Украина станува сѐ почесто статистика. Од сензација и ужас, преку страв и преголема преокупација, животот надвор од ова подрачје или оние што се граничат со Украина полека си меле со секојдневните проблеми. Скандалите, корупцијата, внатрешните проблеми, дефетизмот во владеењето, па и коронавирусот продолжуваат да си мелат додека во Украина животот станува сѐ поевтин. Во исто време, квазипатриотите и квазилибералите речиси секаде во светот ги водат своите битки преку социјалните мрежи натпреварувајќи се кој може да покаже поголеми мускули во виртуелниот свет додека вистинските проблеми си тежат и даваат своја нијанса на сивилото што многумина го живеат. Она што најмногу во последниот период ги засега барем оние што сакаат да ја дознаат вистината е што се случува со офанзивата на Русија во Украина и што „побогу“ се случи со моќната руска армија, која, нели, требаше и сите очекуваа да се прошета низ Украина.
Иако критиките за планот на руските сили имаат своја оправданост и логика, на терен работите се бавни, ама се менуваат. Русија успеа да ја разурне Украина, полека ги редефинираше своите планови, па од Киев се насочи кон создавање линија што треба да ја подели земјата на два дела и да го стисне најдоброто од Украина, кое е во борбен допир со бунтовниците на Исток. Во реалноста, по сѐ, јас би рекол дека треба да бидеме внимателни кога носиме суд за капацитетот на руските сили поради неколку причини. Тоа се историски, концептот на војување и, секако, бруталноста и жртвата што Русија е подготвена да ги даде кога станува збор за стратегискиот интерес. Во тој контекст, од оперативен аспект операциите и развојот на истите тие може да се гледаат од две перспективи. Прво, дека Русија намерно проектира неспособност. И второ, дека Русија е преценета во процените на ризик од страна на западните разузнавачи и аналитичари. Веројатноста за првата опција се гради врз фактот дека најголемиот мајстор на илузијата Русија и овој пат има план со кој сака да предизвика лажна слика кај противникот за да постигне корист. За ова (ако е точно) има неколку оправдувања. Прво, со тоа ќе предизвика спуштање на гардот, кој во изминатите десетина години се подигна против неа од страна на Западот. Второ, ќе овозможи поголемо изненадување и компензација за секторите во војување каде што се инфериорни. И, конечно трето, ќе ѝ овозможи да мултиплицира ефекти што не би можела да ги постигне ако нема изненадување.
Втората перспектива на оваа опсервација, пак, е дека Русија во голема мера ја има фалинката на најголемиот дел од современата источноевропска воена мудрост заглавена во квазилибералното водство. Со разлика што Русија е заглавена во авторитарноста на императорот. Но во оперативна смисла мириса на сериозен централизиран дефект, во кој буквално „не се знае кој јаде, a кој пие“. Како и во секоја војна вистината е таа што умира прва. Независно дали е точно или не дека началникот на рускиот Генералштаб бил ранет, за оние што не се прскаат само дека разбираат воени операции, туку навистина ја знаат суштината на истите тие како инструмент на моќ, се наметнува прашањето што по ѓаволите барал тој таму кога, нели, Путин назначи нов човек за тоа, генералот Дворников. Тоа, а и од она што може да се види на терен, за мене лично укажува дека втората опција од претпоставката е поверодостојна. Во пракса парадоксот на руската воена моќ во Сирија, па и во Либија го потврдува тоа. Накратко пред да навлеземе во деталната анализа би рекле дека Русија има дел од силите што се мошне добро подготвени и опремени, и еден поголем дел конвенционални сили – остатокот од вооружените сили што е во неповратен дисбаланс со таа елита. Индикаторите, како и овој блам со преклопување на раководењето и командувањето без делегирање одговорност потсетува многу на стариот кородиран начин на командување со централизиран пристап, во кој партијата, во случајот Путин е тој што сака да го има главниот збор во сѐ. Професионалците, во случајот Герасимов, се претворени во „упикувачи“, кои треба да го импресионираат господарот. Додека тоа е добро за подигање на државата генерално, кога ќе дојде до операционализација на еден од столбовите на политичката моќ, не може и не треба лидерот да се меша во оперативата и професионализмот. Без разлика на лошото водство, кое очигледно е залутано во централизам, руските воени сили покажаа или демонстрираа крајно лоша примена на другите принципи на војување. Во пракса на бојното поле – руските сили се мачат со исценирани маневри, привидни би рекле (од типот тргни, па застани), недостиг од развој на лидерство во тактичките ешалони, што е одлучувачко, отсуство на концепт и издржан логистички план за поддршка на операциите, неможност да се координираат и водат заеднички операции воздух – земја – море и континуирана употреба на регрутирани војници во критичните мисии. Од сето тоа, на прв поглед само фактот дека користат регрути би можел да се земе предвид како можност за манипулација.
