Ако на обичните граѓани, преоптоварени со егзистенцијални прашања, може да им се прости незаинтересираноста за тоа што некој, во нивното име, генерира
неоправдано големи долгови, тогаш политичките елити (и институциите) не би требало и не би смеело да се амнестираат од одговорност за финансиската бездна во која нивните кадри ја втурнаа државата, управувајќи со јавните, државни и општински претпријатија. Треба да се знае оти не е доволно само да се констатира дека досегашниот систем на поставување на партиските кадри на раководни и на управувачки функции не се покажал како исправен и дека треба да се замени со поадекватен. Потребно е и да се лоцираат и соодветно да се санкционираат сите оние што, на разни начини, придонеле кон создавањето на тие долгови, промашувања и загуби…
Срамежливите најави на власта дека управувањето со јавните добра и финансии, под притисок на дел од стручната јавност и на меѓународните фактори, конечно, меѓутоа само делумно, би можело да им се препушти на компетентни лица, наместо на послушни партиски кадри, останаа потиснати длабоко во сенката на актуелните глобални (воени) случувања. Поради сѐ попрогресивниот воен судир во Украина и референциите од тоа, како што се недостигот од енергенти и животни намирници, и растот на цените од потрошувачката кошница, тешко е кај граѓаните да се разбуди свеста за потребата за менување на нештата внатре во државава, кои се од круцијално значење за нивното секојдневно живеење. Дури ни објавите за алармантно високата задолженост на јавните претпријатија, установи и акционерски друштва во сопственост на државата и на единиците на локалната самоуправа, во јавноста не предизвикаа вознемиреност со каква што тие би требало да бидат проследени во едно демократско и освестено општество.
И ако на обичните граѓани, оптоварени со грижите за секојдневната егзистенција, преживувањето во услови на пандемијата и на постојано присутните некакви безбедносни закани, и може да им се прости незаинтересираноста за тоа што некој, во нивното име, генерира неоправдано големи долгови, политичките елити, без оглед на нивните моментални позиции, не би требало и не би смеело да бидат амнестирани од одговорност за финансиската бездна во која нивните кадри ја втурнаа државата.
Треба да се знае оти не е доволно само да се констатира дека досегашниот систем на поставување на партиските кадри на раководни и на управувачки функции не се покажал како исправен и дека треба да се замени со поадекватен. Потребно е и да се лоцираат и соодветно да се санкционираат сите оние што, на разни начини, придонеле кон создавањето на тие долгови, промашувања и загуби и, што е најважно, потребно е конечно да се признае дека тие се резултат на незаинтересираноста, негрижата, непрофесионализмот, нестручноста, клиентелизмот, непотизмот, криминалот и корупцијата.
Склучувањата штетни договори, нетранспарентното располагање со имотите на јавните претпријатија, бруталните прекршувања на правилата на корпоративното управување и целосното подредување на нивното функционирање кон интересите на политичките елити и на кон нив блиските центри на моќ веќе не се исклучок, туку правило на однесување на тие што ги раководат и управуваат. Бројките, со кои се мерат загубите и долговите, се очигледен доказ на наведеното.
И зошто тоа, сепак, не се експлоатира како тема во сеприсутните и секојдневни меѓупартиски препукувања? Веќе и со самиот назив на востановениот принцип на поставувањето кадри на одговорни позиции се доаѓа до одговорот. Споил системот или системот на поделбата на пленот, „грабежот“ договорен помеѓу политичките елити, сосема јасно е изразен во износите со кои се прикажуваат загубите и долговите на јавните претпријатија. И во нивната незаинтересираност да ги сменат нештата.
Се разбира дека тие, декларативно, па дури и на хартија, како што сега е случајот со предлогот за измени на Законот за јавни претпријатија, кој по половина година од неговото доставување конечно почна да се движи низ собраниската процедура, ќе се заложат за промени, но познавајќи го начинот на кој функционираат тие, тешко да се поверува оти, барем во скоро време, ќе биде отворен пат и за негово спроведување во пракса. А одложувањето на промените, за кои никој не може да каже оти не се и повеќе од неопходни, со секој изминат ден, станува сѐ поскапо.
Навистина е неверојатно со каква леснотија, веќе предолго време, се преминува преку назначувањата некомпетентни, па дури и на веќе компромитираните, кадри на одговорни позиции. Кадровската ерозија предизвикана од долготрајниот одлив на мозоци во странство никако не би смеела да послужи како изговор или утеха за состојбата, во која, според повеќе истражувања, голем процент од директорите и членовите на управните и на надзорните одбори на јавните претпријатија немаат соодветно работно искуство и образование за тие позиции, а пошироката јавност нема увид ниту во нивните биографии, ниту во критериумите според кои тие се избрани. А не би смеела да послужи ниту како оправдување за тоа што голем дел од таквите ликови членуваат и во повеќе одбори истовремено.
Јасно дека партиите, и покрај познатите заложби, тешко ќе се откажат од натамошната поделба на пленот и дека, веројатно, ќе ја сменат само формата, но јавноста мора да ги натера да го прават тоа според одредени правила на игра и однапред утврдени критериуми. И, секако, да инсистира на одговорност за евентуални кадровски промашувања и злоупотреби.