Осумдесет години подолги од век

Кој е тој ден кај нас што траел сто години? Може секој да се пронајде во таква потрага и да пронајде нешто со такво огромно значење, а 29 октомври 1944 година, кога во Горно Врановци е испечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“, е токму тој ден. Кога првиот чекор е најдолгиот и се мери со мерите на Господ и кога денот трае век. И подолго. Но…

Киргистанецот Чингиз Ајтматов (дел и од наследството на руската литература и книжевност) во 1980 година ќе го објави романот ремек-дело „Денот трае и подолго од век“. Не знам дали е објавен на македонски јазик, но вреди да биде, за да дознаеме зошто еден ден во киргистанските степи може да трае еден век. Од мака ли, од убавини ли или затоа што сакаме да ѝ дадеме значење на можноста да изживееме уште еден ден макар сонцето печело немилосрдно. Кога и сенката од орелот може да ти биде барем привремена заштита и кога двете линии на пругата веројатно одат во бесконечност…
Кој е тој ден кај нас што траел сто години? Може секој да се пронајде во таква потрага и да пронајде нешто со такво огромно значење, а 29 октомври 1944 година, кога во Горно Врановци е испечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“, е токму тој ден. Кога првиот чекор е најдолгиот и се мери со мерите на Господ и кога денот трае век. И подолго. Но…
И мене еден долг чекор ме однесе во далечната Австралија во 1989 година, а тогаш Австралија беше подалеку одошто е сега и тоа нема врска со географијата. Мелбурн е преубав град, каде што речиси постојано дувка или дува ветер, кој некогаш коски ти тресе. Во централниот дел во близината на станицата „Флиндерс“, токму во срцето на градот, имаше едно продавниче нешто како млечен бар, каде што еднаш неделно се чекаше да пристигнат вестите од Македонија (и од Југославија уште нераспадната во таа година). Вестите беа спакувани во „Нова Македонија“, која таму пристигнуваше со летовите на ЈАТ и пристигнуваа по неколку броја одеднаш. Ги купуваш, а потоа дома на раат ги читаш и читаш од првата до последната страница. Тоа беше нашиот иселенички контакт со матицата, со Мајка Македонија. Немаше интернет, немаше речиси ништо на телевизиите за нас, освен најавите дека е готово со Југославија, а контактите беа само преку телефон, за што требаше да се плаќаат огромни суми пари. Тогаш тоа беше скапа работа. А „Нова Македонија“ беше нашиот Скајп или Месинџер од тоа време. Ги дознававме вестите, атмосферата во државата, спортските победи и порази, напред Вардар!, кој починал и нешто многу важно – читавме на современ, чист литературен македонски јазик. Си го чувавме јазикот! Можеби не сме размислувале за оваа извонредна мисија на весникот, кој само пред неколку дена прослави јубилеј – 80 години континуирано печатење, но вреди да се истакне, да се знае дека „Нова Македонија“ и новинарите успеале да го држат запален и врел факелот на македонизмот и тука и таму, на едно од најоддалечените места од Македонија. Дека читателите на весникот имале доверба во пишаниот новинарски збор и дека ја почувствувале важноста на одржување на врските со татковината преку новинарските текстови и дека самиот весник е производ на макотрпна и чесна работа од терен, редакции, печатница.

