Регионалниве екстремни национализми, шовинизми и хегемонизми имаат еден заеднички содржател – тоа е постоењето на македонскиот народ и неговите национални особености – јазик, историја, обичаи итн. Кога Македонија прогласи независност во 1991 година, националистичките сеништа од минатото повторно оживеаја. Затоа и слушаме екстремна реторика, која вели дека Македонците се јужни Срби или западни Бугари, а македонскиот јазик е српски дијалект или бугарски дијалект, како и дека македонската држава била создадена како југословенски тампон за поделба на областите населени со Албанци (како што е случајот во неодамнешна колумна објавена на српски интернет-портал). Секако овие тврдења немаат никаква поврзаност со објективната вистина и се идеолошки измислици што служат како алатки за консолидација и контрола на балканските општества
Старите мудреци велеа дека доброто владеење со државата е условено од добрите својства и непорочноста на лидерите, законите, кои се засновани врз принципот на разумноста, и од институциите, кои се насочени кон колективен просперитет. Не случајно, уште во антиката Аристотел тврдеше дека државата е природна институција што произлегува од вродената дружељубивост на човештвото, односно дека човекот по природа е политичко животно, како и дека државата е заедница што им овозможува на граѓаните да ја постигнат највисоката форма на човечкиот просперитет. Со други зборови, филозофите низ вековите нѐ учеа дека државата постои за ги издигне индивидуалниот карактер и заедничката благосостојба преку нудење долгорочни планови и стратегии што се насочени кон развој на заедницата и поединецот. Во оваа смисла треба да го разбереме и укажувањето на Платон дека единствената намена на политиката (политиките) е да обезбеди општо добро за сите граѓани.
Но што точно претставува политиката? Наједноставна дефиниција за политиката е дека се однесува на активности што се поврзани со донесувањето одлуки и владеењето во рамките на една држава или заедница, притоа мора да имаме предвид дека не секоја политика е позитивна. Онаа политика што е планска и систематски насочена кон подобрување на социјалната благосостојба, доброто здравство и образованието, владеење на правото, транспарентност на институциите, инфраструктура поврзаност или го поттикнува претприемаштвото е добра или позитивна политика. Наспроти неа се лошите политики како што е кронизмот кога се назначуваат пријатели на функции без оглед на нивните квалификации или невладеењето на правото што овозможува непотизам или корупција.
Постои согласност дека институционалниот квалитет и управување се предуслови за економски и општествен развој, оттука не случајно Словенија или Швајцарија постојано се меѓу најдобрите светски примери за транспарентност или ефективност на судството. Спротивно од ова се балканските држави, кои се одликуваат со високо нивоа на корупција, слабо владеење на правото и бирократската неефикасност, нешто што негативно се одразува и врз нивното домашно претприемаштво и странските инвестиции.
Во минатото и денес, недостигот од позитивни политики што треба да обезбедат стабилен раст на економијата и намалување на сиромаштијата ја отвора и ја отвораше вратата за разноразни изми, кои беа и се душевна храна за сиромашните граѓани во Софија, Атина, Белград или Тирана. Затоа бугарската радикалната националистичка идеологија се манифестираше во 2005 година кога коалицијата Атака влезе во бугарскиот парламент, а притоа Атака постојано привлекува околу осум до 12 отсто од бугарските гласови, а модерната српска радикална националистичка идеологија манифестира историски ревизионизам. Во Република Грција, финансиската и бегалската криза го поттикнаа грчкиот радикален национализам, што е особено забележливо со метеорскиот подем на Златна зора, партија што се одликува со ксенофобична и насилна реторика. Слично е и во Албанија каде што албанската радикална националистичка идеологија се изразува преку паналбанизмот, голема Албанија и митот за илирски континуитет.
Овие балкански екстремни национализми имаат и еден заеднички содржател, а тоа е постоењето на македонската држава, македонскиот народ и неговите национални особености – јазик, историја, обичаи итн. Кога Македонија прогласи независност во 1991 година, националистичките сеништа од минатото повторно оживеаја.
Затоа и слушаме екстремна реторика, која вели дека Македонците се јужни Срби или западни Бугари, а македонскиот јазик е српски дијалект или бугарски дијалект, како и дека македонската држава била создадена како југословенски тампон за поделба на областите населени со Албанци (како што е случајот во неодамнешна колумна објавена на српски интернет-портал). Секако овие тврдења немаат никаква поврзаност со објективната вистина и се идеолошки измислици што служат како алатки за консолидација и контрола на балканските општества.
Во оваа ситуација најголеми губитници се граѓаните на Бугарија или Србија бидејќи екстремниот национализам нема да им донесе храна на трпезата или нема да им ги плати сметките за струја, со други зборови, тие и понатаму ќе живеат во сиромаштија. Балканските елити треба да разберат дека политиката треба да обезбеди општо добро за сите граѓани, а не да создава лажни перцепции дека планетата Земја е рамна плоча. Што се однесува, пак, до македонската држава и македонскиот народ, тие се реалност што треба да биде прифатена од сите, колку порано толку подобро, затоа што сме биле соседи и ќе бидеме соседи, а соседите си помагаат и соработуваат.