Сега, повеќе од кога било, конечно треба да почне вистинска реформа во образованието, имајќи го предвид најдобриот интерес на децата. Факт е дека Македонија веќе подолго време се соочува со криза во образованието и тоа се потврдува со лошите резултати што ги покажуваат учениците од земјава на меѓународните тестирања. Станува збор за системски проблем што не се решава со децении, а резултатот се уназадени генерации што не можат вистински да одговорат на современите предизвици. Легитимно е да се говори и преговара за висината на платите во образованието, но исто така е легитимно и да се бара многу поголем квалитет во образовниот процес
Повеќе од еден месец имаше време просветарите и Владата да ги надминат разликите и да најдат решение и модел како да се надмине проблемот со платите во образованието, наместо да се чека до последен момент дали некој ќе попушти, што на крајот резултира со штрајк, од кој најголема штета трпат учениците.
Имено, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) неколку недели претходно предупреди дека ако не се покачат скалесто платите на вработените во образованието, во согласност со покачената минимална плата, тогаш ќе се случи штрајк. Од Владата категорично тврдеа дека во моментот пари за такво нешто во буџетот нема и дека ако им се угоди на барањата на просветарите ќе се случи инфлација. И двете страни беа убедени дека оној другиот ќе попушти, но тоа не се случи.
Истите позиции беа пред еден месец, а останаа и понатаму повремено дополнети со декларативни заложби дека сите се за брзо решение во интерес на децата и нивниот образовен процес.
Ако еден месец ја истакнуваш потребата за брзо решение и притоа не се одржуваат секојдневни средби за барање модели како да се доближат двете спротивставени позиции, тогаш повеќе од јасно е дека секој гледа да си ги задоволи сопствените интереси, а колатерална штета во целата ситуација се само децата.
Ова што сега се случува со штрајкот е, всушност, епилог на еден несериозен однос што се провлекува во државата 30 години за сите работи. А тоа е барање решенија не во минута до 12 туку по 12 часот. Не залудно народот вели дека не се гои прасе пред Божиќ, ниту, пак, се носат решенија задоцнето.
Но, за жал, оваа иста практика на задоцнето будење и реагирање постојано ни се повторува на сите нивоа. Овој пат тоа е случај со образованието, претходно беше со пандемијата и така во недоглед.
Се најавуваше нов бран на коронавирусот, надлежните отвораа граници и дозволуваа прослави во угостителски објекти, се најавуваа обилни врнежи од дожд, никој не ги чистеше одводните канали, се очекуваа шумски пожари, авионите за гаснење останаа неремонтирани…
Едноставно сè во оваа држава како да е оставено на стендбај до последен момент, прво се чека нешто да се случи, па потоа сите делат совети како требало да се превенира.
Децата се најмалку виновни за тоа што возрасните не знаат да ги решаваат проблемите навреме, а овој прекин во наставата најмногу ќе се одрази врз нив.
Имено, најмалите во градинките остануваат без основната почетна едукација, додека учениците во основните и во средните училишта соочени со непланираната пауза поради штрајкот, дополнета со одложениот почеток на учебната година, како и со продолжените празнични викенди што следуваат, тешко ќе го совладаат предвидениот материјал. Тоа во превод значи многу непредаден материјал што тешко подоцна ќе се надомести, уште помалку во наводните „работни“ саботи, во кои се прави сè друго, освен што вистински се учи.
Теоретски дури и децата да се вратат од понеделник на училиште, веќе е загубено драгоцено време што наставниците ќе се обидат да го надоместат со „трчање“ низ материјалот, а наместо испрашување и усно утврдување на знаењето, децата ќе бидат оптоварени со тестови секој ден, кои во никој случај не го одразуваат нивното вистинското знаење. Дополнително, сето ова ќе предизвика стрес, кој може да се одрази и врз здравјето на децата.
Токму на ова предупреди деновиве и нашиот весник, но и УНИЦЕФ, кој директно ги повика и СОНК и Владата што поскоро да постигнат консензус за да се избегне дополнителен прекин во наставата и учењето, односно двете страни да ги стават децата на прво место.
Не треба да се заборави дека во овие две години пандемија токму образованието на децата трпеше поради новата реалност, со настава од далечина, која во никој случај не можеше да се спореди со вистинската настава.
И сега, кога конечно децата се вратија во училишните клупи, повторно трпи нивното образование затоа што некој во оваа држава не ги решава проблемите со време и дозволува тие да се продлабочуваат и таложат.
Факт е дека Македонија веќе подолго време се соочува со криза во образованието и тоа се потврдува со лошите резултати што ги покажуваат учениците од земјава на меѓународните тестирања. Станува збор за системски проблем што не се решава со децении, а резултатот се уназадени генерации што не можат вистински да одговорат на современите предизвици.
Овие прекини само придонесоа образовната криза дополнително да се продлабочи. Сега, повеќе од кога било, конечно треба да почне вистинска реформа во образованието, имајќи го предвид најдобриот интерес на децата, така што секое дете ќе добие поддршка за да го надомести пропуштеното знаење. Овие загуби не само што имаат тековно негативно влијание врз децата туку ќе влијаат и врз нивниот живот во иднина и идниот економски развој на земјата.
Штрајкот на просветарите потврди една работа, дека во државата не се превенираат работите, иако можат да се забележат дури и од „авион“, со години се туркаат под тепих за на крајот да ескалираат. Потоа се нудат некакви парцијални решенија што, всушност, и не се решенија, туку обично купување време до следната експлозија на нечие незадоволство. И повторно врз грбот на децата.
Ако ништо друго, кога веќе е извесно дека секоја година во образованието ни се случуваат штрајкови, тогаш требаше да се најде некаков модел, според кој, и наставниците ќе можеше да го реализираат своето право на штрајк, но и децата немаше да губат настава. На пример, можеше да се одвива еден вид пасивна настава, наставникот да им даде основни насоки на децата околу одредена тематика и да ги остави самите да ги наоѓаат решенијата, без да им помага.
Од друга страна, Владата, наместо да се правда дека нема пари во буџетот, треба да ги рационализира сите трошоци, да не се подновува со луксузни службени автомобили и постојано да вработува нови и нови административци, туку да се вози во обични возила и да ја намали и онака тромата администрација. Тогаш ќе има пари, особено за оние што ги заслужуваат со својата работа и посветеност.
Едно е сигурно, образованието е клучно за да се изгради стабилна и економски силна држава. Ако произведуваме необразовани кадри поради нечија неспособност навреме да го реформира образованието, тогаш ниту иднината на оваа држава нема да биде светла.
Штрајкот ќе заврши, но државата треба да биде свесна дека дијалогот за важната улога на наставниците треба да биде континуиран и да се води во поширок контекст на реформата во образованието, со цел да се обезбедат соодветно распоредување и искористување на човечките, финансиските и другите ресурси, со што ќе се овозможи квалитетно образование за сите деца. На крајот, одговорните треба да почнат да се однесуваат одговорно, оти во спротивно, неодговорноста скапо ќе нè чини, особено кога сме неодговорни кон нашите деца.