Економијата на еврозоната пораснала помалку од очекуваното во првиот квартал од оваа година, забележувајќи анемичен БДП од 0,1 отсто. Во сето ова изненадува искреноста од ЕЦБ, која во своето неодамнешно истражување констатира „дека банките значително го заостриле пристапот до кредити, што може да сугерира дека повисоките каматни стапки почнале да земаат данок врз реалната економија“! Ваквата усогласена „европска монетарна политика“, која беше фокусирана на намалување на инфлацијата преку зголемување на каматите, беше следена и од Народната банка на Македонија
Министрите за финансии и шефови на централните банки на Г7 на последните заеднички разговори во Јапонија се заложиле дека ќе ја доведат инфлацијата под контрола, а наедно ќе им помогнат на земјите што се борат со големите долгови и ќе ги зајакнат финансиските системи. Пораката на финансиските лидери на најмоќните економии е дека на светот му претстои период на нова неизвесност, за што ќе „треба да останат будни и флексибилни во макроекономска политика, во услови на зголемена несигурност за глобалните економски изгледи“. Поточно, на каква „флексибилност“ мислеле гувернерите на народните банки од Г7, ќе се знае во следните месеци. Но тоа што ја засега економската јавност е како тие ќе ја постават макроекономската политика во своите земји, за да го зауздат порастот на цените на храната и на суровините, кој предизвикува многу проблеми за граѓаните и за компаниите. Досегашната монетарна политика, која беше практикувана од американските Федерални резерви (ФЕД) и Европската централна банка (ЕЦБ) и беше насочена кон зголемување на каматните стапки, очигледно не ги дава посакуваните резултати кога станува збор за намалување на инфлаторните притисоци.
Како што е познато, Европската централна банка го започна своето тековно зголемување во референтната каматна стапка од јули 2022 година, кога ја донесе главната стапка од -0,5 отсто на нула.
Оттогаш се направени тринаесетина нагорни корекции, а минатата недела ја зголеми референтната каматна стапка за 25 базични поени, додека продолжува да се бори со растечките потрошувачки цени, при што стапките сега се на нивоа што не се забележани од ноември 2008 година. Одлуката доаѓа откако податоците за инфлацијата објавени претходно оваа недела покажаа дека основната стапка се зголеми на 7 отсто за април. Во исто време, базичната инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата, благо се намали на 5,6 отсто. Последните податоци покажуваат и дека економијата на еврозоната пораснала помалку од очекуваното во првиот квартал од оваа година, забележувајќи анемичен БДП од 0,1 отсто. Во сето ова изненадува искреноста од ЕЦБ, која во своето неодамнешно истражување констатира „дека банките значително го заостриле пристапот до кредити, што може да сугерира дека повисоките каматни стапки почнале да земаат данок врз реалната економија“!
Ваквата усогласена „европска монетарна политика“, која беше фокусирана на намалување на инфлацијата преку зголемување на каматите, беше следена и од Народната банка на Македонија. Ефектот од монетарното затегање, низ призмата на македонската централна банка, е следен: двоцифрена инфлација од 14 отсто, минималното намалување на трошоците на живот во последните три месеци, реалниот раст на БДП забавил, или во просек, за целата 2022 година, економијата бележи реален раст од 2,1 процента. Податоци за првиот квартал од 2023 година упатуваат на минимален годишен раст кај индустриското производство, мал реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, како и солидни стапки на раст кај градежништвото и угостителството! Сепак, Народната банка на Македонија се одлучи за ново затегнување на монетарната политика, преку зголемување на референтната камата за 0,25 процентни поени. Со тоа ја зголеми каматната стапка на благајничките записи на ниво од 5,75 проценти.
Но како и во политиката и во економијата, секоја земја треба да се води од сопствените интереси и согледувања во носењето на клучните чекори за решавање на домашните проблеми. Тоа што недостига во овој момент е колку придржувањето кон политиките на ЕЦБ е поволно за македонската економија на подолг рок. Привремените поволни услови со пониската цена на нафтата и на храната може да бидат само „лажен“ сигнал дека се движиме во вистински правец. Време ли е да имаме пофлексибилна монетарна политика?
Во Србија во последните три месеци инфлацијата се одржува на високо ниво од 16 отсто, но тоа не беше причина нивната Народна банка да ја зголеми каматната стапка. Тоа беше образложено со потребата од согледување на ефектите од претходно спроведените монетарни затегнувања. Очекувањата на оваа институција се дека „инфлаторните притисоци во следните месеци ќе почнат да се намалуваат“. Но клучното влијание го имаше тоа што постепено слабееше надворешниот ценовен притисок, односно падот на цената на енергентите, пред сè на електричната енергија, нафтата и гасот. Клучниот фактор од кој се раководеа при носењето на одлуката беше „да се обезбеди и континуитет на економскиот раст, кој за годинава е проектиран од два до три отсто“. Економскиот експерти од Србија наведуваат дека Народната банка на Србија одлучи да не ја зголемува каматната стапка поради стравот дека ќе го загрози економскиот раст, особено по разочарувачките резултати во првиот квартал од годинава и последниот од минатата година. Која политика е пооправдана е тешко да се каже, затоа што постојат различни економски услови меѓу Македонија и Србија. Но како и во политиката и во економијата, секоја земја треба да се води од сопствените интереси и согледувања во носењето на клучните чекори за решавање на домашните проблеми. Тоа што недостига во овој момент е подлабока анализа колку придржувањето кон политиките на ЕЦБ е поволно за македонската економија на подолг рок. Но анализата да се направи инстантно, темелно, а резултатите да ги имаме до крајот на вториот годишен квартал. Привремените поволни услови со пониската цена на нафтата и на храната може да бидат само „лажен“ сигнал дека се движиме во вистински правец. Изјавите од министрите дека имаме „најниски цени на храната и на горивата“ можат да послужат само за дневна политика, без да има тоа реален одраз врз стопанството, а и врз животниот стандард на граѓаните.