Голем број универзитетски професори и политиколози посочуваат дека корупцијата е симптом на неуспехот на поширокиот систем на владеење. Корупцијата не е ограничена на ограничен број сектори каде што се бара мито (јавни работи, инфраструктури, тендери, царини и пристап до јавни основни услуги). Тоа е сложено прашање што ги засега јавните институции и граѓаните, како и различните процеси во едно општество и е главна пречка за постигнување на развојните цели
Во литературата, филмската уметност, театарот и музиката, но и во обичниот говор, честопати се користи поттекстот за пренесување одредена порака што експлицитно не се наведува или прикажува. Поттекстот може да биде особено моќен доколку се употребува симболичен поим за пренесување мисли, ставови или идеи без отворено искажување. Многумина од нас во секојдневниот живот честопати го сретнале овој начин на изразување. Таков пример е кога раководителот ќе ни рече: „Ќе се видиме на состанок во петок“, но всушност сака да ни каже дека: „Треба да работиме уште повеќе и поефикасно, за на наредната (петочна) средба да покажеме конкретни резултати!“ Деновиве целата македонска јавност беше сведок на ваков начин на изразување.
Но за што точно станува збор? Имено, пред неколку дена во македонските медиуми можевме да прочитаме или да слушнеме дека Ангела Агелер, амбасадорка на Соединетите Американски Држави, лично ќе се вклучи во некоја од големите акции за чистењето на сметот (отпадот) во општината Центар. Претходно амбасадорката веќе беше вклучена во акција, заедно со локалните граѓани за чистење/расчистување на некои недолични манифестирани појави (графити, пораки) во главниот град. Тоа се лични гестови на амбасадорката за поздравување и восхит!
Една од главните задачи на секој амбасадор е да одржува добри контакти со институциите и граѓаните во земјата каде што ја претставува сопствената татковина, односно да работи кон подобрување на односите помеѓу државите, во овој случај релациите помеѓу Вашингтон и Скопје. Но активностите на американската амбасадорка се чини дека имаат и многу поширок контекст. Таа на многу мек, културен и педантен начин, во потконтекст нам ни укажува (како на држава, нација, институции и поединци), ни порачува дека е време да почнеме да расчистуваме со сите наши ретроградни и криминални општествени појави.
Пораката беше пратена на многу умешен начин, врвно дипломатски (и со голема креативност) и почит кон државата домаќин во која таа пристигнува како амбасадор: Следете го овој пример!
Во својата историја Македонија примала и дипломати што вршеле притисок, навредувале, па дури и се заканувале…, но ова е нешто друго. Затоа и нејзиниот инстантен потег на почетокот на амбасадорскиот мандат за нејзините укажувања дека на правосудниот систем во Македонија „му требаат повеќе истраги и гонења за да се покаже дека никој не е над законот“, како и за најавата дека Вашингтон испраќа тим во Македонија за поагресивен поглед на корумпираните учесници и сегашни и минати, треба да се протолкува како крајно добронамерен и поддржувачки за Македонија! Очигледна е пораката на американската амбасадорка, односно пораката на Соединетите Американски Држави, кон Македонија како членка на НАТО и како држава што претендира да биде членка на Европската Унија дека мора да преземе сериозни чекори за борба против корупцијата, владеење на правото, зајакнување на институциите.
Но зошто Вашингтон ја испраќа оваа порака? Светските експерти што се занимаваат со оваа проблематика нагласуваат дека корупцијата е поврзана со нееднаквоста, сиромаштијата, дискриминацијата итн., односно корупцијата негативно влијае на човековиот развој и ја зголемува социјалната ранливост. Голем број универзитетски професори и политиколози посочуваат дека корупцијата е симптом на неуспехот на поширокиот систем на владеење. Корупцијата не е ограничена на ограничен број сектори каде што се бара мито (јавни работи, инфраструктури, тендери, царини и пристап до јавни основни услуги). Тоа е сложено прашање што ги засега јавните институции и граѓаните, како и различните процеси во едно општество и е главна пречка за постигнување на развојните цели. Опфаќа злоупотреби од владини функционери, како што се проневера и непотизам, како и злоупотреби што ги поврзуваат јавните и приватните актери, како што се поткуп или изнуда. Корупцијата се јавува и во политичката и во бирократската сфера и може да биде организирана или неорганизирана.
Светските експерти исто така нагласуваат дека корупцијата не може да се решава изолирано, туку како дел од севкупната поддршка на реформските процеси на демократското владеење. Затоа, борбата против корупцијата треба да се спроведе преку консолидација на државните капацитети за преземање на нејзините целосни функции.
Корупцијата е поврзана со геополитичката нестабилност. Државите што се соочуваат со насилен конфликт покажуваат значително повисоки стапки на корупција, а корупцијата, исто така, ги прави државите поранливи на малигно надворешно влијание. Познавачите велат дека стратегиската корупција се разликува од другите форми на корупција по тоа што тие се поддржани, а понекогаш и оркестрирани од државна моќ за политички, а не за економски цели. Со други зборови, Вашингтон испраќа порака за борба против корупцијата и владеењето затоа што Македонија е стратегиски сојузник, членка на НАТО, а постојната корупција во Македонија ја прави нашата држава нестабилна.
Меѓутоа без разлика на интересите на Вашингтон или другите моќни држави, ние како општество треба да разбереме дека се потребни вистински чекори во борбата против корупцијата, затоа што корупцијата ги слабее капацитетите на институциите и егзистенцијално ја загрозува државата.