Деновиве Македонија по многу нешта потсетува на сцените од насловот на филмот „Републиката во пламен“, кој беше снимен по сценарио на Љубиша Георгиевски и Јован Бошковски. И во ситуација кога државата буквално гори и кога голем број земји од соседството, како и Турција, Словенија, Хрватска, иако и тие се соочуваат со големи пожари, настојуваат да ни помогнат во гаснењето на пожарите и со свои хеликоптери, „ер трактори“ и „канадери“, како и посади, кои допатуваа во Македонија за да ни помогнат во гаснењето и справувањето со пожарите, сведоци сме на запаливи и огнени изјави, говори и ултиматуми, од партијата ДУИ и нејзините коалициски партнери во Европскиот фронт. Наместо ДУИ да ги користи своите врски и релации, кои за време на министерувањето на министерот за надворешни работи Бујар Османи ги воспостави во соседството, Европа и во светот, и да лобира за помош на Македонија во гаснењето на пожарите, оттаму, иако на изборите се декларираа како коалиција за Европа, со своите запаливи реторики и пламени говори уште повеќе ги потпалуваат политичките пожари
Старите рекле: Јазикот коски нема, но коски крши. Оваа мудра и паметна мисла не ја кажал ниту некој познат филозоф, ниту пак некој познат мислител. Таа е народна, произлезена од мудроста на народот, остана(ла) да живее на овие простори како таква и трае не со децении, туку со векови и се пренесува од колено на колено. Таа во себе содржи многу мудрост и паметни пораки, кои на тие што се придржувале до неа, ако не им донела нешто добро, не им донела ниту ништо лошо. А историјата нѐ учи дека тие што имале брз јазик, кој бил побрз од мислата, во најголем број случаи се соочиле со доста проблеми и несакани ситуации. И кога станува збор за јазикот, старите и паметни луѓе при своите воспитни и педагошки мерки постојано во воспитувањето на (нај)младите се повикувале на паметната употреба на јазикот и ги учеле добро да се размисли пред да се изговори некоја мисла или пред да се испрати некоја порака.
Но во нашето секојдневие сведоци сме на лошата примена на јазикот како говорен орган на човекот и тој најчесто е користен при искажувањето непромислени, пламени и запаливи изјави или говори и изливи на емоции. Кога тоа го прават обичните граѓани во своето секојдневно однесување тоа и не е толку страшно или опасно, бидејќи во такви случаи последиците ги сносат тие самите. Но кога (зло)употребата на јазикот при обраќањата или говорите ја прават политичарите, и тоа најчесто не во свое име, туку во име на народот, тогаш последиците можат да бидат големи, а понекогаш и несогледливи. Во настојувањето да ги искажат своите политики, во најчест случај, без да размислуваат за последиците, политичарите, понесени од своите најчесто нереални и болни политички амбиции, го користат јазикот во своите пламени политички говори со кои настојуваат да му се доближат на народот или, пак, да го дискредитираат и оцрнат својот политички противник.
Деновиве, кога Републиката е во пламен и кога Македонија буквално гори, сведоци сме на запаливи изјави и изливи на емоции кај ДУИ и неговите коалициски партнери од Европскиот фронт, кои тешко можат да ги изгаснат и „канадерите“ од соседните земји, кои ни дојдоа на помош и имаат огромни габарити за носење вода за гаснење на пожарите. Откако ДУИ по неодамна завршените избори, по речиси две децении власт за првпат се најде во опозиција постојано е во заседание, во јавноста се испраќаат пораки во кои се вели дека, наводно, емоциите кај албанскиот народ биле веќе вжештени и дека тие како партија или коалиција во иднина тешко ќе можат повеќе да ги менаџираат и контролираат незадоволството и наводниот гнев кај мнозинството Албанци, бидејќи, наводно, имало луѓе што веќе чувствувале дека нивниот глас е ништовен. Од коалицијата на Европскиот фронт тврдат дека тие ја претставувале мнозинската волја на Албанците, а не Вреди, која освоила помалку гласови.
– Тука ги преминавте црвените линии и ќе се соочите со отпорот на народот и на секој Албанец. Ова е сериозно кршење на постигнувањата и достоинството на Албанците, и ваквиот чекор нема да помине без силна реакција – се вели во соопштението на ДУИ.