Сепак, последниот настан, како и загубата на голем број високи офицери, зборува нешто друго. Дека концептот на војување во голема мера пати од дисбаланс на реформи, кои поголемиот дел од конвенционалната тупаница ја оставил на забот од времето. Русија, меѓу другото, во Украина демонстрира и очајна координација на здружено рамниште. Идентично како и во Чеченија, руската воена мудрост ја прави истата грешка на ешалонски пробиви, многу слично како што правеле и римските легии. Овие пробиви треба да овозможат пенетрација во борбените редови на непријателот, ослабнување на крилата и создавање услови за опкружување и уништување. Проблемот со ваквиот концепт (ешелонирање) е тродимензионален. Прво, за да можете да го правите тоа, потребно е да имате капацитет за маневар и да имате одлична синхронизација на смена на силите. Тоа значи да имате сили што го задаваат ударот и сили што се воведуваат од резерва да го продолжат тоа ,но и да го чуваат заземеното. Првите ешалони пентрациски треба да заземат тактички објекти во непријателската тактичка длабочина. Вторите ешалони се тие што треба да го надградат успехот на тактичките клучни точки и да постигнат оперативен успех, заземајќи ги значајните оперативни цели. Второ, за да биде успешен овој начин на војување треба да има децентрализација во раководењето и командувањето. Тоа по сѐ изгледа го нема кај Русите туку – „чекај да видиш кој е поглавен“. Ваквата децентрализација треба да дозволи тактичките носители да го имаат главниот збор околу тоа „како“ ќе се реализира дејството. Врвот треба да каже само „што“ треба да се реализира. „Кој“ ќе го реализира, одлучуваат командантите на здружено тактичко ниво на терен, не партијата. Тие даваат совет и „кога“ ќе се реализира, иако околу последното заради стратегиски императиви е можно да биде назначено од врвот.
Овој концепт заради поставеноста на односите најмногу се применува кога сте во стратегиска дефанзива, најчесто одбрана од агресор.
Алтернативата што ја приспособија Русите во Чеченија е да го правите тоа против бунтовници на сопствена територија. Ваквиот начин на војување е тотален и со многу материјална и колатерална штета – цивили и цивилни објекти што не секогаш се легитимна воена цел. Значи оперативните планови, а со тоа и операциите имаат офанзивен карактер. Сепак, анализата што треба да се направи во оваа насока мора да има своја претпоставка. Таа претпоставка е колкава е цената што Русија ќе биде подготвена да ја плати или во најмала рака да ја издржи. Во тој дух, би рекле дека надвор од матрицата на западната воена мудрост, ако Русија успее да ја издржи војната материјално, значи да има ресурси за тоа, тогаш секоја анализа, како и претходната е ирелевантна. Русија е решена да ги смени поредокот и системот и да му пркоси на либералниот свет. Оттука, дали тие ќе ја добијат војната со многу загуби или со малку загуби во склад со стомакот на неолибералниот свет и толеранцијата за успех, за Русија е ирелевантно. Најголем губитник ќе биде човештвото, бидејќи сѐ што ќе излезе од Украина може да пламне како буре барут. Ако Русија успее да ги бајпасира санкциите и да преживее економски, ќе успее и да ја обои картата на Украина во црвено. Оттука, клучно е како и на каков начин ќе продолжи поддршката за Украина и колку Украина ќе биде подготвена за офанзива, која мора да биде што поскоро. За тоа во наредните писанија.
Методи Хаџи-Јанев
(Авторот е универзитетски професор, придружен професор
на Државниот универзитет во Аризона, САД.)