Одговорноста за прекројувањето на македонскиот национален идентитет во демократска и културна Европа е на Европската Унија. Никаква „креативна фразеологија“ нема да ја оправда ЕУ за прекршување на универзалните и сопствените основачки вредности за слобода на изразување, самоопределување и себеименување ако потклекне пред бугарското первертирање на европските принципи.Прекројувањето на македонскиот идентитет за задоволување на бугарските апетити ќе јадеформира и самата кројка на Европската Унија, чиј шнит
требаше да се базира на соработка, уважување, признавање, демократија, почитување на меѓународното право,а не ова што го прават некои нејзини членки, па и самиот Брисел
Несфатливиот процес на настојувања за прекројување и ограничување на националниот идентитет на Македонците (па и територијалниот суверенитет на Македонија), во 21 век, кој се одвива во рамките на една меѓународна организација со највисок демократски и политички субјективитет, како што е ЕУ, која горделиво ги истакнува своите принципи на еднаквост и слобода на себеидентификација, веќе не може да се прикрие ниту со „креативни еуфемизми“ за негаторските и асимилаторските претензии на македонските соседи, инаку членки на ЕУ. На секој самит на Советот на ЕУ, особено последниве четири години, откако наводно беше отстранета последната пречка (името на државата), Унијата е под сериозно искушение со каква фразеологија да ги оправда својата непринципиелност и недоверливост на ветувањата спрема Македонија, а притоа да ја задржи претставата за себе дека тоа го прави во интерес на „реформскиот развој на земјите-кандидати“ и за „нивно добро“. Креирањето „позитивна возбуда“ за новата претстава за европската добронамерност и загриженост за одржувањето на сопствената принципиелност е во полн ек и на актуелниот самит на Унијата, со кој завршува француското претседателство. Македонија, како „подарок со стапици“ овој пат добива „божем француски предлог“ за повлекување на ветото на Бугарија, со што под бугарски услови и контрола на процесот би започнала преговори за членство во Унијата. Навистина, откако се зборува дека е испратен тој француски документ до земјите-членки на ЕУ (за да се изјаснат на самитот), никој не признава ниту дека го испратил, ниту дека го примил, а македонската страна – дека не го ни видела, што, секако, остава простор за сомнежи за пазарење со некој од атрибутите на македонското национално постоење, и тоа од наша страна.
Сомнежот, поткрепен со болното искуство на Македонија за загрозен национален идентитет по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, дополнително добива за право со лицемерството затскриено во „признавањето со задршка“ на „Православната црква на Северна Македонија“ од страна на Бугарската православна црква. Мошне индикативно е што тој чин „духовна радост (на БПЦ) и прифаќање на решенијата за подигање на шизмата и влегување во канонско и евхаристичко општење со „Православната црква на Северна Македонија“ се случува во време кога бугарските политичари, па и бугарското општество се прекршуваат околу одлуката за повлекување на ветото за македонските евроинтеграции. Евентуалните недоумици за скриената провокација од политички вид на Бугарската православна црква се расчистуваат во последната забелешка на соопштението за „прифаќање“, каде што е наведено дека „прашањето за името на Православната црква на Северна Македонија треба да биде дополнително разгледано“.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски во таквата најава за „размислување“ за името на МПЦ-ОА од страна на БПЦ препозна координирана државна политика меѓу бугарските власти и БПЦ. Таквото „размислување“ за името на МПЦ-ОА, Пендаровски во квалификуваше како „безобразие“ , за да им порача во БПЦ – „кои сте вие да размислувате“.
Прашањето на признавањето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, односно прифаќањето во канонско единство со другите помесни цркви од православниот свет, секогаш било дел од корпусот на националните атрибути за заокружување на државноста и посебноста на Македонија. Автокефалноста на МПЦ, од 1967 година до пред еден месец, беше оспорувана од Српската православна црква, но по одлуките на вселенскиот патријарх Вартоломеј и Синодот на СПЦ, во текот на мај 2022 година, отстранета е шизмата на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Сепак, со тенденциозното именување на МПЦ-ОА, за „Православната црква на Северна Македонија“, БПЦ остава простор за понатамошно спорење на посебноста и автокефалноста на Македонската црква, која е нераскинливо поврзана со дефиницијата на македонскиот национален идентитет.
„Размислувањето за именувањето“ на МПЦ-ОА е своевидна поддршка на Бугарската православна црква на политичките сили во бугарското општество, кои не сакаат да дозволат помисла за постоење на посебен македонски национален идентитет и не се откажуваат од идејата да ја злоупотребуваат Европската Унија за своите асимилаторски аспирации спрема Македонија. Целосно игнорирајќи ги основачките принципи на ЕУ, заслепени само од сопствените експанзионистички историски заблуди, и понатаму сите општествени чинители во Бугарија дејствуваат координирано во негирањето на македонскиот национален идентитет и правење опструкции тој да не биде легитимиран во Европската Унија.
Сепак, одговорноста за опстојувањето на македонскиот национален идентитет во демократска и културна Европа е на Европската Унија. Никаква „креативна фразеологија“ нема да ја оправда ЕУ за прекршување на универзалните и сопствените основачки вредности за слобода на изразување, самоопределување и себеименување ако потклекне пред бугарското первертирање на европските принципи. Прекројувањето на македонскиот идентитет за задоволување на бугарските апетити ќе ја деформира и самата кројка на Европската Унија, чиј шнит требаше да се базира на соработка, уважување, признавање, демократија, почитување на меѓународното право, а не ова што го прават некои нејзини членки, па и самиот Брисел.