Од ДУИ преку соопштение истакнуваат дека од Вреди го предале Министерството за имплементација на Охридскиот договор и дека сега се подготвуваат да ги дадат и Кичево и Струга.
– Коалицијата Вреди не ја претставува мнозинската волја на Албанците, бидејќи освоила помалку гласови на изборите од Европскиот фронт – порача Бујар Османи, ексминистерот за надворешни работи, кој е дециден дека при состав на владата не може да функционира моделот на „преферирани“ Албанци.
– Сите приватно може да бидеме Албанци, но во институциите нив ги претставуваат тие што ја претставуваат волјата на мнозинството. Ние имавме натпревар со Вреди, тежок натпревар, не беше лесен… И победивме. Чуму таа победа? Зошто луѓето воопшто излегоа на избори? Зошто Албанците одлучија меѓу Фронтот (Европскиот – н.з.) и Вреди, ако нивниот глас е ништовен? Оваа дебата е сериозна дебата. Оваа дебата нѐ враќа на основниот договор помеѓу двата народа. Рамковниот договор воведе механизми за заштита од мајоризација на немнозинските заедници. И ова веќе не е прашање на ДУИ. Ова ќе ги разгневи сите Албанци, поради тоа што тие ќе почнат да чувствуваат дека веќе нивниот глас не важи, дека е ништовен, и тоа ќе отвори многу теми, а такви теми не ни се потребни бидејќи се наоѓаме пред други важни прашања – изјави Османи.
Во ситуација кога државата гори да се испраќаат вакви запаливи, најблаго речено, закани и ултиматуми за дестабилизација на државата во најмала рака е непримерно, па дури и нехумано. Изборите беа и завршија. Граѓаните на Македонија си го кажаа своето. Многу политичари и политички партии што со децении владееја со Македонија сега се опозиција. Како и ДУИ, во опозиција од пред нешто повеќе од еден месец е и нивниот коалициски партнер СДСМ. Откако престана да важи правилото владата да ја сочинуваат победник со победник, кое патем речено први го прекршија од ДУИ, кога направија коалиција со СДСМ, предводена од лидерот Зоран Заев, наместо со победникот на изборите ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер беше Никола Груевски, кога оваа партија се најде во опозиција.
И наместо во ДУИ да ги анализираат причините зошто ја загубија власта и пред сѐ довербата на Албанците и се најдоа во опозиција, тие, повикувајќи се на непишаното правило власта во Македонија да ја сочинуваат победничките партии во македонскиот и во албанскиот политички блок, повторно инсистираат да бидат дел од власта и истата таа да ја практикуваат со партијата на ВМРО-ДПМНЕ, со која беа во жестока политичка пресметка.
Во политиката, односно во демократијата најдоброто нешто е променливоста на власта, која може да биде многу поучна и за едните и за другите и за победниците и за губитниците. Токму променливоста на власта е најдобар начин да се согледуваат слабостите или квалитетите на секоја партија и коалиција. Во Македонија одамна не се почитуваат правилата за состав на владата, за чиј состав единствено повикан и надлежен да ја составува е мандаторот и премиерот.
Пламените говори и изливи на емоции не им донеле многу добро на граѓаните на Македонија. Напротив, слободно може да се рече дека му нанеле и многу штета. Битола е најдобриот сведок на таквите ултимативни и запаливи политики, кои имаа(т) етничка конотација. Палењето голем број куќи во Битола во јуни 2001 година е пример за тоа, кога беше фингиран пожар на заменик-министерот за здравство Мухарем Неџипи, кому му се припишуваше дека е водач на радикалното крило кај Албанците, а сѐ во функција да се мобилизира инструментариум во полн капацитет, за радикализација меѓу Албанците и Македонците.
Со радикални и ултимативни политики, подметнувања, клевети и слично не се решаваат проблемите во државата. Долго време регионот и Македонија како држава беа заложници на минатото. Потребно е сега земјата да се фокусира кон иднината, на патот за кој сите политички партии и коалиции, барем вербално и политички се залагаат, а тоа е патот кон Европа.