За крај, само една вистинита приказна што ми се случи пред некој ден. Имено, во посета имав гостин од Брисел, личност што котира високо во финансиските институции на Европската Унија. Заедно бевме во посета на неколку фирми што се наши соработници и клиенти, во контекст на едно негово истражување. Во канцелариите на фирмите владееше пријатна температура од некои 21 Целзиусов степен. Меѓу другото, тој носеше часовник со дигитален термометар, кој во еден момент ми го посочи со моменталната температура во канцелариите. Гестот беше проследен со прашање: „Не треба ли да се јавиме кај надлежните служби да ја намалат температурата на 19 Целзиусови степени? Мислам дека повеќе ќе заштедите!“ Патриот, нема што!
Сите ние добро ја знаеме старата народна песна „Послушајте, патриоти“ за тажната судбина на Александар Караѓулев, кој трагично завршува во софиските казамати, песна што ја пееме речиси во секоја пригода. Токму сега, во овој навистина кризен период, изгледа повторно дојде време да се послушаме сите заедно и патриотски да донесеме навистина праведни одлуки. Се разбира, пред сѐ тоа треба да го сторат оние што ги носат одлуките во наше име. Но ајде веќе да се послушаме и да ги послушаме оние што долго време предупредуваат на нешто што од нивното искуство им изгледа реално катаклизмично, а нам, на неискусните граѓани, ни се чини дека проблемот сам ќе се реши или ќе нѐ одмине. А не е така.
Проблемот со недостиг од енергија и енергенти се заканува да нѐ колабира и како држава и како национална економија и како нација! Доколку инстантно не донесеме ефикасни решенија, послушувајќи ги предупредувањата на експертите, ние не само што нема да можеме да се занимаваме со политички прашања и одбрана на загрозувањето однадвор на нашиот идентитет, јазик, култура, историја, туку нема ниту да можеме да дискутираме и работиме на евроинтеграциите, на внатрешните системски реструктурирања, на борбата со корупцијата, на унапредувањето на правосудството, ниту пак на борбата за наредните избори, кога и да бидат… На ништо, нема да може да работиме, ниту да сработиме, бидејќи дефицитот од енергија ќе си го направи своето… Ќе ја згасне секоја активност…
А енергијата е таа што покренува, што движи, забрзува или забавува, и биолошки и техничко-технолошки! Но, ајде де. Како сега неа, енергијата, да ја најдеме? Или, поточно, како сега да се снајдеме, барем за овој зимски период да ја пребродиме кризата, за да не ни умрат и стопанството и, не дај боже, граѓаните?!
Можеби звучи препесимистички, но експертите предупредуваат дека е така, реално – црно. Ама решение – има! Можеби треба да се стегнеме повторно, но важно е дека има излез.
Затоа, послушајте, патриоти: Најпрвин, од понеделник, со почеток на средбите, оние лидерските, енергетиката да се стави во врвот на агендата. Второ, да се тежнее кон постигнување консензус и да се договорат одредени компромиси (да не кажам 4К), во врска со енергетскиот краткорочен (а и подолгорочен) план, кој вклучува и одредени комбинаторики и менаџирања на енергијата што ќе се произведува дома, онаа што ќе се увезува, а и богами онаа што ќе се троши. Во тие комбинаторики, како потрошувачи треба во еден пакет да ги ставиме индустријата и граѓаните, а не да ги делиме. За едните да има, за другите – да си се снаоѓаат на отворен пазар. Зошто делба? Стопанството и граѓаните се интегрален дел на нашето национално ткиво. Тие се неразделно поврзани. Па, ако на индустријата не ѝ отстапиме дел од домашно произведената енергија (предвидена за граѓаните и малите претпријатија), тогаш големите потрошувачи и производители на добра, имено компаниите, ќе згаснат, ќе престанат со работа. Увозната струја е прескапа за нив, па граѓаните што се вработени таму ќе останат без работа. Како тогаш тие без работа и без плата ќе си ги плаќаат обврските во своите домаќинства, макар добивале таму и струја по бенефицирани цени?!
Предлогот е всушност домашната енергија да се користи порационално и да се изврши порамномерна распределба за сите потрошувачи. Да се ослободи дел од домашната струја и таа да се пренамени за потребите на индустријата, за стопанството да си продолжи да си функционира. Можеби и тоа ќе треба да се преструктурира работејќи не во три смени, туку во две, и тоа втора и трета. Но, сепак, да работи. А за граѓаните да плаќаат пониски сметки, можеби ќе треба некакви планирани ноќни рестрикции од неколку часа, а токму таа струја да се пренасочи во третата смена во индустријата.
Патриоти, општеството е жив организам и кога е во криза, му треба енергија на целиот организам за да остане жив. Можеби помало количество енергија, меѓутоа битно е да остане жив додека не дојдат подобри времиња. Формулата не е премногу сложена, пишувавме за тоа, особено последниве денови, во повеќе наврати. Иако расположливите информации деновиве велат дека од увоз ќе се добие поевтина струја, сепак Македонија пред сѐ треба да обезбеди оптимално производство од сопствените извори. Ова, како патриоти, мора да го послушаме, а и да го направиме за нашата држава и граѓани.
И второ, како патриотите од почетокот на колумнава, мора да почнеме да штедиме! Дома, на работа, во јавноста и на секој чекор. Штедењето треба да ни биде како мантра и дома, и на работното место, а и во јавноста – ако забележиме дека има оставено прекуден јавни осветлувања, ако има бесполезна потрошувачка на електрична енергија во институциите, јавните објекти или површини, да сигнализираме. Одговорноста овде е и на поединецот и на семејството, на колективот, ама и на нацијата.
За крај, само една вистинита приказна што ми се случи од пред некој ден. Имено, во посета имав гостин од Брисел, личност што котира високо во финансиските институции на Европската Унија. Заедно бевме во посета на неколку фирми што се наши соработници и клиенти, во контекст на едно негово истражување. Во канцелариите на фирмите владееше пријатна температура од некои 21 Целзиусов степен. Меѓу другото, тој носеше часовник со дигитален термометар, кој во еден момент ми го посочи со моменталната температура во канцелариите. Гестот беше проследен со прашање: „Не треба ли да се јавиме во надлежните служби да ја намалат температурата на 19 Целзиусови степени? Мислам дека повеќе ќе заштедите!“ Патриот, нема што!