе критички пристап кон историјата, како и потребата од точност и анализа, принципи што до ден-денес се неизбежни во пишувањето учебници или книги од областа на историјата.
Денес историјата како наука и историската литература продолжуваат да се развиваат преку користење разновидни методи и пристапи што се насочени кон обезбедување увид во сложеноста на минатото, како и збогатување на нашето (како општество или нација) разбирање на историјата. Затоа историските книги и учебниците по историја треба да се одликуваат со детално истражување и пренесување на наративот врз основа на аналитичкиот пристап и фактите. Притоа не смееме да заборавиме дека историските учебници и книги истовремено ја едуцираат младата популација, но ја ангажираат и емотивно односно ѝ овозможуваат да се соживее со предизвиците, триумфите и сложеноста на минатото. Историјата и историските учебници во образовниот процес се мост меѓу минатото и сегашноста, бидејќи на учениците и студените им овозможуваат да го разберат развојот на нацијата, општеството или државата.
Историјата и учебниците по историја не се фантазмагорија (привидение, измама), туку, напротив, тие се одликуваат со истражување, прецизно собирање информации од реномирани извори, како што се примарните документи, научните дела и добро ценети историски записи или сведоштва. Денес во секое модерно општество учебниците по историја се истакнуваат со препознавање на веродостојните извори и нивно одделување од пристрасните и неверодостојни извори, како и со точност и автентичност. Историјата во образованието и образовниот процес исто така е насочена кон кредибилитет на напишаното и обезбедување доверлив приказ на историските настани и контексти. Дополнително на ова, современата историска наука и книгите и учебниците по историја во образованието поставуваат рамнотежа помеѓу објективноста и интерпретацијата, односно во современите историски учебници се презентираат историските факти без лична пристрасност, објективно известување за настаните, непристрасно презентирање на историските извори и сведоштва, како и можност за различни гледишта и нивно презентирање на еднаков начин.
Доколку историјата како наука и учебниците по историја во државите како Норвешка или Франција се одликуваат со анализа, веродостојност или кредибилитет, нештата во македонското општество не се поставени врз тие принципи. Доколку внимателно се анализира, неизбежен е заклучокот дека Грција преку Преспанскиот договор ќе биде ментор за пишување учебници по нашата (македонската) историја. Некој можеби ќе запраша зошто, но одговорот се наоѓа во членот 8 од Преспанскиот договор, каде што се наведува дека ќе се формира „заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, кој ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди“, како и дека „комитетот ќе разгледа и, доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали, како што се карти, историски атласи, наставни упатства што се користат во секоја од Страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. За таа цел комитетот ќе дефинира конкретни временски рамки за да се обезбеди дека во секоја од Страните ниту еден учебник или помошен наставен материјал што се користи во годината по потпишувањето на оваа спогодба не содржи какви било иредентистички/ревизионистички упатувања“.
На прв поглед нема ништо спорно дека т.н. заеднички интередисциплинарен комитет на експерти ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани преку автентични и научно издржани историски извори, но проблемот произлегува од членот 7, каде што се наведува дека термините „Македонија“ и „македонски“ за грчката страна „ги означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден“.
Оваа формулација од членот 7 од Преспанскиот договор е во спротивност со современата научна мисла, критичност или можност за различни гледишта и нивно презентирање на еднаков начин. Во нашите (македонски) учебници под диктат на Преспанскиот договор нема да има место за објективно научно толкување на историските настани врз основа на автентичните и научно издржани историски извори.
Дека ја говориме вистината ќе посочиме еден од најголемите говори на Демостен (говорник и државник во Стара Атина), во кој меѓу другото се истакнува: „Но спрема Филипа и спрема она што го прави тој, не се такви, макар што тој не само што не е Хелен, ниту нешто близок на Хелените, туку ниту барбарин од земја, за која нешто убаво би можел да кажеш, туку е чума македонска, од каде што порано човек ни роб не би купил“. Ако се водиме од историскиот научен принцип дека историјата и учебниците по историја не се фантазмагорија и се одликуваат со истражување и прецизно собирање информации од реномирани извори, тогаш е неизбежен заклучокот дека хеленскиот државник Демостен нагласува дека античкиот македонски крал Филип Втори „не е Хелен“.