Официјална Бугарија не го признава суштествувањето на одделните македонски особености низ вековите, а Македонците и Македонките во шовинистичките и иредентистичките бугарски кулоари се мисловна именка, понекогаш се „географски израз“, а понекогаш и „творба на Комунистичката интернационала“. Оттука, секој што размислува разумно знае дека промената на македонскиот устав нема да биде последното барање што ќе пристигне од Република Бугарија. Речиси сите европски чинители ни велат дека мора да го промениме Уставот, но никој не ни дава гаранции дека во иднина нема да има бугарско барање што ќе биде во насока за воведување на бугарската историја во македонските основни и средни училишта или воведување на бугарскиот јазик како службен во Македонија
Денес, во согласност со меѓународното право и Декларацијата за човекови права, и многуте изведени меѓународноправни документи, не постои општоприфатена дефиниција што точно е говорот на омраза и сѐ уште се водат дискусии за ова прашање, особено во однос на слободата на мислење и изразување, како и недискриминација и еднаквост. Во општите разговори, под говор на омраза се подразбира навредлив дискурс насочен кон група или поединец заснован на одредени својства, како што се раса, религија или пол. Обединетите нации во обид да најдат унифицирана рамка за решавање на овој проблем во светски рамки, говорот на омраза го дефинираат како секој вид на комуникација во говор, пишување или однесување што напаѓа или користи навредливи или дискриминаторски јазик во врска со личност или група врз основа на тоа кои се тие, со други зборови, врз основа на нивната религија, етничка припадност, националност, раса, боја, потекло, пол или друг идентитетски фактор. Доколку се земе предвид ставот на Обединетите нации за ова прашање, можеме да заклучиме дека Бугарија како држава и општество на најдиректен начин поттикнува и распространува говор на омраза кон сите припадници на македонскиот народ кога ги негира македонските национални особености – јазик, историја, култура итн.
Оттука, последната изјава на бугарскиот премиер Димитар Главчев за ставање крај на говорот на омраза во Македонија е апсурдна. Само замислете, премиер на држава, држава што на најдиректен начин ги прекршува основните човекови и малцински права на припадниците на македонскиот народ, што е потврдено и од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, дава поуки за говорот на омраза, а притоа не гледа во сопствениот двор, каква бесмислица и глупост. Доколку суштински гледаме на нештата, последното искажување на бугарскиот премиер е само уште една потврда дека Бугарија постојано жонглира со тезите поради недостиг од вистински аргументи за ветото и блокадата на Македонија кон Европската Унија, обидувајќи се топката да ја префрли кај нас.
Но кои се последните бугарски тези? Македонија како држава поттикнува и распространува говор на омраза против бугарската заедница, мора да има промена на македонскиот устав и ова прашање е став на Европската Унија, односно 27 држави треба да одлучат за приемот на Македонија во ЕУ. Со други зборови, Македонија како држава, општество и нација треба да се согласи на промената на Уставот доколку сака да стане земја членка на Европската Унија. Но доколку се земат предвид долгорочната бугарска политика и стратегија кон македонската држава и сите припадници на македонскиот народ, без разлика на нивното раѓање и живеење, промената на македонскиот устав и внесувањето на Бугарите нема да го решат проблемот. Не постојат никакви гаранции од Република Бугарија и Европската Унија дека нема да има нови условувања и ново вето.
Официјална Бугарија не го признава суштествувањето на одделните македонски особености низ вековите, а Македонците и Македонките во шовинистичките и иредентистичките бугарски кулоари се мисловна именка, понекогаш се географски израз, а понекогаш и творба на Комунистичката интернационала. Оттука, секој што размислува разумно знае дека промената на македонскиот устав нема да биде последното барање што ќе пристигне од Република Бугарија. Речиси сите европски чинители ни велат дека мора да го промениме Уставот, но никој не ни дава гаранции дека во иднина нема да има бугарско барање што ќе биде во насока за воведување на бугарската историја во македонските основни и средни училишта или воведување на бугарскиот јазик како службен јазик во Македонија.
Бугарија како општество и држава не се ослободи од стегите на великобугарзимот и оттука произлезе и ветото за Македонија. Нашиот пат кон ЕУ не е блокиран поради дискриминација на Бугарите во Македонија, туку затоа што сме Македонци. Тука е проблемот според Бугарија. Стопати досега ни беше кажано од официјална Софија дека македонизмот не може да влезе во Европската Унија, со други зборови ни велат дека не можеме да го изразуваме македонското национално чувство, нашите погледи за македонскиот јазик или нашата македонска историја. Затоа секој што ни вели дека по промена на македонскиот устав и внесувањето на Бугарите ќе влеземе во Европската Унија е слеп и глув. Фактите потврдуваат дека Софија настојува да спроведе тивка бугаризација на македонскиот народ, а Брисел досега молчеше.
Одредени македонски политичари не ја разбраа суштината на проблемот со Република Бугарија, оттука прифатија одредени барања, барања што се на штета на македонските национални и државни интереси. Денес никој во Македонија не е против влегувањето во Европската Унија, но секој припадник на македонскиот народ, народ што е еден од главните и суштинските творци на македонската државност, сака да влезе во Европската Унија како Македонец и Македонка, да може слободно да ја изучува својата историја и да говори на својот мајчин македонски јазик. Затоа мора да има гаранции за македонските национални особености од највисоките европски институции.