„Нова Македонија“ имаше своја новинарска школа. Панче Михајлов ни велеше дека имаме новинарски дипломи, но немаме новинарски занает. Па така, врвни новинарски пера ни се ставија на располагање еден период од три месеци да го учиме кај нив занаетот, во таа жешка фурна да го печеме лебот со седум кори. На почетокот беше задолжително да се оди во Архивата и да се читаат стари броеви, за да знаеме кој пишувал пред нас, кој го потпишувал весникот (Родев, Заревски, Шопов, Јасмин, Анте, Панде…), кои биле дописници од светот (Бражански, Павловски, Невенка Митревска, Поп Ѓорчев, Адамчевски, Филиповски, Серафимовски, Гордана Ристевска..), дека се известувало од банкети, но и од бојни полиња (Љубе Профиловски е еден од нив, кој за време на југословенскиот конфликт беше и киднапиран), од револуции со каранфили и со бомби и улични безредија, како што е падот на режимот на Чаушеску и на Енвер Хоџа. Сето тоа е обележано и пренесено на црно-белите страници на „Нова Македонија“, а потоа и во боја, како следење на промените во весникарството.
Иако новинарите го следеа текот на времето и знаеја каде треба да се движат, притоа цврсто држејќи се и бранејќи ги новинарските принципи и етика, политичарите не ја препознаа или не сакаа да ја видат улогата на медиумите, пред сѐ на „Нова Македонија“, како еден гигант и симбол на македонската држава, па дозволија да пропаѓа и да се раскрчмува имотот. Не можам да ја заборавам првата прес-конференција на тогашниот премиер на Македонија, Љубчо Георгиевски, кој по првата посета на Брисел во 1988 година по враќањето веднаш се сретна со новинарите на стариот скопски аеродром при што кажа дека еден од приоритетите му е „Нова Македонија“. За жал, државата ја предаде и продаде „Нова Македонија“, додека не се случи такво нешто со другите големи медиуми и новинарски куќи во регионот. Таков ѝ бил приоритетот.

„Нова Македонија“ е и во зборот македонски и во реченицата и во јазикот македонски и во слогот и ако сакате во везот, во небиднината, во пештерата и во седумте осмини, ритамот низ кој се ткае новинарската приказна на и за „Нова Македонија“. И тоа треба да се зачува!

Па, како тогаш „Нова Македонија“ уште е жива, уште се печати и го држи факелот на Гутенберговата цивилизација запален и овде во Македонија, каде што на прстот на една рака можеш да ги изброиш дневните весници? Многу тешко прашање за еден човек да одговори. Треба сите што ги засега ова да размислуваат каде се погрешило, зошто некој/некои сакал/е да ја снема „Нова Македонија“, да исчезне новинарскиот слог? Со бришењето на гигантот „Нова Македонија“ се бришеа и „Вечер“, „Екран“, „Остен“, „Флака“, „Бирлик“…
Ова опстојување е пример за новинарски непокор и затоа нека им служи на честа на сите што тогаш кренаа глас и излегоа на улиците на Скопје да се борат за нивниот и наш весник. Секоја чест на таа новинарска школа што направи врвни пера, кои потоа новинарското знаење им го пренесуваа и им го пренесуваат и на помладите генерации новинари. И затоа што во Горно Врановци е удрен еден од темелите на македонската држава и се вика слобода на говор, слобода на печат и право да се биде добро, изворно и навремено информиран. Така е, „Нова Македонија“ опстојува затоа што е изградена на цврсти темели, а не на крива нога. Кога ќе се спои тоа со новинарското вјерују, со новинарската страст и битката за вистината поддржана од луѓе на кои тоа им значи и им е светост, тоа е гаранција дека печатницата ќе врти уште мноооогу броеви од весникот, кој е и наш и ваш и на сите низ светот, сега благодарение на интернетот. Тој долг чекор од Горно Врановци сега си доби димензии на глобална приказна раскажана од перата што ја продолжуваат традицијата на журнализмот, проникнат и произлезен од „Нова Македонија“. Дека имало подеми и падови, дека имало кризи и премрежиња, секако дека имало. Затоа сега и причината да се слави и да се верува дека ние можеме да развиваме свое новинарство е оправдана, има смисла и мора да се истакне. „Нова Македонија“ е и во зборот и во реченицата и во јазикот и во слогот и ако сакате во везот, во небиднината, во пештерата и во седумте осмини, ритамот низ кој се ткае новинарската приказна на и за „Нова Македонија“. И тоа треба да се зачува!