Економијата многу често е жртва на политички потреси од различни видови. Македонија никогаш, или, еве да речеме, во следните стотина години, нема да го достигне развојот или животниот стандард како во развиените европски земји, со економски раст од проектирани пет проценти. Повеќе од неминовна станува потребата за забрзување на економскиот раст до ниво на двоцифрени стапки на раст
Енергетската криза и понатаму останува во фокусот на јавноста, како поради новите поскапувања на гасот и неизвесноста кога цените ќе се стабилизираат, исто така и поради зачестените политички препукувања кој треба да го реши проблемот со високите цени и како треба да се реши тој за да се ублажи ударот врз животниот стандард кај граѓаните. Дополнително, македонската јавност деновиве, покрај поскапувањата на енергентите и поскапувањата на цените во маркетите, неизбежно е фокусирана и кон изборот и, секако, составот на новата влада и новите министри. Сега, очекувано, сите погледи се свртени кон новата влада и мерките што ќе ги преземе таа во делот на економијата и енергетиката.
„Владата ќе дејствува кон успешна енергетска транзиција, која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето енергенти, одржливост на енергетскиот систем и ќе биде ценовно прифатлива за сите граѓани и економски субјекти“. Ова е едно од многуте ветувања за работата на новата влада, кое е вклучено и во програмата што беше доставена во Собранието.
Фокусот во неа, покрај делот за надминување на енергетската криза, беше ставен и на подобрување на животниот стандард на граѓаните, на стабилизација на состојбите со пандемијата, на планови за изградба на нови автопатишта, за изградба на железничката пруга кон Бугарија, гасификацијата и обезбедување уште еден пристап до гасот, сѐ со цел да се обезбеди конкурентност на пазарот… А, секако, во шеесетте страници од програмата на новата влада има и за спорот со Бугарија, заштитата на животната средина, за рамномерниот развој, но и планови за развој на образованието, здравството…
Има една стара мудрост, која вели хартијата трпи сѐ… Многу е лесно да се прават планови и да се пишува на хартија, но нешто сосема поинаку е сето тоа да се реализира во практика.
На пример, пругата кон Бугарија ја градиме триесетина години, се изнаслушавме и изнапишувавме за плановите за изградба, за причините за нејзиното одлагање, за новите рокови за комплетирање на оваа пруга, ама со воз кон Бугарија сѐ уште не можеме да се возиме. А, во меѓувреме, во светот чуда се градат…
Многу ветувања, ама што од тоа ќе се реализира, останува да видиме.
Сите поголеми капацитети што ги имаме се изградени во времето на Југославија, целиот енергетски систем ни зависи од РЕК Битола, исто така изградени во една дамнешна држава, која веќе и не постои. Дополнително, оваа година стартуваше со работа уште еден голем капацитет, кој спиеше десетина години, ама поради кризата и тој мораше да проработи, со ветување дека од него ќе има струја и за компаниите.
Многу надежи, многу ветувања, но и многу несигурност. Честите политички промени, потреси и политички кризи не овозможуваат развој на стратегиски проекти, за кои се потребни одлучност и истрајност.
Автопатиштата, железницата, гасификацијата, енергетската стабилност… ниту еден сегмент не може да се развива без стабилна и континуирана посветеност на надлежните институции за нивно комплетирање и пуштање во употреба. Кај нас, за жал, најголем дел од проектите се стопира при одредени политички случувања, избори, промена на власта, реконструкција на влада итн. Економијата многу често е жртва на политички потреси од различни видови.
Новата коалиција меѓу другото ветува и подобрување на животниот стандард на граѓаните, при што „клучна цел на економската политика на владата ќе биде креирање забрзан и одржлив раст на економијата на пораст на БДП, со забрзување на стапките на економски раст на среден рок од 2,5 отсто, на пет проценти просечен раст“…, барем така пишува во програма. Но дали ваквите проекции за економски раст се доволни, доколку сакаме да се доближиме до Европа? Македонија никогаш, или, еве да речеме, во следните стотина години, нема да го достигне развојот или животниот стандард како во развиените европски земји, со економски раст од само пет проценти. Повеќе од неминовна станува потребата за забрзување на економскиот раст до ниво на двоцифрени стапки на раст, што би значело барем 10 отсто и нагоре. Тоа не е нереалност, туку мора да стане амбиција и поставена цел кон која треба да се стремат сите.
Ветувањата мора да стануваат реалност. Ако се вети и започне изградба на нешто, тоа мора да се реализира, не да запре. Ако сме ветиле помош за стопанството и обезбедување поевтина струја и енергенти за компаниите, тогаш тоа мора да се испочитува.
Навременото планирање и следење на состојбите треба да стане нужност. Ако нашата држава планираше уште во летните месеци како ќе ја пребродуваме зимата, навреме ќе набавеше одредени резерви на мазут, јаглен, гас, кога цените не беа толку високи. Таквата посветеност ќе резултираше со помали загуби на финансии, кои сега се одлеваат за плаќање екстремно скапи енергенти.
Оваа криза, било да ја наречеме енергетска, здравствена, економска…, треба да нѐ потсети дека е крајно време да се работи посветено, да се создадат клучни предуслови за развој на економијата. Покрај главните предуслови за развој на економијата, кои честопати ги посочуваме, меѓу кои се владеење на правото, предвидливост и стабилност, потребни се мерки што ќе поттикнуваат поголем економски раст, мерки што ќе креираат услови за развој на поконкурентни производи, кои ќе овозможат подобар пласман на странските пазари, а преку нив поголем девизен прилив… Посветено и навремено планирање ќе ни овозможи соодветни мерки креирани за заштита на потребите на граѓаните и за поттикнување на стопанството. На крајот на краиштата, најопипливиот резултат по кој се мерат успешноста и благосостојбата на една држава е според степенот на развој на економијата. Со академски речник, со петка не се положува испитот и треба да се стремиме кон десетка.