Лидерските средби од овој формат за ваква содржина станаа апсурд. Со децении македонската политичка елита со флоскули, но без реални показателства, се обидува да нѐ убеди дека нѐ носи во Европската Унија. А дека не е така покажува и претстојната лидерска средба, која, како и многупати досега, ќе се обиде како на „племенска средба“ параинституционално и паразаконски да го реши она што е со закон и процедури пропишано… И нема потреба од паради на политичките авторитети и продавање политикантство и ПР на граѓаните. Институциите, Уставот, парламентот и законите треба да бидат предмет на највисока почит, а не личностите што во моментот се носители на партиските функции
Денешната лидерска средба можеме да ја замислиме како сцена од холивудски филм, која сме ја гледале пред малите телевизиски екрани или во киносалите – собир на лидерите на некои племиња, кога лулето на мирот е неизбежен декор. На тој начин некогаш, пред стотина-двесте години, кога се немало закони, уредени права и прописи, се уредувале општествените појави, проблеми и предизвици.
А, ете, ние, пак, денес, иако ги имаме и законите и Уставот, сѐ уште анахроните начини за надминување на проблемите и недоразбирањата ги решаваме со заседавање на племенските старешини… Ете, толку сме напреднале во процесот на создавање една функционална држава, која треба да биде втемелена на една правна држава каде што правото неприкосновено владее.
Лидерската средба претставува една обична „закрпа“ на излитената и изабена басма на практикувањето на правно-политичкиот систем во Македонија. Излитен, од неправилна употреба, од негово намерно амортизирање, од со умисла кинење конци за да се распара платното од кое е сошиен нашиот правно-политички штоф. Кројката, замислата е добра, таа е концепт и стремеж на генерации Македонци, но актуелните политичари се расиплива стока, од осамостојувањето до денес. Затоа, со сета почит кон идејата, кон законите и кон посакуваниот и замислен систем. Но не кон лидерите и другите зад нив во првите ешалони, затоа што токму тие го излитуваат „штофот“ поради неправилната употреба. А на лидерските средби, токму тоа се прави.
Тука сосема логично се поставува прашањето – зошто имаме потреба надвор од институциите да се одлучува за законски работи, како што е прашањето за парламентарните избори во Македонија?
Одговорот на ова прашање, секако, се наоѓа во нефункционирањето на државните институции и во непочитувањето на Уставот, законите и процедурите во Македонија. Доколку внимателно ги проследиме нештата во политичкото битисување на македонското општество, неизбежен е заклучокот дека непочитувањето на нашиот устав (како највисок правен акт на македонската држава) и македонското собрание (како највисоко политичко тело, кое има законодавна и уставотворна власт) нѐ доведува до постојната политичка и економска криза. Ова е недозволиво за една современа држава што се надева дека еден ден ќе стане полноправна членка на Европската Унија.
Бидејќи со децении македонските политички лидери нѐ убедуваат дека нашата иднина се наоѓа во Европа и Брисел, тогаш време е лидерите на сите македонски политички партии да започнат да се однесуваат демократски, односно да ги почитуваат законите, Уставот, институциите и процедурите. Мора да разбереме дека во политиката е потребна предвидливост за нештата, особено за предизвиците што стојат пред нас.
Лидерските средби од овој формат станаа апсурд.
Со децении македонската политичка елита со флоскули, но без реални показателства, се обидува да нѐ убеди дека нѐ носат во Европската Унија. А дека не е така покажува и претстојната лидерска средба, која, како и многу пати досега, ќе се обиде на „племенска“ средба параинституционално и паразаконски да го реши она што е со закон пропишано и нема потреба од паради на политичките авторитети и продавање политикантство на граѓаните. Институциите, Уставот, парламентот и законите треба да бидат предмет на највисока почит, а не личностите што во моментот се носители на партиските функции.
На крајот на краиштата, лидерските средби од ваков формат покажуваат дека не функционираат институциите и затоа се дејствува надвор од Уставот, законите и протоколите, нешто што е недозволиво за едно современо општество, држава или нација.