Нашите филмски работници не се опфатени со ниту еден закон. Затоа што во ниту еден сегмент од нашето законодавство не се истретирани, исфрлени се од системот како да не постојат, како да не требаат, како да не заслужуваат… Еден од предизвиците што си ги постави ДФРМ е да се дефинира статусот на филмските работници, што е од круцијална важност за оваа индустрија
Снимање на дожд, на сурови временски услови, со студ во коски и кал до колена, цел ден поминат под отворено небо и пеколни горештини, со изгореници од сонце, ноќни снимања до зори, носење на грб ултратешка опрема од камера, статив, микрофон, светло, батерии, работа во супстандардни услови, барање премин на непристапен терен, поставување студио среде пустелија, прекувремено работно време од 12, 14, 16 часа, силен умор, возење дома со ниска концентрација во доцни или утрински часови, сето ова без никаква заштита, сето ова и уште многу жртви што не се гледаат зад камерата, зад сцената на еден супер снимен филм или серија се дел од пакетот „работа без ниту еден ден стаж“.
Филмската индустрија вработува широк спектар луѓе што публиката никогаш не ги гледа. На десет вклучени директно, следуваат осум индиректно. Во многу случаи, овие луѓе всушност не заработуваат многу пари, a се битни чинители за филмот да излезе на лента. Тука се вбројуваат мајстор на сцена, фар-мајстор, шарфер, гафер, мајстор на светло, гардеробер, асистент-костимограф, а секако и многу актери, режисери, сценаристи, сценографи… Ако сакаш да го работиш ова и да обезбедиш стаж (и пензија, секако), треба да си најдеш и друга професија, или навреме да се откажеш и да се трансферираш во друга бранша.
Нашите филмски работници не се опфатени со ниту еден закон.
Има уште многу нерегулирани професии, небезбедни, неисплатливи, со низа пропусти, без ниту еден ден одмор, со неплатени прекувремени часови, со ситни минути за пауза…
Но заслужува силно ехо и статусот на филмските работници. Затоа што во ниту еден сегмент од нашето законодавство не се истретирани, исфрлени се од системот како да не постојат, како да не требаат, како да не заслужуваат…
Еден од предизвиците што си ги постави Друштвото на филмски работници на Република Македонија (ДФРМ) е да се дефинира статусот на филмските работници, што е од круцијална важност за оваа индустрија. Без нив ниту еден филм не би се снимил, ниту еден проект не би се реализирал, а максимумот што го добиваат е хонорар и статус фриленсер.
Тие можеби не се директни автори во процесот на создавање на филмот, но се важни чинители за секоја филмска продукција.
Игор Иванов-Изи, режисер и претседател на ДФРМ, истакна дека секаде во светот и во сите кинематографии постојат колективни договори и агенции преку кои се решава статусот на филмските работници. Според него, на членовите на ДФРМ, а станува збор за нешто повеќе од сто луѓе, треба да им биде дефиниран статусот. Во минатото тие биле вработувани во „Вардар филм“, а по распаѓањето на Југославија и трансформацијата кон приватни продуцентски куќи, овие луѓе останаа без статус и соодветна поддршка од државата. Со донесувањето на новиот закон за филм, тие се надеваат и очекуваат да биде решено и ова битно социјално прашање во филмската дејност.
Актуелниот закон за филмска дејност, донесен во 2014 година, не е во согласност со начелата на ДФРМ и веќе подолго време затоа тие се залагаат за донесување нов закон, со кој би се стандардизирал националниот буџет за филм и конечно би се решил статусот на филмските работници во државата.
Ова прашање беше потенцирано на четвртото издание на манифестацијата „Златна рамка“, чија цел е промоција и доближување на македонскиот филм до публиката, во организација на ДФРМ, каде што меѓу другото беше ставен акцент на важни теми што го кочат филмот, филмската индустрија, македонската кинематографија…
Една од битните сопки е непостоењето на стандарден буџет за филм. Тоа значи ако една година буџетот од државата е два милиони евра, следната година може да е 1,5 или 1 милион, а со ребалансот на буџетот може и пак да се намали, и филмските работници да се остават на цедило, без однапред предвидените и ветени пари, а нивните проекти да чекаат подобри времиња, подобри услови, или нова гарнитура во министерството, со поперспективни погледи кон филмот.
„Биполарниот“ буџет потекнува од Министерството за култура, секој министер (а сведоци сме дека за пет години се сменија пет министри) има различни погледи, различни приоритети… И некако на нишан секогаш е буџетот за филм.
Во рамките на „Златна рамка“ се одржа интернационалниот филмски форум на тема „Модели на финансирање и легислатива“, на кој учествуваа девет директори на национални филмски фондови и продуценти од осум земји, меѓу кои Србија, Албанија, Косово, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Кипар и Турција, кои ги споделија своите искуства, третманот на филмот во нивните земји… На форумот се разговараше за теми што во другите држави се одамна апсолвирани, но не и кај нас, а тоа е стандардизацијата на буџетите за филм, позитивните и негативните примери на финансирање на филмот…
Хрватска се пофали со буџет од 10,5 милиони евра од државата, Словенија има 6,5 милиони евра и се бори за повеќе. Турција ја поседува најголемата филмска индустрија на Балканот и филмот е високопрепознаен и признаен. Како држава безрезервно се вложува во продукција и промоција на филмот. Грција гордо истакна дека Де Ниро периодов снима кај нив, а одлично искуство имале и со Бандерас.
Ние „кубуриме“ заеднички со Црна Гора, Албанија, Косово…
Ние имаме голем проблем со тоа што кај нас не постои стандарден буџет за филм, па политичките инстанци можат да ја моделираат оваа ставка по свое видување и потреба. Кога се случуваат ребаланси на буџетот, некако наједноставно им е на надлежните да скратат од културата и филмот, а сето тоа може да ја доведе во прашање егзистенцијата на филмската дејност, бидејќи во најголем дел од случаите станува збор за независни продукции, кои зависат од овие пари. А Друштвото бара само стабилен, стандарден буџет и властите да си останат на зборот, да ги одржат ветувањата.
Друштвото на филмски работници предлага ставката за финансирање од буџетот на државата да биде по жител и да бидат воведени одредени даночни олеснувања, како и финансирање на филмот и преку локалната самоуправа.
Филмот кај нас директно зависи од владините пари. Не треба да дозволиме бирократијата да ја кочи уметноста. Потребен ни е широкоаголен поглед кон седмата уметност.
Да не дозволиме филмот и креативата да зависат ребалансот на буџетот, расположението на министрите, владејачката партија, политиката…
Филмот е битна ставка од една држава. Филмската индустрија е рентабилна и носи голем профит, огледало е за една држава, за една култура, народ… Секој влог на државата во филмската индустрија двојно ѝ се враќа, а за да ја докажат оваа теорема филмаџиите, прво треба да им се даде поддршка, пред сѐ финансиска, независна.
Нашите филмски работници се на иста линија со Волт Дизни, тие не снимаат филмови за да заработат пари, туку заработените пари им се за да направат повеќе филмови.