Покажете навивачки знамиња, а не провокаторски пароли

Недоразбирањата меѓу земјите во регионот што се провлекуваат, пред сѐ, на политички план, треба да се решаваат на преговарачка маса, преку дијалог, никако на спортските и фудбалските стадиони. Очигледно е дека затаиле многумина, од институциите, до организаторите на натпреварите, а последниот збор кога зборуваме за казните и за суспензиите ќе го има Европската фудбалска унија (УЕФА)

Крајот на фудбалската сезона 2021/2022 во соседството на Македонија го обележаа несакани настани, кои немаат ама баш никаква врска со спортот. На натпреварот меѓу Грција и Косово (2-0) во Лигата на нациите (ЛН), во неделата во Волос, имаше многу инциденти на трибините. Нив ги предизвикаа грчките навивачи, кои интонирањето на косовската химна го „поздравија“ со жестоки свирежи, додека на трибините се вееја многубројни српски знамиња. На социјалните мрежи се појавија и видеоснимки на кои се гледа како грчките навивачи фрлаат факли кон навивачите од Косово, кои на тоа одговорија со провокации на трибините. Еден од фудбалерите на Косово дури побара од судијата да го прекине натпреварот, но тој го одби тоа.

Два дена порано, во петокот, на натпреварот од третото коло во Лигата на нациите, Албанија – Израел (1-2), пред почетокот на натпреварот, на трибините на стадионот во Тирана, каде што неодамна се играше финалето на Конференциската лига меѓу Феенорд и Рома, беше прикажана картата на голема Албанија. Домашните навивачи испратија порака преку карикатура со мотив од „Симпсонови“, со Албанец со пиво во рака како гледа телевизија на која како најнова вест се појавува „Соединетите држави на Албанија“.

И српските навивачи не останаа покуси. На мечот Словенија – Србија (2-2), во Љубљана, во финишот, на теренот втрча еден навивач завиткан со српско знаме, па мораше да интервенира и обезбедувањето. Потоа и еден словенечки фудбалер простачки ги „поздрави“ српските навивачи на трибините.

Три одделни, а сепак многу блиски според „содржина“ инциденти, кои отвораат нови теми и дилеми на овие простори. Очигледно е дека не станува збор за случајност, за изолирани испади (освен во Љубљана, па и за таму не е сигурно) на „млади усвитени навивачки глави“, оти се инволвирани повеќе стотици лица.

Недоразбирањата меѓу земјите во регионот што се провлекуваат, пред сѐ, на политички план, треба да се решаваат на преговарачка маса, преку дијалог, никако на спортските и фудбалските стадиони. Очигледно е дека затаиле многумина, од институциите, до организаторите на натпреварите, а последниот збор кога зборуваме за казните и за суспензиите ќе го има Европската фудбалска унија (УЕФА).
Немам илузии, па да очекувам дека набргу нешто драстично ќе се смени во однесувањето на навивачите на овие простори, од кои многумина се задоени со национализам, па и со шовинизам. Ќе биде потребно многу време да се заборават некои лоши работи од минатото и да се смират страстите. Но јасно како ден е дека спортските арени се последното место за меѓунационални расправии.

На натпреварот од третото коло во Лигата на нациите, Албанија – Израел (1-2), пред почетокот на натпреварот, на трибините на стадионот во Тирана беше прикажана картата на голема Албанија

Во овој контекст како спротивен, како позитивен пример, иако нема директна врска со однесувањето на навивачите на трибините, може да се посочи македонската фудбалска репрезентација, во која има играчи од повеќе националности. Играњето фудбал за Македонија за нив е примарна цел и највисок приоритет, а сѐ друго е во втор план. Во повеќе пригоди го повторуваа тоа поранешниот селектор Игор Ангеловски, посебно пред бараж-дуелот со Косово, за пласман на Европското првенство (ЕП) 2020, па и сегашниот селектор Благоја Милевски, кој честопати ги потенцира другарството и заедништвото во сегашниот македонски состав. Таквиот нивен став се пренесува и на трибините кога игра Македонија, која и поради тоа заедништво бележи добри резултати последниве години.

Национализмот, шовинизмот, па и расизмот на балканските простори имаат подлабоки корени, но се чини како да станаа дел и од националниот фолклор во последните децении. Испади на трибините има и во други земји, да не се лажеме, тие сепак не се локална измислица. Во Велика Британија црните фудбалери честопати се цел на расистички повици од трибините. Не треба да се заборават ниту хулиганите што „царуваа“ на стадионите во Англија во 80-тите години од минатиот век. Но решителноста и репресивните мерки на Владата на тогашната премиерка Маргарет Тачер му ставија крај на дивеењето на и околу фудбалските арени.

Токму затоа, за очекување е дека и УЕФА сериозно ќе се позанимава со последните инциденти и оти со низа мерки, секако и казни, ќе се обиде да спречи следни ескалации. Алармот го вклучија случувањата лани на „Вембли“ пред финалето Англија – Италија, кога во нередите беше избегнат посериозен инцидент, па, за среќа, имаше само полесно повредени.

Проблемот со дивеењето на навивачите не е нерешлив проблем, тоа никому не му носи добро. Надлежните во тие земји може лесно да го решат проблемот. Ако постои волја за тоа.