Градот Скопје имаше среќа годинава да се закити со титулата „Европска престолнина на културата“ за 2028 година. Но додека да се случи тоа треба да се работи на решавање на многубројните инфраструктурни проблеми, а не да се создаваат нови. На овие предизвици ќе мора да се одговори затоа што градот ќе биде под постојан мониторинг на Европската комисија. Кандидатурата треба да биде дополнителен повод да ги решаваме. Да почнеме со чистење на ѓубрето и намалување на загаденоста, поради која повторно сме на врвот на списокот на најзагадени градови
Додека Скопје чека да ја понесе титулата „Европска престолнина на културата“ за четири години од сега, ни се случува уште еден обид за неконтролирана урбанизација, што е и една од забелешките на експертската комисија при Европската комисија за избор на градовите, во чиј извештај се нотираат и други проблеми со актуелната состојба на главниот град на државата: етничка поделба, социјална исклученост, загадување на животната средина, маргинализација на ранливите групи, политичка поларизација, сиромаштија, невработеност… Ова комплетно се коси со идејата на градовите кандидати за титулата да имаат долгорочни развојни планови за инклузивен и одржлив урбан развој. Деновиве актуелен е планот за изградба на шест висококатници и две кули на просторот на некогашна „Алумина“, кој предизвика голем број реакции од стручната јавност, граѓаните и од еколозите. Планот, според засегнатите, предвидува уште една неразумна бетонизација на градот и нови стотици граѓани и возила во и онака преоптоварениот град.
Искуствата на некои градови носители на титулата „Европска културна престолнина“ покажале дека се потребни десетина години континуирана работа за успешна реализација. Нам ни остануваат двојно помалку, а ваквите примери се само уште една потврда дека реалните изгледи да подготвиме солидна база за реализација на програмата во 2028 година се далеку од остварливи. Покрај квалитетна и сеопфатна културна програма подготвена од експерти во повеќе професионални области: современа уметност, културно наследство, екологија и животна средина, креативни и културни индустрии, културна едукација и развој на публика, мултикултурализам, маргинализирани групи, туризам…, потребно е да покажеме и дека работиме на развој на градот и на неговата виталност, што е еден од најважните предуслови за успешна презентација пред европската и светската јавност.
Во моментов Скопје се соочува со низа наталожени проблеми. Од една страна, градот изобилува со занемарени, неактивни, напуштени, простори и индустриски зони во распаѓање, кои би можеле да се реконструираат и да се стават одново во употреба, а од друга, и натаму продолжува да гради објекти без никаква законска контрола на пренаселеноста, кои се противат на идејата за интензивна трансформација во зелен урбан град со големи зелени површини, градини, паркови, тревници, зелени покриви. Скопје и Скопскиот Регион имаат богата и повеќеслојна историја и култура, но таа останува затрупана под правот на градежната механизација. Одржувањето на хигиена, пак, е на најниско ниво, што уште повеќе придонесува кон тоа.
Јакнење на капацитетите на градските власти е една од клучните алки во овој сложен процес на популаризација на идејата за европската престолнина и создавање позитивен имиџ во семејството на градовите што се дел од европската културна приказна. Скопје заслужува вистинска можност да закрепне и да ги покаже својата еластичност и креативност, но тоа е можно само преку надминување на погорепосочените проблеми и тешкотии со кои се соочува на сите нивоа и мобилизирање на целокупниот потенцијал за негов плански развој, а потоа и промоција на својата културна разновидност пред европската јавност.
Според една студија, градовите имаат огромна корист од оваа почесна титула. На пример, во 2004 година, Лил изгради нов културен центар од своите 12 поранешни индустриски постројки. Во Луксембург, кој беше престолнина на културата во 1995 година, беше изграден Музејот на модерна уметност. Понекогаш иницијативите добиваат гигантски размери. Така, во времето кога во 2010 година областа Рур ја носеше титулата културен главен град, 53 града со илјада идеи и иницијативи беа вклучени во целиот проект. Затоа и европските градови, дури и оние многу поразвиени од Скопје, стојат во ред кога станува збор за тоа кој ќе ја добие титулата културна престолнина и се надеваат дека ќе ја добијат. Градот Скопје имаше среќа годинава да се закити со титулата „Европска престолнина на културата“ за 2028 година. Но додека да се случи тоа треба да се работи на решавање на многубројните инфраструктурни проблеми, а не да се создаваат нови. На овие предизвици ќе мора да се одговори затоа што градот ќе биде под постојан мониторинг на Европската комисија. Кандидатурата треба да биде дополнителен повод да ги решаваме. Да почнеме со чистење на ѓубрето и намалување на загаденоста, поради која повторно сме на врвот на списокот на најзагадени градови.