Кога оние што се на чело на државата, како и на клучните државни институции, ќе кажат дека немаме капацитет како држава што било да направиме без помош од Европа или од САД, тогаш логично е прашањето зошто воопшто се таму каде што се, впрочем зошто и толку дебело ги плаќаме кога тврдат дека немаме капацитет за ништо. Вака изгледа дека тие се на функција само за да земаат плата и ништо да не работат, додека граѓаните бараат и очекуваат некој да им обезбеди подобар живот, а не констатација дека „немаме капацитет“
Доаѓањето во Македонија на американскиот тим за борба со корупцијата меѓу обичниот народ се доживеа како библиско откровение, преку кое сите ние очекуваме да осознаеме кој сè овие 30 години ги крадел народот и државата, а за тоа не само што не понел одговорност и останал неказнет туку, на некој начин, дури и бил награден со некоја дополнителна функција, бизнис, стан, атрактивно земјиште или слично.
И додека сите ние, сиромашни, економски ничкосани, инфлациски ограбени, во радосен изблик чекаме епилог од американската акција, некој друг продолжува да си го тера стариот наратив дека ние самите сме виновни за ваквите состојби бидејќи немаме капацитет да направиме нешто, па затоа странците мораат да ни ги средуваат состојбите дома.
Очигледна е интенцијата на политичарите во овие три децении самостојност сопствената неспособност да ја квалификуваат како општествена неспособност, избегнувајќи каква било лична одговорност за неуспесите.
Имено, немањето капацитет да се направат реформи во администрацијата, во правосудството, во здравството, во образованието, да се води мудра надворешна политика во интерес на државата, да се гради независна енергетска и друга инфраструктура, да се отвораат економски можности, лежи исклучиво кај луѓето што управуваат со државата, а не во народот, кој единствено што може е да ги следи политиките што ги креираат оние што го водат.
И кога на сето тоа оние што се на чело на државата, како и на клучните државни институции, ќе кажат дека немаме капацитет како држава што било да направиме без помош од Европа или од САД, тогаш логично е прашањето зошто воопшто се таму каде што се, на највисоките државни позиции, впрочем зошто и толку дебело ги плаќаме кога тврдат дека немаме капацитет за ништо. Вака изгледа дека тие се на функција само за да земаат плата и ништо да не работат, освен да пречекуваат странски гости и да се сликаат со нив. Обичниот народ нема ништо од нивните фотографирања и ракувања, тој бара тие да му обезбедат подобар живот, а не констатација дека „немаме капацитет“.
Деновиве е актуелно Светското првенство во фудбал во Катар, на кое историски успех забележа фудбалската репрезентација на Мароко, која е прва селекција од Африка што успеала да обезбеди место во едно полуфинале на Светскиот куп.
Мароко не потклекна ниту пред моќната Шпанија, како ниту пред фаворизираната Португалија. Замислете што ќе се случеше ако селекторот на оваа репрезентација пред натпреварот им кажеше на фудбалерите дека „немаат капацитет“ да ги победат Шпанците или Португалците, па, еве, сега и Французите во полуфиналето. Селекторот е тој што го одбрал тимот, ги поставил играчите на позиции за кои смета дека најмногу можат да придонесат за селекцијата и верува дека тие можат да им се спротивстават на сите, вклучувајќи и на актуелниот светски фудбалски првак. Кога на сето ова ќе им влее верба, ќе ги мотивира дека можат секого да победат, тогаш не постојат граници и невозможни работи.
Кога нашиве политички „селектори“ ќе престанат отворено да ги деморализираат граѓаните и да „плачат“ наоколу дека немаме капацитет, коленичејќи за уште некој грант за разни обуки, дообуки и што ли уште не, тогаш можеби ќе тргне работата. А за да тргне, треба да почнат да се поставуваат луѓе според квалитет и знаење на клучни позиции, па тогаш нема да имаме потреба од надворешни интервенции бидејќи ќе бидеме подготвени да „играме“ рамноправно со сите на секој терен.
Неоспорен факт е дека Македонија давала и дава многу квалитетни кадри во повеќе области, за чиј квалитет одвреме-навреме ќе слушнеме од некој странски медиум. Тогаш нема човек што не ќе се запраша, па, добро, како сме го испуштиле овој интелект? Голем број македонски граѓани работат низ разни светски универзитети, научни институции, во врвот се на водечки светски компании, некои се дел од тамошната политика, а ние едноставно сме ги пуштиле да си заминат. Сите тие ја напуштиле својата земја кога виделе дека главен репер да се напредува тука не се квалитетот и знаењето, туку партиската подобност. Таа партизација ги избрка сите од државата, а продолжува и натаму да ги брка. И внатре во државата има многу способни, конкурентни и квалитетни кадри во сите сегменти. Но сите тие едноставно не можат да дојдат до израз бидејќи се свесни за преголемата партизација, политизација, клиентелизам, отсуство на креативен и творечки дух, полтронство итн. Во таков амбиент едноставно ништо не вирее.
Неоспорен факт е дека Македонија давала и дава многу квалитетни кадри во повеќе области, за чиј квалитет одвреме-навреме ќе слушнеме од некој странски медиум. Тогаш нема човек што не ќе се запраша, па добро, како сме го испуштиле овој интелект? Голем број македонски граѓани работат низ разни светски универзитети, научни институции, во врвот се на водечки светски компании, некои се дел од тамошната политика, а ние едноставно сме ги пуштиле да си заминат. Сите тие ја напуштиле својата земја кога виделе дека главен репер да се напредува тука не се квалитетот и знаењето, туку партиската подобност. Таа партизација ги избрка сите од државата, а продолжува и натаму да ги брка
Затоа, апсурдно е да се тврди дека ние немаме капацитет, туку капацитет немаат оние што треба да го препознаваат квалитетот, да го задржат во земјава и да го ангажираат секаде онаму каде што е потребно, наместо да ја партизираат целата околина околу себе опкружувајќи се со обични послушници што само кимаат со главата.
Клучно е да се смени целиот овој дефетистички систем на немање верба во себе дека нешто можеме да направиме сами. Можеме многу, но треба да се почне веднаш. Дома имаме ученици првенци, одлични студенти, иноватори, инженери, уметници, доктори, луѓе од сите сфери, кои се исклучително квалитетни, но останале надвор од политиката, а со тоа и надвор од можноста да работат за доброто на својот народ. Тоа мора да се смени. Прво, партиите да се демократизираат, да не ја наметнуваат внатрепартиската диктатура на државно ниво и да престанат да функционираат како акционерски друштва за вработување. Понатаму, да се смени изборниот модел, граѓаните да добијат избор, да знаат за кого гласаат, да бараат квалитет и одговорност во неговото работење. Судскиот систем да се ослободи од стегите на политиката, а напредувањето да биде според квалитетно работење, а не според фотографии со политичките моќници. Корумпираните судии и обвинители треба да бидат исфрлени од системот. Непотизмот да се искорени целосно. Образованието да ги следи современите текови, а стопанството да им понуди шанса на најдобрите според услови што би ги добиле и надвор од државата, за тие квалитетни кадри да се задржат тука.
На крајот, поразително е оние што стојат на клучни државни позиции да не веруваат во капацитетите на својот народ и својата држава, па наместо да кажуваат дека немаме капацитет, време е и самите да поработат малку во создавањето квалитетен тим што конечно ќе ја поведе државата по патот на развојот и просперитетот. Сè друго е измислување алиби и затскривање зад сопствената неспособност.